Битката со пожарот во Општина Чашка, кај селата Ореше и Богомила, според последните информации од ЦУК, сè уште трае. Во гаснењето на овој пожар, по намалувањето на опасноста во Долнени, е предвидено да се приклучат трите противпожарни авиони „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптер на МВР
И понатаму трае битката на протипожарните екипи и воздухопловите на Дирекцијата за заштита и спасување, МВР и на Армијата со пожарите кои од вчера беснеат на подрачјата на Општина Долнени и Општина Чашка.
Од Министерството за внатрешни работи попладнево соопштија дека по интервенцијата на нивен хеликоптер се локализирани краците од пожарот во близина на селото Долгаец во Општина Долнени. Но, во другите делови тој е сè уште активен и се работи на негово локализирање. Досега на овој пожар хеликоптерот на МВР исфрлил над 25 тони вода.
„Денеска (15.09.2023) Одделот за воздухопловни единици на МВР по добиено барање од Центарот за управување со кризи за гасење на пожар кај селото Долгаец, општина Долнени, го упати хеликоптерот Бел-412ЕП и во координирано постапување со пожарникарите од Територијалната противпожарна единица, локализирани се краците од пожарот во близина на селото. Но, во другите делови пожарот е сè уште активен и се преземаат мерки за негово локализирање. Хеликоптерот Бел-412 ЕП до сега врз пожарот исфрли над 25 тони вода“,
се наведува во соопштението од МВР.
Според информациите на Центарот за управување со кризи, во овој пожар, кој избувна вчера во атарот на селото Црнилиште, а потоа се прошири на два крака – во правец кон селото Долгаец и кон селото Стровија, е опожарена голема површина на уредена шума.
„Во координација со локалните структури, во поддршка на лицата кои гаснат од земја приклучени се еден хеликоптер на МВР и трите противпожарни авиони „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Истите досега направија неколку успешни налети,, со што кракот кој се движи селото Долгаец е локализиран и се пристапува кон негово целосно гаснење. По ова веднаш дејството на хеликоптерот на МВР е ориентирано врз кракот од пожарот кон селото Стровија“,
информираат од ЦУК.

Трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптер на МВР, според последните информации на ЦУК, треба да им се придружат на екипите кои се борат со огнената стихија на територијата на Општина Чашка, кај селата Ореше и Богомила. Таму гори дабова шума и габер.
„Како воздушна поддршка, во координација со силите кои гаснат од земја, е испратен хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија, што веќе неколку пати дејствува на сртот над селата Ореше и Богомила. Таму има ‘гола сеча’ од пред неколку години, но насобраниот отпаден материјал преставува висок ризик за гаснење од земја. Во текот на денот, веднаш, по намалување на опасноста на пожарот во Општина Долнени, трите противпожарни авиони „ертрактор“ и хеликоптер на МВР е планирано да интервенираат во Општина Чашка“,
се вели во информацијата од ЦУК.
Оттаму предупредија дека постои можност овие два пожари од општините Чашка и Долнени да се спојат во еден.
