Лефков, упатувајќи критики кон Филипче, го обвини за манипулација и прикривање криминал и додаде дека декларацијата и темата за мигрантски кампови се обиди само за „спас на криминалите на Заев и Филипче“

Филипче работел на изградба на прифатен центар за мигранти во Македонија, тој е единствен актуелен политичар кој сакал да донесе мигранти, обвини денеска Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Лефков, притоа, на прес-конференцијата покажа документ како доказ за неговите тврдења.
Прес-конференцијата и обвинувањата од Лефков доаѓаат откако темата за депортација на мигранти од Велика Британија во земјава стана повторно актуелна во јавниот дискурс по пишувањата на дел од британските медиуми за наводните преговори меѓу владите на двете земји за примање мигранти.
За оваа тема лидерот на СДСМ, Венко Филипче, деновиве говори на прес-конференции и ја обвини власта на ВМРО-ДПМНЕ дека молчи за, како што кажа, тајните преговори и договори со Велика Британија за депортација на мигранти од островот во земјава.
Според Лефков, Филипче, додека бил министер во владата на Зоран Заев, во 2018 година учествувал во носењето План за изградба на прифатен центар за мигранти во Бардовци.
Како доказ, тој го цитираше „Службениот весник на Република Македонија“ број 16 од 26.01.2018 година, каде, како што рече, во точка 1.6 стои:
„Изработка на државно урбанистичко-планска документација за прифатен центар на странци за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при МВР на КП бр. 35, запишана во Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци“.


Ова, рече Лефков, е поминато на Влада и за тоа Венко Филипче гласал со две раце.
„Овие мигранти кои тогаш Филипче сакал да ги прими, се истите тие мигранти кои сега прават проблеми во Европа. Да не беше притисокот од ВМРО-ДПМНЕ тогаш, денес ќе имаше мигранти во Македонија“,
кажа Лефков.
Според пратеникот, декларацијата и темата за мигрантски кампови се обиди само за „спас на криминалите на Заев и Филипче“.
Лефков упати низа критики кон Филипче, обвинувајќи го за манипулација и прикривање криминал.
„Ваквото манипулаторство значи дека крадецот вели ‘држете го крадецот’, кога човек со сомнителни морални особености се претставува како праведен, а нечесен криминалец се претставува како чесен адвокат на правдата“,
рече тој.
Лефков ја критикуваше и партиската политика на Филипче, тврдејќи дека тој е единствениот политичар кој го спуштил СДСМ на 130 илјади гласови и ја направил партијата петта по големина во Скопје.
Филипче, рече Лефков, организира протест и нуди декларација за непостоечка тема.
„Му препорачуваме да повика на марш за заштита на зимзелените дрва на Марс. Бидејќи, колку што има зимзелени дрва на Марс, толку ќе има и мигранти и тука. Па оттука, нека протестира и за тоа, кога веќе нема друга работа и на ваков расипан, гнасен начин го потценува сопствениот народ“,
додаде Лефков.
Тој побара Венко Филипче јавно да се извини за, како што вели, лажење на јавноста и граѓаните.
