Според податоците кои ги добивме од 10 поголеми градови во земјава, само лани биле исплатени околу 720 000 евра на име отштета поради каснување од куче
Според податоците што по барање на „360 степени“ ги изработи МВР, пред 10 години, во 2013 година, на територијата на цела земја имало 53 пријави за каснување од куче. Следната, 2014 година, пораснале на 72 пријави, па на 133, па на 212, 257, 637, 990, 1 082, 1 323 за лани да стигнат до 1 785 пријави. Или, за 10 години, за 33 пати се зголемил бројот на пријави за каснувања од куче
Секоја година, се чинат се почести поплаките за напади од улични кучиња. Секоја година, се чинат се почести и нападите врз улични кучиња. Антагонизмот на прашањето за уличните кучиња стана и стратешко прашање.
„При следната посета на Брисел, со соодветните сектори, да разговараме за одредена соработка преку ИПАРД програмите, доколку може да се направи некој модел на одреден стационар“,
изјави Ковачевски.
Како нерешавањето на еден локален стана национален проблем?

Чини и справувањето но и отштетите
Првиот чекор за безбедно заловување на улично куче е спријателување. Грижа, љубов и малку храна е формулата што ја користат вработените во струмичка „Лана“, првиот општински стационар надвор од Скопје. Заловувањето е само првиот чекор во процесот на справување со кучињата скитници. По транспортот, кучињата се сместуваат во карантин. Во таа фаза се прават анализи што треба да покажат дали кучето е здраво. Ако се утврди, на пример, дека кучето е носител на некоја пренослива болест, тоа се евтаназира, а доколку сè е во ред – стануваат привремени резиденти на стационарот. Заловените кучиња може да останат само одреден период по кој, доколку не се најде вдомувач, се враќаат на местата од каде што биле заловени.
„Престојот на кучињата во стационарот е ограничен на максимум 30 дена. До овој момент, од вкупно 70 кучиња заловени за околу еден месец колку што работиме активно, имаме вдомено 12 кучиња. Тоа е одлична бројка за почеток, но мислам дека ќе треба да работиме и повеќе на тоа затоа што целта ни е да нема кучиња, т.е да не ги враќаме на локациите каде што се заловени“,
кажа Стојкова-Манолиу.

Тоа што заловувачите работат со полна пареа не значи дека во Струмица нема инциденти со улични кучиња. Но, велат локалните власти, сега се помалку. За проблемот трајно да се реши, според градоначалникот, неопходна е промена на менталитетот.
„Се случува граѓани кои го чуваат одреден период кучето – може да е расно куче тоа, после некој период, за жал, морам да потенцирам, им здосадува или не сакаат да го чуваат или немаат услови да го чуваат, па ги пуштаат на улица. Но, се случува и кучиња од други општини и од околни, но и подалечни општини да ни носат кучиња со комбиња, со камиони. Такви појави имаме“
вели Костадинов.

720 000 евра за каснувања од куче
Струмица беше еден од вкупно 14 градови во земјава од каде побаравме податоци – колку пари годишно исплаќаат за каснување од кучиња.
Во 2022 година, очекувано, најмногу пари исплатил Град Скопје, околу 400 000 евра. Второ е Кичево, со исплатени околу 110 000 евра, а близу зад него е Велес со 96 000 евра. Заедно со уште седум града од кои добивме одговор, само лани биле исплатени околу 720 000 евра на име отштета поради каснување од куче. Во таа бројка не се вклучени Тетово, Гостивар, Струга и Охрид, од каде не добивме податоци, иако побаравме.

Доколку, пак, исплатените суми се поделат со бројот на жители, Кичево избива на прво место. Оваа општина лани потрошила по 171 денар по глава на жител за каснување од кучиња. Втор е Велес, кој потрошил 122 денари по жител, а Град Скопје е трет со многу пониски – 47 денари.

Кичево е преплавено со улични кучиња, па оттаму логично е зошто жителите не се задоволни од пристапот на локалните власти..
Па досега не гледам нешто да е преземено. Мене лично ме имаат нападнато кучиња.
Не се решава проблемот со кучињата, а треба да се реши проблемот.
Проблем, вака, невиден проблем, внучето ми го укасаа па по доктори ваму-таму.
Градоначалникот е свесен дека општината но и државата во моментот ја губат битката со проблемот со уличните кучиња, но смета дека може и мора да се преземат конкретни мерки за намалување на бројот на кучиња скитници на градските улици.
„Се надевам дека нема да останеме овде, туку дека ќе успееме да изведеме проект или сами како општина или во соработка со друга општина. Во конкретниов случај, чекам на соработка со општината Македонски Брод, а воедно изразивме подготвеност како општина да го доставиме нашиот готов нацрт проект но и да го покриеме финансиски овој проект. Единствено ни е потребно од Македонски Брод да ни обезбедат локација за стационарот“,
вели Дехари.

Во Велес, вториот град со најмногу исплатени пари по глава на жител за каснување од куче, почнале да водат одвоена статистика во 2016 година. Таа година исплатиле околу 1 100 евра. Секоја година ставката растела за лани да достигне 96 000 евра.
„Место овие пари ние да ги дадеме во подобрување на образованието во основните и средните училишта, подобрување на основната инфраструктура, водовод, канализација, патишта, ние ги даваме за исплаќање на овие физички лица и адвокати“,
изјави Колев.

На градоначалникот можеби не му се допаѓаат високите суми за отштета, но низ градот може да се забележат кучиња речиси на секој чекор.
Кучињата ги има превише, додуша не напаѓаат многу ама не се решава проблемот.
Ако не си агресивен спрема нив, ако си мирен, они не те задеваат.
Мене еднаш ме нападна куче, еве уште имам белег.
Не напаѓаат, еве сега едно на пешачки помина, значи тоа е знак дека има повеќе памет од човекот.
До пред некоја година Општина Велес се обидуваше да ја контролира популацијата на улични кучиња преку договор со приватен стационар. Сега решението се гледа во заеднички стационар за целиот Вардарски регион.
„Се договоривме и тој стационар да биде финансиран од страна на општините, да имаме таму и стручни лица односно доктори и служби кои ќе се погрижат за оваа проблематика, која нема да се реши само со изградбата на стационарот но многу ќе помогне во делот на намалување на кучиња кои се наоѓаат моментално во Велес, Кавадарци, Неготино и Свети Николе“,
вели Колев.
Лани секој ден по пет каснувања од куче
Велес и Кичево предничат по висината на отштетите, но проблемот со кучињата скитници е на ниво на целата држава. Според податоците што по барање на „360 степени“ ги изработи МВР, пред 10 години, во 2013 година, на територијата на цела земја имало 53 пријави за каснување од куче. Следната, 2014 година, пораснале на 72 пријави, па на 133, па на 212, 257, 637, 990, 1 082, 1 323 за лани да стигнат до 1 785 пријави. Или, за 10 години, за 33 пати се зголемил бројот на пријави за каснувања од куче.

Управувањето со уличните кучиња е услуга што за граѓаните треба да ја обезбедуваат општините, но од трендовите е јасно зошто и премиерот се вклучи во дебатата и тоа со изјава дека ќе бара помош од Брисел. На нашите прашања, има ли нешто конкретно од таа најава, добивме одговор дека Министерството за локална самоуправа веќе одвоило пари за изградба на регионални стационарни центри за Вардарскиот и за Полошкиот регион.
„Со изградбата на стационарот во Вардарскиот плански регион се решава овој акутен проблем за 150 илјади граѓани во девет општини од планскиот регион. Според податоците со кои располага Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, проценка е дека има од 1 200 до 1 600 бездомни кучиња во регионот. Стационарот ќе биде лоциран на парцела во Општина Кавадарци, а ќе се згрижуваат кучиња од сите 9 општини во регионот“,
велат од Владата.
Владата ќе им помага на општините од сите плански региони да изградат регионални стационари, но локалните власти прво ќе треба да изработат барем проекти. Според активистите за заштита на правата на животните, пак, тој пристап нема да реши ништо.
„Да се сопре приливот на кучиња, е тогаш ние можеме да размислуваме за отворање на стационари, за масовна стерилизација на бездомните миленици и да очекуваме дека за година до две со стратегијата „Залови, стерилизирај, врати“ треба да се примети некакво подобрување по улиците. Доколку институциите не поработат на причинителот на проблемот, 100 стационари да отвори ЕУ, не знам кој да дојде нема шанси да се реши комплетно“,
кажа Бошковска-Георгиевска.

А проблемот со прилив на улични кучиња, вели Бошковска, може да реши само ако државата конечно почне да ги контролира и сопствениците на кучиња и нелегалните одгледувачи.
„Законот сега и вака и така е прилично солиден, но имплементацијата негова на терен е можам да кажам еднаква со нула. Институциите затајуваат зошто ако ние немаме кој да го контролира неодговорниот сопственик, јас тоа го споредувам со МВР да не контролира на улица дали некој вози со возачка или не, така и ова никој не го контролира, дали вие вашето куче го имате чипирано, дали се размножува, дали ги продавате и слично“,
вели Бошковска-Георгиевска.
Ако за нешто постои согласност, тоа е дека мора да се преземат брзи и сериозни мерки за да се стават под контрола бездомните кучиња. Тие ќе чинат, но цехот за отштети на некои места веќе е поскап и без да се земе предвид мирот и на луѓето и на животните.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.