Во земјава има се повеќе работници од држави како Непал, Бангладеш, Шри Ланка, но побарувачката е далеку поголема. Агенциите се жалат на законската регулатива поради која речиси е невозможен увозот на работна сила од земјите каде работната рака е поевтина од Северна Македонија
Најголемиот недостаток е во дејности за кои не е потребно образована работна сила. Агенциите и работодавачите тврдат – тоа се позиции за кои повеќе нема работници во земјава
Врвулица од туристи – вообичаена слика за Охрид уште на почетокот на туристичката сезона. Стотици Холанѓани веќе се во Охрид, а тука се и другите традиционални туристи од Србија, Бугарија и Турција.
Но, освен од блиските земји, наидовме на посетители и од други континенти.
„Имам 37 мексикански туристи позади мене, јас сум нивниот тур-кооридинатор. Одиме да го најдеме нивниот локален водич“,
вели еден водич.

Групи луѓе од различни далечни дестинации не се новитет за охриѓани. Но, покрај туристите, низ градот се повеќе се слуша дека има и такви кои се дојдени со план да останат на работа. И тоа не од каде било, туку од Непал, Бангладеш и Филипини.
„Имам слушано, јас не сум ги видел, таму викаат во ‘Корнер’ имало, рибниот ресторан тука мислам ги има. – Што работат најчесто, сте слушнале? –Угостителство. Шо знам, мајстори за храна, за носење, за тоа работат. –Како се прифатени од средината, вие би ги прифатиле ли? – Мене не ми сметаат, секој што доаѓа да работи е добредојден, како да речам, се мачи човек“
вели еден граѓанин.

„Има од Филипини, знам баш три жени кои се омажија овде и се охриѓани, а за машки не знам“
посочува една охриѓанка.
„А не знам, тие се угостители, ете. – Не сме ги виделе. -Не сте ги виделе, а има? Има да, по хотеливе има.“
вели граѓанин од Охрид.
Ако многумина во Охрид слушнале за работниците од југоистична Азија, а се уште тврдат дека не ги виделе, тогаш каде работат и каде се сместени овие луѓе, проверивме во десетина локали низ центарот на Охрид. И речиси секаде го добивме истиот одговор.

Причината поради која се речиси невидливи е што поради слабото познавање на англискиот јазик, овие работници се најчесто ангажирани во позадина – во кујна или за чистење и одржување на хотелите. Дел од сопствениците, зад камера, велат дека се задоволни од новите работници, а еден сподели и непријатно искуство – во еден од рестораните на крајбрежјето тројца работници од Непал побегнале уште првите денови.
На изјава во камера се согласија само од хотелот „Олгица“.
„Како и останатите наши колеги, како и останатите објекти на охридско-струшката ривиера и ние побаравме услуга од една од агенциите што нудат работна сила и досега имааме само еден вработен во нашиот хотел. Тоа е една млада девојка која е од Непал и која работи како собарка. Засега сме задоволни од нејзината работа и она што го покажа,“
вели Крсте Голабовски, менаџер за маркетинг во хотелот „Инекс Олгица“.

Според Голабовски, добредојден е кадар за неколку работни позиции во нивниот хотел.
„Со оглед на лојалноста која ја имаме на вработените и оние сезонски работници кои со години знаат да дојдат и да работата во нашиот објект очекуваме претпоставувам, не повеќе од десетина вработени и се надеваме дека до крајот на овој месец и ќе пристигнат.
–За кои работни позиции?
Обично се тоа за работни позиции како собарки, помошници во кујна, тој дел е она каде што ни треба најмногу помош“,
вели Голабовски.
Но, ниту во „Оглица“, ниту во другите објекти не ни дозволија да ги снимиме вработените од далечните азиски земји. Со тоа не добивме шанса да ја слушнеме приказната на луѓето чии домови се оддалечени по 6, па и 7 000 километри од Охрид, по воздушна линија. Дел не дозволија снимање поради договорите со агенциите, други, пак, поради лошото искуство со околината и општеството, кое тешко ги прифаќа овие луѓе.

Потврда за тоа се реакциите на социјалните мрежи на објави на медиумите на оваа тема.
„Ќе донесат болест овие“
„Оф леле ѓупска држава станавме“
„Увезените зетовци да им станат, внучиња од нив да си дочекаат и по дома голи да им шетаат. Нашите деца ги протераа да работат низ белиот свет, а сега работници увезуваат.“
„Ќе ми готви некој од Непал и јас ќе јадам. На телевизија што ги гледам не можам да јадам два дена, а не пак во живо. Келнер од Непал ќе ми дојде на маса? “
се дел од коментарите на социјалните мрежи.

Ксенофобичноста во општеството е проблем и за работодавците, но и за агенциите кои посредуваат при вработување. Сопственикот и генерален менаџер на агенцијата „Коузон“, Зоран Кочоски, вели дека тоа е една од причините што ги одвраќа стопанствениците да ангажираат странска работна сила. А причина плус е и регулативата во земјава.
„Законот со кој се третира областа за која ние разговараме, е закон за престој на странци. Кој е повеќе полициски закон, не е економски закон. Вие имате нелогичности во одлуките на државните институции, пред се на еден дел од полицијата, каде ви одбива увоз на работна сила за кои не постои никакава опасност дека тие луѓе ќе избегаат од Македонија или дека нивната намера да дојдат во Македонија не е да работат. Ќе го споменам еден од примерите, ние бевме одбиени од страна на државните институции за група од 42 жени кои требаше да дојдат да работат од Шри Ланка во компанија која се наоѓа во околина на Тетово,“
вели директорот на агенцијата „Коузон“.

Според Кочоски, проблем е што државата нема донесено ниту стратегија за интеграција на странска работна сила, а се соочуваат и со обемна документација што го отежнува процесот на носење работници. Понудите најчесто доаѓаат за неквалификувана работна сила од држави каде луѓето работат за 100 долари месечна плата.
„За вие да донесете обичен работник, треба да обезбедите толку документи и докази како да треба да вработите научник од нуклеарна физика. Дел од државите за кои веќе споменав дека се прават напори да се донесе работна сила, нивниот систем не е компатибилен со она што ние го имаме тука. И најчесто, најголем дел од работната сила завршува четврто одделение основно образование. Ретко кој има осмо завршено или можеби добар процент имаат осмо завршено но немаат средно. А со постоечкиот закон, државата вас ви бара да доставите документ за стручно образование на средно ниво“,
посочува Кочоски.
Дозволите за престој на странци ги издава Министерството за внатрешни работи по претходно добиено мислење од Агенцијата за вработување.
Според податоците оттаму, секоја година се зголемува бројот на барања за издавање на работни дозволи. Во 2020 имало 3 672 барања, за веќе лани да достигнат до 6 491. Само за првите пет месеци од годинава има 2 971 барања, што значи дека трендот веројатно ќе продолжи.

Квотата за странци, до мината година, изнесуваше 7 000. Од јануари, таа е зголемена на 20 илјади. Тоа е една од мерките на претходната влада, вели доскорешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи. Според него, тие успеале да направат одредени олеснувања, но останала потребата за измени на регулативата.
„Законот за странци ќе треба секако да претрпи сериозни измени. Таму има еден сегмент кој што е поврзан со безбедноста и безбедносните служби. Ќе треба да дадат предлог како сето тоа да се олесни за да се направи поефикасен начинот на проверката затоа што често тесно грло се појавува во проверките на луѓето кои што доаѓаат во државата. Но, сметам дека од економски аспект е неминовно дека овие промени дека ќе мора да бидат направени затоа што пазарот, економијата изискува работна сила и овде не е супститут на домашната работна сила, ова треба сите да го знаат“,
вели актуелниот пратеник и доскорашен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.

Зошто досега тоа не го направиле и покрај најавите од пред уште една година дека ќе се носат работници од Непал и Бангладеш, Битиќи вели:
„Склоп на многу фактори. Но еден од факторите за жал не само од администрацијата, туку и пошироко од јавноста е отпорот кон промени. За жал со висока стапка на невработеност како што имаме ние овде но каде што причините или ако ја видите структурата на невработеност не се совпаѓа со потребите на пазарот на труд, неминовно ќе биде на кратки стази, увоз на работна сила. И сметам дека наредната влада ќе има сериозен предизвик да поработи на отпорот на кој ние наидовме на различни сегменти за да се направат целосните законски измени“,
посочува Битиќи.
А додека се анализира како да се реши увозот на странска работна сила, на стопанствениците им останува да се снаоѓаат, како знаат и умеат да си обезбедат кадар.
„Тоа доведе до хаос да секој од улица се фали дека носи работници од странство. Работењето со човечките ресурси е област која во западниот свет е издигнато на највиоско можно ниво, а кај нас се сведува на пазар. Да не кажам пазар на жива стока“,
вели Кочоски.

Според податоците од Агенцијата за вработување, најмногу странски државјани во земјава има од Турција, Непал, Бангладеш, Косово и Србија.
За кадарот од околните земји, се чини, нема отпор меѓу локалното население.