Кумановци го поминуваат најдолгиот полициски час, а бројката на заразени со коронавирус, според последните официјални податоци од денеска се искачи на 114 пациенти
Голема е побарувачката за достава на намирници до домовите на кумановци, кои имаат забрана за движење поради 56-часовниот полициски час. Екипата на „360 степени“ регистрираше комбе на еден од поголемите маркети, кое тргна да достави намирници на барање на жители до нивните домови.
„Побарувачка има за сѐ и сешто. Месо, сокови, од пилара нешто итн… Од вчера почнавме да вршиме достава и ќе работиме во две смени до 22 часот. Исто ќе продолжиме и од утре, интересот е голем“,
велат за „360 степени“ од маркетот „Тинекс“ во Куманово, кои вршат бесплатна достава со сметка над 1 000 денари.
Обезбедувањето храна за кумановци за време на 56-часовната забрана за движење, доаѓа откако Владата го задолжи општинскиот кризен штаб да подготви листа на маркети за снабдување со најосновните намирници.
Шест дежурни маркети се пријавиле за достава на производи, а општината ги објави и нивните броеви, за граѓаните да можат да се договорат за набавки.
Во аптеките викендов се барале најчесто антибиотици за итни болнички случаи, но во мала бројка.

Жителите на територијата на општина Куманово се во самоизолација од петокот, откако Владата овде прогласи полициски час до понеделник до 5 часот наутро. И во работните денови, за разлика од другите градови, наместо од 21 часот, полицискиот час во Куманово ќе почнува порано, од 16 часот и ќе трае до 5 часот утредента.
Со последните официјални информации од денеска, бројката на заболени од ковид-19 во Куманово се искачи на 114 пациенти.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој по потекло е од Куманово, апелираше со своите сограѓани да останат присебни, нагласувајќи дека нема потреба за паника поради полицискиот час.
„Ова е тешка, рестриктивна одлука, но неминовна да се донесе за да го спасиме животот и здравјето на граѓаните и да го пресечеме патот на ширењето на вирусот“,
рече Спасовски.