Со вториот круг на локалните избори, општините Куманово, Тетово и Центар добија градоначалници. Но, во пракса, приказната не е завршена. Што ако Максим Димитриевски, Биљал Касами и Горан Герасимовски станаа градоначалници, ако не обезбедат мнозинство во советите? А советите во Куманово, Тетово и Центар се толку шаренолики што ќе биде потребна не само голема преговарачка умешност туку и замижување пред некои принципи за да се состави мнозинство, но и да се одржи четири години.
Во Куманово, најмногу советници освои СДСМ – 10, па независната листа зад која стои ново-стариот градоначалник Максим Димитриевски, „За наше Куманово“ со осум места. ВМРО-ДПМНЕ освои седум мандати, ДУИ – четири, коалицијата АА/А – два, а ЛЕВИЦА и БЕСА по еден советник.
За мнозинство во Куманово се потребни најмалку 17 од вкупно 33 советници. Владејачките партнери, СДСМ и ДУИ, заедно имаат 14, а и тешко е да се надеваат или да имаат амбиција за поддршка од друга листа. Единствената логична комбинација е листата зад која стои Максим Димитриевски да коалицира со довчерашниот ривал – ВМРО–ДПМНЕ и со барем уште една партија.
Димитриевски не крие дека преговара со ВМРО-ДПМНЕ, па го прашавме – колку би била здрава соработката со таа партија кога, на пример, токму тој беше еден од жртвите на настаните од 27 април во Собранието?
„Во ниту еден момент не ги нарушив принципите, а бев сведок се аплицираа и амнестираа луѓе делумно од политичкиот свет, а не сите. Бидејќи немаше да имам против доколку беа амнестирани и сите. Едноставно православието учи на прочка. Но, едноставно, бевме сведоци на многу непринципиелности во минатото од страна на носителите на највисоките државни функции. Зошто тогаш таквите прашања не ги поставувавме директно на нив, а денеска кога јас сум кандидат на граѓаните за мене е проблем да правам какви било коалиции кои за некого се непринципиелни. Моите идеолошки определби се едно, но сепак мора да ја следам заложбата и волјата на граѓаните на општина Куманово“,
вели градоначалникот Максим Димитриевски.
Симпатиите или прагмата, се чини, дека се двострани. И советниците од ВМРО-ДПМНЕ немаат ништо против да коалицираат со советниците на довчерашниот противник Димитриевски. Нема ништо непринципиелно, велат, бидејќи главен бил интересот на граѓаните.
„После првиот круг највисоките органи на партијата на ВМРО-ДПМНЕ заседаваа и донесоа одлука и дадоа насоки да се поддржат кандидатите што се спротивни на кандидатите на Социјалдемократскиот сојуз. Во Куманово тоа беше господинот Максим Димитриевски и преговорите одат во таа насока. Во однос на прашањето колку е принципиелна, јас сметам дека не треба да се навлегува и да се разговара за принципиелноста на коалицирањето од причина што фокус на нашиот интерес е и добробитта на Куманово и сограѓаните. Ако таа коалиција ќе значи подобро Куманово зошто да не“,
вели советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Елена Доцевска – Божиновска.
И да коалицираат листата на Максим Димитриевски и ВМРО-ДПМНЕ, сепак, ќе им недостасуваат два советника за мнозинство. Најлогична е опцијата тоа да бидат двајцата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, но од оваа коалиција ни изјавија дека се уште е рано да се говори за мнозинство во Советот. Теоретски, мнозинство би имало и ако во локалната коалиција влезат советникот на БЕСА и на ЛЕВИЦА, но прашање е како ќе кохабитираат.
Тетово е уште една општина во која ќе треба под тепих да се стават многу ривалства, во име на мнозинство наклонето на новиот градоначалник – Биљал Касами од БЕСА. Таму, дури седум листи освоија места во општинскиот совет.
Најмногу советници освои ДУИ – 10, па БЕСА осум, ВМРО-ДПМНЕ четири, а Алијанса за Албанците/Алтернатива три. По двајца советници имаат ДПА, СДСМ и независната листа „За подобро Тетово“.
За мнозинство во Тетово се потребни најмалку 16 од вкупно 31 советник, а клучот е кај независната листа „За подобро Тетово“. Зошто?
ДУИ, иако освои најмногу советници, заедно со партнерите на централно ниво СДСМ и ДПА, би стигнале до 14 советници, двајца помалку од потребното. Ако, пак, БЕСА на Касами се договори со партиите што им дадоа поддршка во вториот круг, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса/Алтернатива, ќе собере 15 советници, еден помалку за да има мнозинство. Така што, без независните, нема мнозинство.
Касами тврди дека работата е завршена, ама во четвртокот не кажа со кого се договорил.
„Ние веќе имаме обезбедено мнозинство. Јас имам кажано дека моја заложба ќе биде сите советници во советот да бидат на реализација на проектите и се надевам дека ќе имам нивно разбирање затоа што сите сме претставници на граѓаните. Јас ќе бидам на служба на граѓаните и се надевам дека сите советници ќе бидат“.
– Со кои партии?
Со сите советници во општинската администрација. За нас е многу важно и дека тие се претставници на народот, тврди градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Се јавивме во Алијанса за Албанците/Алтернатива, но оттаму не сакаа да го коментираат мнозинството за кое говореше Касами. Од клучната, независната „За подобро Тетово“, велат дека засега никој не ги побарал за преговори.
„Ние се уште немаме никакви преговори со никој од политичките партии или другите екипи кои се во советот. Секој договор или дополнителни разговори бараме да се спроведат исклучиво писмено, и ние советот и мнозинството ќе го направиме внатре во советот. Не надвор во тие врати“,
вели Хамди Сујелмани, советник од иницијативата „За подобро Тетово“.
Единствени што потврдија преговори за мнозинство се од ВМРО-ДПМНЕ. Не само што велат дека очекуваат наскоро да се официјализира соработката со БЕСА, туку и дека во тоа мнозинство ќе влезат и независните, а не е исклучено и СДСМ.
„Апсолутно сметам дека формирањето на мнозинството не е големо прашање затоа што има неколку опции за формирање на тоа мнозинство и пред се како што ви кажав многу поважно е тоа мнозинство што ќе го работи во иднина. Нема да има блокада во советот, тоа е многу важно. Ќе се формира мнозинството за многу брзо тука се двата советници од независната листа, тука се можеби советниците на СДСМ, има и други советници од ДПА така да се надевам дека мнозинството ќе биде формирано набрзо се во интерес на граѓаните“,
изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Вељановски.
Од СДСМ потврдија дека се отворени за разговори.
„Нас интересот и фокусот ни е подобрување на работењето за граѓаните во Тетово конкретно. И добробитта на граѓаните на Тетово. Во дел на изборните коалиции на централно и на локално, ниво ќе се водиме пак од нашиот фокус на интересите на граѓаните. Тоа што е подобро за интересите на граѓаните кои што не’ гласале“,
вели советникот од СДСМ.
Уште една општина каде клучот за мнозинството го држи независна листа е Центар.
Во новиот совет, СДСМ има 9 советници, ВМРО-ДПМНЕ 7, независната „Шанса за Центар“ 3, Левица 3 и еден советник има ЛДП.
За мнозинство во 23-члениот совет се потребни најмалку 12 гласа. Природната коалиција СДСМ-ЛДП брои 10 советника, а исто толку имаат и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица. И едните и другите не можат без „Шанса за Центар“.
Но, за разлика од Тетово и Куманово, независните од Центар велат – нема да коалицираат со никого.
„Не планираме да влегуваме во никакви политички коалиции со партии. Уште од почеток на нашата иницијатива намерата беше да дејствуваме самостојно практично и во советот да работиме тема по тема. Околу некои теми јас сум сигурен дека ќе најдеме заеднички јазик можеби со сите партии. Околу една можеби со една или со друга страна. Но, во секој случај, не би се ограничувале со никакви коалиции со една партија и со една страна во советот само, туку ќе останеме отворени за сите конструктивни и аналитички издржани предлози од сите страни. Претпоставувам дека таков однос ќе имаат и другите кон наши предлози“,
вели Јане Димески од „Шанса за Центар“.
Ставот на Димевски значи дека во следните четири години, градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, ќе мора да ја има наклонетоста на независните советници за да му поминуваат одлуките. Максим Димитриевски во Куманово секако ќе ја ужива поддршката од своите независни советници, но останува да се види како социјалдемократот ќе се носи со коалицијата со десницата. Најжешко, се чини, ќе биде фотелјата на Касами. БЕСА ќе мора да подели голем дел од општинскиот колач за мнозинство, а тој секогаш ќе биде лесно расиплив.