Во насока на кандидатурата за градоначалник, Кулеба е убеден дека Османи ќе им служи на граѓаните на Чаир со највисок квалитет, интегритет и посветеност, оти така работел и на претходните функции
Поранешниот министер за надворешни работи на Украина, Дмитрo Кулеба, денеска упати порака со поддршка за поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, како кандидат за иден градоначалник на скопската општина Чаир од „Националната алијанса за интеграција“.

Кулеба во видеопораката го опишува Османи како човек со високи квалитети, кој посветено му служи на својот народ.
„Бујар Османи е мој пријател кој ја водеше вашата дипломатија додека јас бев министер за надворешни работи на Украина. Го предводеше ОБСЕ за време на македонското претседавање со оваа организација. Тој е познат политичар и сигурен сум дека го почитувате, исто колку што и јас го почитувам“,
вели Кулеба.
Поранешниот шеф на украинската дипломатија рече дека го запознал Османи во најтешките моменти од руската инвазија врз Украина и токму тогаш ја видел неговата човечка и политичка големина.
Во насока на кандидатурата за градоначалник, Кулеба е убеден дека Османи ќе им служи на граѓаните на Чаир со највисок квалитет, интегритет и посветеност, оти така работеше и на претходните функции.
„Тој ја сака Македонија, ве сака вас, ги сака вашите градови и села. Тој е човек кој заслужува доверба. Тоа го научив во најтешките моменти на инвазијата. И можам да го потврдам тоа“,
кажа тој.
Кулеба посочи и дека Украинците секогаш ќе ѝ бидат благодарни на земјава за поддршката и помошта во борбата против руската инвазија.
Обраќањето на Кулеба, во форма на видео, Османи го објави и на својот фејсбук-профил, заблагодарувајќи му се на посебната порака за граѓаните на земјата и на Чаир.
Минатата недела порака со поддршка на Османи во трката за иден градоначалник на Чаир испрати и поранешниот висок претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и експотпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
Рече дека очекува и верува оти лидерските способности како министер за надворешни работи ќе ги покаже и на локално ниво за своите сограѓани.
„Драг Бујар, го подигна гласот на својот народ на меѓународната сцена. Сега си подготвен истата таа посветеност да ја донесеш дома, низ улиците и маалата на Чаир“,
му порача Борел.
Османи на 21 јули ја објави својата кандидатура за градоначалник на скопската општина Чаир, посочувајќи дека одлуката не ја донел поради функцијата, туку поради одговорност кон сопствениот дом, но и затоа што жителите на Чаир не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови.