„Куќата на Европа“ во Крива Паланка во петокот го прослави првиот роденден. Кога се отвори, беше втора во земјава и оттогаш функционира како „место на новата генерација“ во градот во кој се наоѓа, но и во целиот североисточен регион.
Идејата на постоењето на Куќата на Европа е да биде простор каде младите ќе можат не само да се дружат, туку и да учат и да разменуваат идеи. Во првата година од постоењето во објектот во Крива Паланка се организирани 150 настани, со повеќе од три илјади и 400 учесници. Една од главните цели, како што сведочи 26-годишната Ивана Стојчевска од Куманово, е креирање младински политики за подобра иднина.

„Младите можат да придонесат многу за заедницата од тоа што ние мислиме и знаеме, бидејќи младите се многу креативни, многу паметни и даваат идеи кои на нас не би ни дошле на памет,“
вели Ивана Стојчевска, добитничка на благодарница за активен придонес во „Куќата на Европа“ во Крива Паланка.
Стојчевска е една од неколкуте млади кои добија благодарници за придонесот во „Куќата на Европа“. Такво признание доби и 27-годишниот професор од Куманово, Младен Мицевски, кој во исто време е и претседател на младинскиот Совет во Кратово. Според него, она што најмногу недостасува во моментов е поголем слух од локалната и од централната власт за најгорливиот проблем – младинската невработеност.

„Се надевам дека тоа ќе биде еден од приоритетите, бидејќи на тој начин би успеале капацитетите што ги градат младите да останат тука и да помогнат во општествениот развој. Инаку, ние како држава би дале некаков производ, но тој производ би бил искористен некаде на страна. Овие тела што се формираат во рамки на општините, локалните младински совети, ќе го спомнам и Националниот совет на млади на Македонија, би требало во иднина да се засилуваат и да имаат што поконцизни барања“,
вели Младен Мицевски, добитник на благодарница за активен придонес во „Куќата на Европа“ во Крива Паланка.

Еден од начините на кои барањата на младите добиваат на тежина е преку нивно вметнување во плански документи. Така, младинското незадоволство во делот на вработувањето е изразено и во Стратегијата за млади на Крива Паланка за периодот 2019-2024 година, финансирана од Европската Унија со поддршка од општината. 45 отсто од младите сметаат дека треба да се преземе нешто за да се спречи нивното иселување. Ист процент млади бараат општината да создаде можности за поголема понуда за младинска работа.

Новиот градоначалник, Сашко Митовски, вели дека во идниот период ќе се фокусира кон креирање успешни младински политики и привлекување инвеститори со цел младите да останат во градот.
„Во изминатите неколку месеци заедно со општинската администрација и со Советот на Општина Крива Паланка донесовме неколку значајни и клучни одлуки каде акцентот е ставен токму на младинската проблематика. Една од тие е одлуката на Совет е формирањето на млад локален совет. Во меѓувреме, во општина Крива Паланка има назначено и лице кое директно ќе работи со младински проблематики. Но, она што ќе го направиме и во следниот период е отворање на канцеларија за директна поддршка на младите. Исто така, во следниот период, јас како млад градоначалник на општина Крива Паланка заедно со Советот, ќе пробаме да донесеме неколку значајни одлуки во субвенционирањето на креативни и иновативни млади лица“,
изјави Сашко Митовски, градоначалник на општина Крива Паланка.
Покрај поддршката што ЕУ ја дава на тема млади, тука се и инфраструктурните проекти. Европски пари се „вградени“ во изградбата на новиот плоштад, пешачки патеки, спортски сали, систем за управување со отпад, инвестиции во земјоделството…

„Некои од активностите се во рамките на програмата за прекугранична соработка и сум особено среќен што таква соработка со Република Бугарија има во сферата на туризмот која навистина функционира многу добро. Навистина ми претставува големо задоволство што при денешната посета се приклучија амбасадорот на Бугарија и амбасадорката на Шведска кои се дел од она што ние го нарекуваме Тим Европа кој ги вклучува ЕУ и нејзините земји–членки. Тие работат заедно за поддршка на граѓаните“,
изјави евроамбасадорот Гир.

Еден од најголемите приоритети на кривопаланчани, но и на државата, со поддршка од Европската Унија, е изградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, кој треба да ги подобри врските со Бугарија. 13-километарската патна делница е финансирана од ЕБОР со 10 милиони евра, а 2,4 милиони се обезбедени од ЕУ.
„Коридорот 8 е многу важен стратешки проект. Јас и градоначалникот на Крива Паланка веќе разговаравме на состанокот што го имавме во општината. ЕУ дава значителна финансиска поддршка за изградба на железничкиот коридор 8. Ние како ЕУ со нетрпение ја очекуваме изградбата на деловите 1 и 2. Исто така, работиме и на изградба на делот 3, кој всушност е дел од Коридорот 8, а го опфаќа патниот правец од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Ваквиот развој ќе биде многу важен бидејќи обезбедува одржлив економски развој, зголемена трговска размена и добри односи“,
изјави Гир.

Во пријателска атмосфера, одбележувањето на роденденот на „Куќата на Европа“ заврши со пријателски натпревар меѓу женските кошаркарски екипи на „Крива Паланка“ и „Локомотив“ од Софија. Повеќе поени постигна домашниот тим, но тоа и не беше толку важно – победа е што сите присутни беа дојдени да ја прослават соработката.