Станува збор за фирма чие производство е лоцирано во крушевското село Алдинци, од која неодамна без украдени 60 килограми марихуана, а при увид беше пронајдена и непријавена количина канабис
Фирмите за одгледување марихуана досега ожнеале 22 тони сув цвет од растението. Но, крадци веќе им одзедоа една десетина при кражбите во валандовско Јосифово и во крушевско Алдинци.
Заедничката акција на Меѓуресорската комисија и МВР откри дека во една од ограбените фирми се одгледувала и марихуана која не била пријавена.
„На 20 декември е извршен инспекциски надзор од надлежните тела и констатирани се неправилности, односно констатирано е дека е засаден канабис, а нема евиденција за тоа“,
вели Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи.
Колку успешно се следи и контролира процесот од добивање лиценца до жетва? Самите производители велат – недоволно добро.
„Меѓуресорската комисија има сериозни проблеми бидејќи таа е меѓуресорска. Ако сака таа да изврши контрола, ќе им треба многу време бидејќи не секој во одреден ресор е слободен на таа дата“,
вели претседателот на Здружението „Макканабис“, Костадин Дуковски.
Извозот и поголемата контрола која би се одвивала преку новото тело – агенција за канабис, се само дел од законските измени што Владата ги најави пред нецела година. Но, тие никако да дојдат на дневен ред во Собранието.
Во јуни 2019 година хрватската телевизија РТЛ објави сторија за „бумот со медицинскиот канабис во Македонија“.
„Неколку километри пред Крушево, погледот на големото здание оградено со бодликава жица ни дава до знаење дека стигнавме до погонот на фирмата „5 летерс“,
се вели во видеото.

Во дејствието во новинарскиот мини-документарец од 13 и пол минути се говори со комплименти за компанијата која им ги отвора вратите на новинарите. Зборува и еден од сопствениците, кого новинарот на РТЛ го опишува како близок до власта.
„93% од сопствеништвото на фирмата е во рацете на американски инвеститор, додека 7% има Зоран Јаневски. Пријател на премиерот Зоран Заев и член на неговата партија, што во оваа земја е голем плус. До пред една година немал никаков допир со марихуана. Но, како вистински бизнисмен, ја намирисал добрата можност за заработка од зеленото злато, како што сам го нарекува“,
се наведува во документарецот.
„Мислам дека во наредните две-три години инвестицијата веќе би можеле да ја вратиме“,
изјави тогаш Зоран Јаневски, косопственик на „5 летерс“.

Година и пол по оваа изјава, во декември 2020, токму од „5 летерс“ беа украдени околу 60 килограми марихуана. Меѓу тројцата осомничени е и роднина на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши.
„Одговорноста е индивидуална и секој од нас мора да одговара. Не можам да бидам одговорен за никој друг, она за што сме обврзани се нашите деца“,
потенцира пред еден месец Назим Буши, заменик-министерот за внатрешни работи.
По грабежот, во фирмата се прави вонредна инспекција. Следуваат уште неколку настани кои завршуваат со откритие на МВР дека ограбената „5 летерс“ и самата го крши законот. Фирмата произведувала канабис кој не бил пријавен, што е спротивно на закон. При претресот, од фирмата која според РТЛ е на пријател на премерот, полицијата со која раководи Оливер Спасовски од СДСМ, одзема 18 301 растение канабис, кои биле спакувани во 247 вреќи. За управителот со иницијали К.Б. е поднесена кривична пријава.
„На 20 декември е извршен инспекциски надзор од надлежните тела и констатирани се неправилности, односно констатирано е дека е засаден канабис, а нема евиденција за тоа. Преземени се соодветни мерки и активности, документиран е случајот и на 26 јануари, по претходно обезбедена судска наредба, извршен е претрес во ова правно лице и притоа се одземени 247 вреќи со канабис, компјутерска опрема и друга документација поврзана со истрагата. Претходниот ден, исто така, е направен и претрес на правното лице од која е одземена документација“,
објаснува Ангеловски од МВР.

„360 степени“ пред три недели побара одговори од „5 летерс“ за тоа како било можно да се случи кражба во нивниот објект. Не добивме одговор ниту од нив ниту од „Херб индустри“, компанијата од валандовското село Јосифово од чиј магацин спектакуларно беа украдени два тона марихуана, само две недели пред грабежот во Крушевско. Во тој случај полицијата успеа да пронајде само 231 килограм од украдената марихуана во претреси во Арачиново, а другиот дел, според МВР, завршил во Косово. Уапсени се шест лица.
Обвинителството, засега, не соопштува многу повеќе од она што се знае.
„Во предметот со украдената марихуана од магацинот од с. Јосифово, четири осомничени лица се сѐ уште недостапни на органите на прогонот, а за шест лица мерката притвор е продолжена. Воедно, мерката притвор е продолжена и за тројцата осомничени во предметот во врска со случајот во крушевско, каде беа запленети 60 кг дрога. Предметите пронајдени при извршените претреси, меѓу кои, и дел од украдената марихуана од магацинот од с. Јосифово, се предадени на вештачење“,
ни одговорија од Обвинителството.
Двете кражби и кривичната пријава за фирмата производител, сериозно ја доведоа во прашање безбедноста на младата земјоделска гранка, но и капацитетот на државата да го контролира бизнисот.
Последно, премиерот Зоран Заев најави извештај од меѓуинституционалната комисија под Министерството за здравство, чија задача е да го следи издавањето лиценци и да го контролира производството на канабис.
„Веќе постапува Комисијата за давање дозволи за лиценца да направи детална контрола, покрај тоа што го прави и Министерството за внатрешни работи“,
најави пред еден месец премиерот Заев.
Од Комисијата информираат дека направиле контрола над работењето на „5 летерс“ заедно со полициски службеници, при што изготвиле извештај за неправилностите во работата, кој е доставен до Министерството за здравство. Упатени за „360 степени“ велат дека извештајот е основа за одземање на одобрението за одгледување канабис на компанијата „5 летерс“. Финалната одлука на Владата е прашање на време.
Меѓуресорската комисија е составена од шест члена. Освен еден од МАЛМЕД, во неа има по двајца претставници од министерствата за здравство и за земјоделство и еден стручен соработник. Членовите не земаат екстра надоместок за работата во Комисијата, а нивна должност, според одговорите што ги добивме од Министерството за здравство, е да вршат по два инспекциски увиди во работењето на компаниите во една календарска година.

На крајот на 2020 година во земјава имало 61 компанија со лиценца за одгледување канабис за медицински цели, а во фаза на производство биле 23. Но, за цела година, Меѓуресорската комисија успеала да направи надзори во само 12 фирми. Тоа се едвај половина од фирмите кои произведуваат марихуана и само 20% од вкупниот број компании со лиценца.

Законски предвидените два надзора годишно се спроведени во само четири фирми, од кои две се ограбените „5 летерс“ и „Херб индустри“, при што втората инспекција е по кражбите. За Министерството, работата на комисијата, сепак, е успешна со оглед на ковид-19 епидемијата и вонредната состојба.
„Комисијата работи согласно интерен план за работа и по пријава. Во делот на недостатоци воочени во текот на инспекциите, Комисијата воочува недостатоци во делот на водење на евиденции и отстапки во делот на кадарот“,
ни одговорија од Меѓуресорската комисија при Министерството за здравство.
Со податоци собрани преку надзори или дописи од фирмите, од Здравство ни одговорија и колку марихуана и нејзини деривати се произведени досега.
„Ожнеани“ се 21 тон 596 килограми сув цвет од канабис. Компаниите, пак, кои поседуваат одобрение за екстракција на сув цвет, произвеле и речиси 154 килограми масло од канабис, како и 4 килограми паста.“

Но, освен Меѓуресорската комисија, по закон, инспекции врши и Министерството за земјоделство.
Овој владин ресор проверува колку се сее, како се одгледува и колку марихуана се жнее. На прашањата – како се следи овој процес, Министерството не упати да бараме одговори во Државниот инспекторат за земјоделство, кој патем е под капа на самото Министерство. Не ни одговори ниту Инспекторатот, кој нѐ препрати назад во Министерството за здравство – кај Меѓуресорската комисија.
На темата, пред камера, се нафатија да зборуваат само од Агенцијата за лекови, па остана на директорот Лирим Шабани да објасни на кој начин се проверува пријавеното производство? Тој вели дека има систем и дека тој функционира, но и дека е неопходна поголема контрола, бидејќи расте интересот за дејноста.
„Тие доставуваат извештаи на одредено време кога треба да издаваат извештаи. Постојат редовни контроли кои ги вршат инспекциските служби, постојат и вонредни контроли каде што мислиме дека треба да се оди да се проверува, мислам дека комисиите одат и сето тоа го проверуваат и Земјоделство и од кај нас и МВР. Системот е воспоставен и контролиран целосно. Ако некој се нафаќа да направи нешто што е нелегално, тоа ќе се констатира во одреден момент и ќе се казни според законите“,
вели во разговор за „360 степени“ директорот на МАЛМЕД, Љирим Шабани.

Но, додека државата тврди дека сѐ е под контрола, производителите го тврдат спротивното. Претседателот на здружението „Макканабис“, Костадин Дуковски, каде што членуваат 37 лиценцирани компании, вели – едно е на хартија, друго во пракса.
„Меѓу другото, во законот се вели – се води евиденција, но не знаеме што треба да евидентираме, како да го евидентираме, како да го поставам да го евидентирам, така што ние сега засега импровизираме нешто. Бидејќи јас денеска сакам да садам, на пример, сто семки, јас сум облигаторен да го известам Министерството, меѓутоа, немам образец, треба да се донесат обрасците. Бидејќи јас не сакам да импровизирам, не сакам да пишувам одредена содржина која не ми е соодветна“,
вели Дуковски.

Дуковски, чија фирма пред нецела година добила лиценца за одгледување канабис, вели дека контролата од Меѓуресорската комисија е на стаклени нозе бидејќи тешко може да се договори кој ден се слободни сите членови за да извршат надзор. Смета дека е неопходно што побрзо да се донесат измените на законот и да профункционира Агенцијата за канабис за да може да се стави контрола на сите произведувачи.
„Каде е лиценцирањето, каде што е инспекцискиот надзор и каде што е контролата? Така што, реално, ние треба да го подобриме системски тоа решение… Ако сакаме да го подобриме и меѓуресорската соработка и начинот на евалуација и инспекцискиот надзор на производителите, не е спорно дека, да речеме, јас не сум регистрирал една билка, тоа не е тешка повреда. Тоа може да биде и од технички аспект… Од поинтензивна контрола повеќе ние како производители сме побезбедни. Еднаш да дојде кај мене во годината на инспекциски надзор, јас би барал да дојде еднаш месечно. Бидејќи сакам да се подобрам во работењето, не сакам да имам злоупотреби и затоа барам Агенцијата малку да се занимава со нас да ги подобриме нашите процеси“,
дециден е Дуковски.
А главната причина што некои компании чуваат тони марихуана во магацините е што немаат што да му прават на сувиот цвет. За да прават масло од канабис за извоз, им требаат и скапи лиценци и дополнителни инвестиции.
Еден дел од фирмите најдоа капитал или инвеститори за да го заокружат процесот, а останатите гледаат спас во власта – да им дозволи да извезуваат сув цвет. Секако, нема да им пречи ако во меѓувреме се легализира и декриминализира употребата на канабисот за рекреативни цели.