Препораките за спречување на ширењето на коронавирусот ги затворија граѓаните дома. Па, наместо училниците, канцелариите, кафулињата, главен извор за ведрина стана интернет-просторот.
Но, освен толку потребниот хумор, граѓаните почнаа да емитуваат и други содржини од „студијата“ во нивните домови.
Под мотото на кампањата #седисидома, студенти од Универзитетот во Битола споделуваат идеи што да се прави по дома.
„Јас пример по цел ден гледам серии“,
вели еден студент.
„Овој период искористете го да ги развиете своите кулинарски вештини“,
кажува друг студент.
„Јас денеска го средувам мојот плакар. Утре тоа може да го направите и вие“,
порачува студентка на УКЛО.
Ленче Димовска, студент на институтот за етнологија и антропологија, на Јутуб држи лекции како се игра пајдушко оро.
„Орото започнува со четири потскоци со старт на десна нога, еден, два, три, четири“
објаснува Димовска.
Уредничката во Алсат, Арта Тахири, нејзиниот сопруг Сефер Тахири и синот Дрен, веќе објавија две видеа под насловот „карантин, надеж за слабеење“.
И додека се повеќе луѓе се обидуваат да ја разбијат својата, но и монотонијата на другите, човекот во неговата природа е општествено битие. За неполна недела, откако се отворија бесплатните телефони за психолошка поддршка, повеќе стотици луѓе побарале помош на Клиниката за психијатрија. Во основа, има три различни линии – за лицата во самоизолација, за родители на деца во школска и претшколска возраст и пречки во развој и за граѓаните од кризните Дебар и Центар Жупа.

Гордана Николова е една од петтемина психолози кои секојдневно се во контакт со граѓаните. На повиците на кои одговара таа, но и нејзините колеги, вели дека преовладуваат прашањата за самоконтрола и справување со анксиозноста.
„Не би рекле дека тоа е особено масовна паника. Вообичаено, луѓето се трудат со своите механизми, се обидуваат и да го подобрат сето тоа. На високо ниво, прилично со висока свесност психолошка се луѓето кои се јавуваат психолошка и се заинтересирани за она што да го преземат за нивното психолошко здравје. Генерално соработуваат, имаат интерес, нема изразено некои панични напади, но, сепак се работи за анксиозност која што е нормално“,
рече Николова.
Со 70 дневно, бројот на повици засега е оптимален за докторите кои дежураат покрај телефонот. Ако бројката се зголеми, ќе се зголеми и бројот на линиите, вели директорот Стојан Бајрактаров, кој во вакви услови клиниката ја менаџира преку онлајн-договарање.

„Најмногу повици има на линијата за лица во самоизолација. Веројатно луѓето се малку затечени и не знаат како да се снајдат во новонастаната за нив состојба во која треба да бидат две недели“,
вели Бајрактаров.
Освен државната клиника за психијатрија, бесплатна помош и листа на доктори-психолози понудија Комората на психолози, но и дел од приватните клиники.
Со очекуваниот раст на заразени од коронавирусот, очекувано е да расте и бројот и на граѓаните во самоизолација и на оние што се помалку го напуштаат домот. Професор Огнен Спасовски, кој предава еволутивна психологија на Институтот по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје, објаснува како влијае недостатокот на контакти со други луѓе.

„Тоа предизвикува еден вид на фрустрација проследена со стрес, зголемено излачување на хормонот за стрес кортизол итн. Изразеното производство на тој стрес, на тој хормон, предизвикува едно континуирано дејство на негативните емоции. Она што сите ние можеме и треба да го направиме е многу трезвено и рационално да правиме се што можеме да ги прекинеме тие верижни и континуирани реакции на стрес“,
објаснува Спасовски.
Дали ако состојбата продолжи, ќе предизвика и трајни промени во начинот на кој луѓето се однесуваат меѓу себе? Спасовски вели дека не може да се предвиди -дали ќе се развие колективно чувство на поголема емпатија или пак на себичност.
„Прво што се појавува е грижата за сопствените интереси, за сопствените ресурси да не ги снема. За мене тоа е и причината зошто луѓето по маркетите купуваат и повеќе од што им треба и покрај назнаките дека ќе има доволно роба и ресурси за сите. Но, кога трае подолго време одредена криза, токму заради таа предиспонираност да им помогне, дека сме социјални битија и да им помогнеме на блиските, веројатно кај голем дел од луѓето ќе се јават и процеси на емпатично размислување и делување кон другите како и секогаш“,
вели психологот.
Сепак, ризикот од долго неизлегување од дома, е помал споредено со опасноста по сопственото и здравјето на најблиските доколку не се почитуваат препораките.
За тоа прашање, се чини, веќе се разви колективна емпатија.

„Деца, биди паметни, седи дома, гледај ТВ училница и биди добро“,
порачува Тијана Дапчевиќ.
„Седете дома најсигурно е. гледајте ТВ училница и бидете умни“,
вели Игор Џамбазов.
„А сега, ќе наздравам во ваше здравје да се дезинфицирам и јас“, „Деца седете дома, зошто надвор е корона“,
се дел од пораките.