За разлика од претходните маршеви, родителите на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ овој пат не дадоа официјални изјави за медиумите, но нивните пораки беа јасно испратени преку транспарентите што ги носеа

„Крив е системот, не беше несреќа“, „Правда за нашите деца“. Ова се дел од пораките испишани на транспарентите што ги носеа родителите на жртвите од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ на денешниот 27. „Марш за ангелите“ во Кочани.
И покрај дождливото време, маршот почна во 15 часот и пет минути во Паркот на револуцијата во Кочани. Родителите и роднините со транспаренти во рацете продолжија кон трговскиот центар, Управата за јавни приходи и полициската станица. Потоа поминаа кај двојниот мост, Основниот суд во Кочани и завршија повторно во Паркот на револуцијата.
За разлика од претходните маршеви, родителите овој пат не дадоа официјални изјави за медиумите, но нивните пораки беа јасно испратени преку транспарентите што ги носеа.
Според пораките што ги упатија, родителите уште еднаш ја потврдија својата решеност да не се откажат од барањето за целосно расчистување на трагедијата во „Пулс“ и казнување на одговорните.