Криптовалутите не се регулирани со посебен закон во земјава, но истовремено и не се забранети. А бидејќи се сметаат за имот, и покрај тоа што се виртуелни, eдно од прашањата кои се поставуваат е како ќе се знае дали и колку пари имаат во својот виртуелен паричник функционерите?
Дилемата ја отвораме откако двајца државни директори беа транспарентни и во своите анкетни листови декларираа виртуелни валути. Но што значи тоа во земја која нема механизам да ги следи тие пазари
Не толку одамна, кога стана директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески мораше да поднесе анкетен лист до Антикорупциската комисија за имотот што го поседува. Како што впрочем се бара од секое избрано и именувано лице.
Но, неговиот анкетен лист веднаш ја надразни јавноста, бидејќи стана јасно дека тој е милионер. Поточно, виртуелен милионер. Пријави дека поседува 11 биткоини и 129 етериуми кои се виртуелни валути, а чија денешна вредност изнесува околу 1 милион и 320 илјади евра.

Го побаравме директорот на „Еразмус“ да го прашаме зошто се одлучил да ги пријави, кога теоретски можел и да ги скрие криптовалутите, како и тоа дали би открил како се стекнал со нив.
Одби интервју со образложение дека не сака да се објаснува бидејќи смета дека ќе биде погрешно сфатен од јавноста.

А Богојески не беше првиот новoизбран владин функционер со дебел виртуелен паричник. Кога Александар Пандов стана директор на Управата за извршување на санкции пријави криптовалути во вредност од 927 илјади евра.
За разлика од Богојески, Пандов вели дека за оваа тема треба сè повеќе да се говори, поради светскиот тренд. Со криптовалути почнал да тргува пред девет години.
„Ги имам купено. Во 2016 година ми се купени најголем дел од нив, со тоа што имам и тргувано со нив. Не ги имам купено и оставено. Имам тргувано на криптоберзи. Со кеш пари ги имам купено“,
изјави Пандов во разговорот којшто го имавме со него.

Вели дека чувствувал обврска да го пријави виртуелниот имот затоа што смета дека не се мал дел од неговиот капитал. Како брзорастечки пазар, Пандов смета дека процесот на регулација е неопходен во државава. Ни објасни и колку е лесно да се продадат криптовалути преку криптоменувачница:
„Договарате со сопственикот на менувачницата процент што ви задржува тој и тоа е тоа. Бидејќи нема регулатива, тоа е проблем во Македонија. Затоа што ниту УЈП, ниту која било институција во Македонија во моментов има регулирано што со таквите пари. Веројатно треба да оди преку трансакциска сметка. Не знам како е регулирано тоа. Знам со сигурност дека можете во која било менувачница да отидете и многу едноставно преку вашиот телефон само ги праќате на тој од менувачницата колкава величина на која било криптовалута од овие попознативе, за тоа ви пресметуваат колку пари добивате и ги добивате парите“.
360 степени: Кеш?
„Епа како поинаку? Во менувачница и со девизи вие да појдете, нема на сметка да ви ги префрлат денарите“.
Проблемот со криптовалутите е тоа што не можат да се следат како другиот имот. Како за граѓаните, така и за функционерите. Бидејќи теоретски, декларирањето криптовалути може да послужи и како алиби за несразмерно стекнат имот од некој функционер, се обративме до Државната комисија за спречување на корупцијата. Ги прашавме, дали функционерите мора да пријават криптовалути во анкетниот лист ако ги поседуваат.
„Во член 82 став 2 од Законот е уредено што содржи Изјавата за имотна состојба и интереси, каде покрај другото е наведен и ’друг имот’ од што произлегува дека избраните и именуваните лица се обврзани да пријавуваат секаков вид на имот, вклучително и поседување на криптовалути. Во тек е постапка за подготовка на измени и дополнувања на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со кој е предвидена измена на членот 82, со која е предвидено пријавување на ’виртуелни средства“,
се вели во одговорот на Државната комисија за спречување на корупцијата до „360 степени“.
Меѓутоа, на прашањето, како би истражиле и констатирале потенцијална корупција во која се вклучени криптовалути, не добивме одговор. Досега не постапувале по таков предмет.
Објаснувајќи прво што се криптовалутите, адвокатот Душко Гошевски ги споредува со тргување со акции, само што државата не може да провери кој, колку, чии акции има и како се стекнал со нив.
„Ќе мора да има регулација за да може нели државата да проверува кој, на кој паричник колку би имал…Се работи за еден пазар којшто е недефиниран целосно и во светот, но полека се дефинира“,
вели Гошевски.

Тоа што треба го направи земјава, вели Гошевски, е да се усогласи со таканаречената МИКА регулативата на ЕУ. Во суштина, станува збор за правила што Брисел ги наметнува на сите актуелни и потенцијални земји членки.
„Всушност, регулацијата ќе изискува едно посебно специјално тело или некое од постоечките тела коешто ќе го следи пазарот. УЈП би го следел пазарот од даночен аспект, Финансово разузнавање би го следела од аспект на перење пари, а посебно тело би следело од аспект на сеопфатна регулација. Ние во тој дел би оделе со усогласување со МИКА регулативата на ЕУ“,
нагласува адвокатот Гошевски.
Се додека нема таков закон, државата нема да има преглед на пазарот со криптовалути кој, пак, е подложен на брзи и големи промени. Но, тоа не значи и дека се е во сивата зона.
Земјава има елементарна регулација на приходите од криптовалути. На пример, ако некој заработи од продажба и таа сума му легне на сметка во банка.
„Продажбата на одредено виртуелно средство, без разлика дали е тоа биткоин или некое друго средство, подлежи на Законот за личен данок на доход. Тоа би се сметало за капитална добивка и разликата вие мора да ја пријавите и да го платите данокот. Инаку влегувате во евазија и прекршок во значителен износ и кривично дело“,
појаснува Гошевски.
Така, крипотавалутите во исто време не се дозволени во земјава, но и не се забранети.
Според Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, токму природата на криптовалутите – нивната тајновитост, флуктуирачка вредност и изместување од традиционалните банкарски канали – ги прави особено ризични кога се наоѓаат во рацете на функционери.

„Сметам дека самите функционери имаат обврска заради тоа што природата на имотот не e важна колку што е важнa обврската вие да го образложите потеклото. Исто е и со трансакциите што би се случиле во меѓувреме. Токму поради тоа што трансакциите овозможуваат тајност и се случуваат вон традиционалните финансиски институции“,
вели Поповиќ.
Тој е согласен дека отсуството на регулација е плодна почва за корупција, но вели – како што напредува пазарот, така напредува и технологијата за нивно следење.
„Тој ризик го има насекаде, не само во нашата држава. Природата на криптовалутите е таква што тие се направени да бидат тајновити. Да бидат надвор од контролата на државите…Kако напредува едната технологија така напредува и оваа технологија за финансиска форензика. Поентата е дека можеби и никогаш нема да стигнеме до задоволително ниво на регулација на криптовалутите токму поради нивната природа. Меѓутоа паралелниот трансфер кон економска размена на средства генерално, ќе се случи да дел од ризикот се намали“,
потенцира Поповиќ.
Опасноста од злоупотреби на таа сива зона, ја препозна и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, соочен со прашања во интервју за „360 степени“.
„Постои на многу начини, не е исклучиво само за политичари и не е исклучиво само за деклариран и недеклариран имот. Туку и воопшто што се дозволува да се менува на еден сив начин крипто средства коишто не се препознаени на македонскиот пазар. Токму затоа сметам дека регулирање на оваа материја со начелата на ЕУ е подобро отколку да останеме во ваква сива зона“,
изјави Андоновски во интервјуто.
Регулација на пазарот на криптовалути, уште кога беше во опозиција, најави Христијан Мицкоски. Не го смени ставот и кога стана премиер.
„Јас силно верувам во новите технологии, во блокчејн технологијата, дигиталните банки, дигиталниот денар дека се иднината во развој во којшто треба да се фокусираме“,
порача неодамна премиерот.
Оваа изјава премиерот ја даде по средбата со Хауард Лутник во јули 2024 година. Лутник тогаш беше бизнисмен близок до претседателскиот кандидат Доналд Трамп, а сега е секретар за трговија на САД. По таа, првиот човек на македонската Влада имаше и други средби со врвни играчи во светот на криптопазарот. Кога ќе се носи регулатива за криптовалути, од Владата велат:
„Во моментот се работи на усогласување на повеќе прашања поврзани со правната рамка и институционалната подготвеност, со цел овие технологии да се вметнат во систем кој е законски регулиран, а не полулегален, како што е дел од тековната состојба. Се анализираат и меѓународни искуства“,
се вели во одговорот испратен од Владата до „360 степени“.
Поседувањето и тргувањето со криптовалути во земјава засега останува во магловита зона. Од потезите на Владата и Собранието ќе зависи дали нешто ќе почне да се разбиструва или бројот на виртуелни милионери ќе продолжи да се зголемува без никој да може да ги контролира, па дури и кога ќе го пријават тој имот во ДКСК.