Универзитетскиот професор Вели Креци во дебата на „360 Степени“ зборуваше за договорите со Грција и со Бугарија, после најавата на бугарската МНР Захариева дека сака да разговара со новиот македонски колега Бујар Османи.
„С. Македонија има поставено приоритети без разлика кој е на министерските позиции и тие разговори и со Бугарија и со Грција ќе тргнат од тие поставени стратешки приоритети. Дефинитивно за договорите имаме земено и обврска и треба да се имплементираат до крај. Битно е колку другите страни се ангажирани за да се спремни за еден чекор напред. Со Грција до некаде мислам дека тргнавме кон добро и тоа ќе се мултиплицира. Пак ќе кажам, за овие две држави коишто ни се во соседството, досега контактот бил на многу ниско ниво. Последните неколку години почнавме да контактираме и да имаме билатерални средби и да ги броиме колку средби сме имале и на кое високо ниво се тие. Колку повеќе контакти ќе се има толку поедноставно и побрзо ќе се разговара за овие работи. Да не земеме да зборуваме за тоа што било во историјата и само со тие податоци да прогнозираме. Во овој случај процесот е динамичен. Не треба да се наведеме на податоците за тоа како било во последните 20 години. Сега имаме еден клучен момент – потпишување на договорите. После тоа се движиме во друга насока. И стереотипите од истражувањето треба да се земаат со доза на резерва поради таканаречениот „recency effect“ – последното што го слушаме, тоа на некој начин го искажуваме“,
вели Креци.
