Покрај за евроинтеграциските аспирации на Северна Македонија, двајцата премиери на средбата зборувале и за актуелната војна во Украина, строго осудувајќи ја Русија и оценувајќи дека воената агресија е „сериозна закана за мирот и стабилноста на Европа“

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со премиерот на Белгија, Александар де Кро, во рамките на својата работна посета на Брисел. На средбата двајцата премиери изразиле задоволство од блиските и пријателски односи меѓу Северна Македонија и Белгија, засновани на взаемна доверба и заедничка визија за слободна и демократска Европа, информираат од владината прес служба.
„Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека, покрај исклучителните билатерални врски, Белгија е важен партнер на Северна Македонија во НАТО и во другите мултилатерални меѓународни организации и силен поддржувач на нашата интеграција во ЕУ. На средбата двајцата премиери ја потврдија согласноста дека е неопходно брзо изнаоѓање решение меѓу Северна Македонија и Бугарија за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ како стратешка одлука за Брисел од аспект на безбедносните ризици предизвикани од војната во Украина“,
информираат од Влада.
Покрај за евроинтеграциските аспирации на Северна Македонија, двајцата премиери на средбата зборувале и за актуелната војна во Украина, строго осудувајќи ја Русија и оценувајќи дека воената агресија е „сериозна закана за мирот и стабилноста на Европа“.

Ковачевски за време на средбата го покани и белгискиот колега Александар Де Кро да ја посети Северна Македонија во рамки на претстојниот Преспа Форум и истакна дека тоа ќе биде дополнително зајакнување на позитивниот тренд за унапредување на политичкиот дијалог и поттик за посилна економска соработка, додаваат од Влада.