И премиерот посочи дека за кадровски решенија не се разговарало, а за тоа дали се усогласени со актуелниот владин партнер Алтернатива околу влезот на Алијанса за Албанците во Влада, Ковачевски посочи дека имале состаноци, а ќе имаат и нови во наредните денови
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва на редовна седница на Извршниот одбор (ИО) на неговата партија, ќе ги информира членовите за денешните разговори со претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, за можното влегување на оваа партија во владината коалиција.
Откако Таравари по денешниот состанок со Ковачевски изјави дека околу 90 отсто од програмските определби се синхронизирани, премиерот не излезе со конкретна бројка, но потврди дека „да, во најголем процент се усогласени“.
„Ја видов изјавата на господинот Таравари и тој го кажа истото што и јас го кажав во однос на програмските усогласувања. Да се разбереме дека основните претпоставките на ова владино мнозинство се на линија на тоа што Алијанса и други партии го застапуваат, а тоа е: стратешко партнерство со САД, продолжување на патот во европските интеграции, носење на сите реформски закони во Собранието што се потребни, носење на големите одлуки што се потребни за продолжување на патот ко ЕУ, како и носење системски решенија за унапредување на владеење на правото, контролните механизми и борбата против корупцијата. Можам да кажам дека да, во најголем процент се усогласивме, а во делот на другите аспекти на можната соработка разговорите ќе продолжат“,
изјави Ковачевски пред седницата на ИО.
Тој го повтори она што претходно го соопштија и од владината прес-служба дека со Таравари се разговарало за скринг-процесот со ЕУ, претседавањето со ОБСЕ, стратешкиот дијалог со САД, владеењето на правото, реформските закони, финансиската контрола, намалување на злоупотреба на балансерот за вработување, рамномерен регионален развој итн.
За кадровски решенија, исто како и Таравари, и Ковачевски потенцираше дека не се разговарало.
Според информациите кои излегоа во јавноста, како можни министерства кои би можела да ги преземе Алијанса за Албанците при влез во Владата се министерствата за правда и здравство. Здравство во моментов е раководено од Беким Сали, кадар на Алтернатива.
На новинарско прашање дали се усогласени со Алтернатива, Ковачевски вечерва одговори дека имале состаноци, а во наредните денови ќе се одржат и нови.
„Со Алтернатива имавме состаноци изминатите денови, во текот на наредните денови нормално дека ќе имаме состаноци на кои ќе разговараме исто така за развојот на разговорите со Алијанса“,
рече Ковачевски.
Инаку, покрај разговорите за влез на Алијанса во Владата, според изјавата на Ковачевски, вечерва на седницата на ИО на СДСМ ќе се разговара и за други актуелни состојби во државата, справувањето со енергетската криза и почетокот и плановите за оваа година.