Според Ковачевски, ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ. Со ова, вели Ковачевски, ОБСЕ ќе продолжи да функционира и ќе продолжи да биде гарант за обезбедување развој на демократските и на мирните процеси во Европа

Присуството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ во Скопје, за премиерот Димитар Ковачевски не е дипломатска победа на Русија.
„Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на организацијата. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира и ќе продолжи да биде гарант за обезбедување на развој на демократските и на мирните процеси во Европа“,
рече премиерот Ковачевски при пристигнувањето во салата „Борис Трајковски“, каде што имаше воведно обраќање на отворањето на 30. Министерски совет на ОБСЕ.
Прашан за коментар околу недоаѓањето на многу министри кои не допатуваа во Скопје поради присуството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Ковачевски рече дека треба да бидеме свесни оти секоја земја на свој начин испраќа порака за неоправданата агресија која Русија ја изврши врз суверена држава, врз Украина.
„Некои тоа го прават со нивното недоаѓање, а некои со нивно присуство и со многу јасно искажани ставови околу оваа агресија. Истото ќе го направам и јас на отворањето на овој значаен настан“,
рече Ковачевски потврдувајќи дека нема да има билатерална средба со Лавров.
Во однос на Советот на ОБСЕ, Ковачевски рече дека се надева оти на денешниот состанок ќе бидат потврдени одлуките кои веќе се разговараа на ниво на амбасадори и дека ОБСЕ ќе продолжи да работи успешно.
„Ние претседававме во најтешката година за ОБСЕ, организацијата се соочи со голем број предизвици во светло на неоправданата агресија и војна која Русија ја направи врз Украина. Меѓутоа се надевам дека ќе бидат потврдени одлуките за избор на нов претседавач, за избор на четирите најзначајни функции и позиции во ОБСЕ, како и донесувањето на буџетот“,
додаде тој.
Според него, ако ОБСЕ пред 30 години ѝ помогна на Македонија, денес Северна Македонија му помага на ОБСЕ да продолжи да биде најголемата регионална безбедносна организација во Европа.
Министерскиот состанок започна вчера со неформалната вечера на поголемиот број министри, на која тема на разговор беше воената агресија врз Украина и потребата од функционална Организација во време на конфликти и зголемени тензии.
На неформалната вечера присуствуваа и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, кои си заминаа непосредно по вечерата. Тие се разминаа со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој во Скопје пристигна доцна синоќа.
Денеска се предвидени и два пропратни настани: Потпишување на заедничката изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку враќање на имотот и користење на дигитализација по кој ќе следи и адресирање на влијанието на климатските промени врз човековата безбедност во областа на ОБСЕ.
Утре, ќе се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето – влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.
Акредитираните новинари ќе можат да ја проследат и завршната пленарна сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ, по која ќе следува завршна прес-конференција со претседавачот, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, со претставник на Малта, која е следниот претседавач со Организацијата, и генералната секретарка на ОБСЕ, Шмид.