Видеото од настанот е објавено на социјалната мрежа „Инстаграм“, а го пренесуваат и српските медиуми
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ по свеченото отворање на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград биле на вечера во белградски ресторан каде заедно ја запеале позната српска песна „Дајте вино“.

Видеото од случувањето е објавено на социјалната мрежа „Инстаграм“, а го пренесуваат и српските медиуми.
До видеото стои коментар во кој се вели: „Да живее пријателството меѓу Црна Гора, Северна Македонија и Србија!“.
На саемот, премиерот Ковачевски им даде поддршка на претставниците на македонските винарии, дестилерии, гастрономски компании, од туристичката дејност. Го поздрави интересот за присуство на саемот и оцени дека постигнатите успеси во квалитетот на македонското вино познато во светот, македонската храна и туристичката понуда се амбасадорска промоција на Република Северна Македонија во регионот, Европа и светот.
Ковачевски најави уште позасилени активности на Владата кон отворањето нови пазари за компаниите и кон европскиот пазар.