Премиерот Димитар Ковачевски и српската премиерка Ана Брнабиќ имаа обраќања на панелот „Градење просперитетна иднина: Улогата на регионалната соработка“, на кој одговараа и на прашања за предизвиците со кои се соочува регионот и за значењето на иницијативата „Отворен Балкан“
Регионалната соработка, одржувањето на мирот и инвестирањето во образованието се трите клучни приоритети на кои треба да се посвети регионот на Западен Балкан во овие тешки времиња, порачаа премиерите на Северна Македонија и на Србија, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ на денешниот Самит во организација на „Македонија 2025“.
Тие говореа на панелот „Градење просперитетна иднина: Улогата на регионалната соработка“, на кој по обраќањата одговараа и на прашања за предизвиците со кои се соочува регионот и за значењето на иницијативата „Отворен Балкан“.

Српската премиерка Брнабиќ смета дека доколку се сочува мирот и стабилноста и се зајакне регионалната соработка, се отвора простор за економски раст и се обезбедува просперитет во кризни времиња. Важен приоритет, според Брнабиќ, е и вложувањето во образованието, науката, истражувањето и развојот бидејќи тоа е единствениот начин да се надомести пропуштеното од времето на 90-тите години и од првата деценија на новиот милениум.

„Економијата не е таква големите да ги јадат малите, туку побрзите да ги јадат побавните. Наша шанса е што сме помали и ако погледнете од бизнис-перспектива, малите компании се пофлексибилни, побрзо се приспособуваат на промените и предизвиците и тоа е она што ние можеме да го искористиме. А тоа можеме да го искористиме ако вложуваме во образованието, науката и развојот“,
истакна Брнабиќ.
За премиерот Ковачевски, трите клучни работи во овие исклучително тешки времиња, предизвикани од здравствената и енергетската криза и војната во Украина, се задржувањето на животниот стандард на граѓаните и на растот на економијата и стратегиското инвестирање во се она во што не е инвестирано во изминатите 30 години.

„Ние сме држави на дисконтинуитет – по менувањето на политичкиот и општествениот систем на уредување и војните кои се водеа на просторот на поранешна Југославија, имавме многу точки на дисконтинуитет. Податоците на животниот стандард кој го имаме во однос на развиените земји, тоа го покажуваат. Затоа клучни се инвестирањето во консолидација на енергетските системи, дигитализација на администрацијата и реформите во образованието особено инвестирањето во струки коишто се потребни на пазарот на труд“,
рече Ковачевски.
Енергетската и економската криза како најголеми предизвици
Ако Брнабиќ го завршува мандатот во криза, јас го започнав во криза, рече Ковачевски на прашањето кои се предизвиците со кои се соочуваат земјите од регионот во време на криза. Тој тука како приоритет ги наведе мерките за неутрализирање на енергетската криза, ценовните окови и обезбедување на стандардот на граѓаните, при што наведе неколку мерки кои како влада се преземени откако е тој премиер: покачување на минималната плата, покачување на пензиите и нова методологија, поддршка на економијата со кредити со ниски каматни стапки со цел задржување на ликвидноста на компаниите.

Како следни мерки ја најави реформата на администрацијата, при што посочи дека неколку институции ќе бидат дел од пилот-проектот за кој веќе има „блупринт“.
Во однос на законодавството, рече дека сите закони во оваа област се усогласени со европските стандарди – независно судство и обвинителство, без политичко влијание при изборот на судиите и обвинителите.
„Отворен Балкан“
Српската премиерка Ана Брнабиќ рече дека има голема верба во иницијативата „Отворен Балкан“ изрази надеж дека и останатите земји од регионот ќе ја препознаат нејзината вредност. За тоа колку брзо ќе има резултати, рече дека зависи од самите држави, но истакна дека некои од нив веќе се гледаат.
Како конкретен резултат таа го истакна договорот за заеднички пазар на труд, односно дека на граѓаните од овие земји нема да им бидат потребни посебни работни дозволи за да работат каде било во овие земји.
Како следен голем настан таа го најави состанокот од иницијативата на 7 и 8 јуни во Охрид, на кој се очекува да присуствува и црногорскиот премиер.

Ковачевски, пак, истакна дека иницијативата ги исполнува четирите слободи на кои и почива: слободата на движење на стоки, услуги, капитал и луѓе, додавајќи дека со ова земјите од регионот кои поради габаритот не можат да парираат на поголемите земји, на овој начин стануваат конкурентни како заеднички, поголем пазар.
Тој ја истакна отвореноста на иницијативата за сите други земји од Западен Балкан истакнувајќи ги предностите: поголем пазар на труд и инфраструктура со што се попривлечни за инвеститорите. Притоа тој нагласи дека ваквото регионално поврзување не е алтернатива за ЕУ-интеграциите и тука ја спомена блокадата од Бугарија.
„Нашата европска интеграција, зборувам за Северна Македонија и за Албанија, е заложник на Бугарија. Таа наша европска интеграција е сведена на зборување за историја, што практично сите земји од Европската Унија гледам дека го оправдуваат. Според мене, тоа е погрешно, бидејќи кога се зборува за историја, не се ветува ништо, туку само се зборува за нешто што се случило пред 100-150 години. Тоа е класична уцена и не може да произведе никаков бенефит за никого. Затоа сметам дека зборувањето за теми коишто ја засегаат иднината на државата се многу значајни и на таква основа треба да се водат сите разговори“,
рече Ковачевски на самитот „Македонија 2025“.