На обвинувањата од Мицкоски, директорот на ЕСМ денеска на прес-конференција тврдеше дека вишоците на електрична енергија што ги произведува државата во текот на ноќта се продаваат транспарентно и по конкуренти цени кои се диктирани од берза. Нив, тврди тој, може да ги купи кој било
Доколку ЕСМ не ги продава, објаснуваше Ковачевски, тогаш вишоците на струја би требало да се пуштат слободно во системот и да не се наплаќаат, а со тоа државната компанија би имала нула приходи

Со цртање на табла колку струја се произведува и како се продава, директорот на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, на прес-конференција тврдеше дека вишоците на произведена електрична енергија што се јавуваат во текот на ноќта се продаваат транспарентно и по конкурентни цени. Цените, вели тој, ги дава берзата и манипулација е дека струјата се продава по двојно поевтина цена.
На ваков начин тој им одговори на ВМРО-ДПМНЕ и партискиот лидер Христијан Мицкоски на обвинувањата што на негова адреса изминативе денови се упатуваа.
„Во нивните објави кажуваат се и сешто, кажуваат цени, кажуваат бројки кои немаат никаква врска со реалноста. И токму затоа денеска, овде на отворено, треба да одржиме еден час во природа на професорот Христијан Мицкоски, но исто така добро е и граѓаните да слушнат и да видат за што реално станува збор“,
рече Ковачевски.
Тој прво објаснуваше како и зошто се добиваат вишоци во текот на ноќта, па нагласи дека со оглед дека АД ЕСМ има обврска да произведува 100 проценти за ЕВН Хоум, да ги покрива техничките загуби во системот на Електродистрибуција и во системот на пренос што го врши АД МЕПСО, компанијата со која тој раководи ги има вклучено сите капацитети што ги има на располагање. Меѓутоа, во овој период од годината се создаваат вишоци на електрична енергија затоа што има помала потрошувачка.
„Кога има помал конзум од страна на потрошувачката на ЕВН Хоум, а кога се вклучени капацитетите РЕК Битола со два блока и ТЕЦ Неготино, се појавуваат ноќни вишоци од 2 до 7 часот со инсталирана моќ од 50 мегавати. Оваа енергија АД ЕСМ мора да ја произведе затоа што се вклучени сите овие капацитети и нема техничка можноста да се намали или да се исклучат овие капацитети затоа што нивното повторно вклучување ќе трае 12 или 24 часа. Оваа енергија, којашто се продава од 2 до 7 часот, на јавна објава, на јавна аукција, со транспарентна и конкурентна постапка, можеме да ја продадеме по одредени цени кои индикативно ги дава ХУПЕКС берзата, а цената се формира врз основа на добиените понуди“,
вели Ковачевски.
Ако не се продава вака, тогаш другата опција, како што рече, е вишоците на струја да се пуштат слободно во системот и да не се наплаќаат, а со тоа АД ЕСМ би имале нула приходи. Од тие причини, одлучиле на неделно ниво вишоците да ги продаваат. На неделна основа, посочи Ковачевски, станува збор за 1 750 мегаватчасови кои се продаваат.
„На оваа објава за продажба на овие ноќни вишоци може да се јави секое правно лице. Дали се тоа трговци регистрирани во државата, дали се тоа стопански субјекти или институции, може да достават понуда согласно нивните потреби и оваа енергија во ноќните периоди, од 2 до 7 часот, да си ја набават по цени што ќе бидат конкурентни и доаѓаат со понуди од тие што се заинтересирани да ја купат. Трговците најчесто ја купуваат оваа енергија затоа што останатата енергија, од 7 до 2 часот наутро ја имаат веќе обезбедено. И цените во овој период, од 2 до 7 часот се најниските на нашиот пазар кои може да се продадат“,
објаснуваше директорот на АД ЕСМ.
Во низата обвинувања, пак, кои ги испрати Мицкоски во објави на социјалните мрежи насловени „Како се пљачка Македонија, граѓаните и ЕЛЕМ, денешно ЕСМ“, лидерот на опозицијата денеска праша каква е врската помеѓу ЕСМ, албанската државна енергетска компанија КЕШ и компаниите ЕТМТ Енерџи од Скопје и Енертрејд од Тирана.
„ЕСМ/ЕЛЕМ распишува оглас за продажба на ноќни вишоци на струја за периодот од 30 август до 6 септември, од 2 до 7 часот во вкупна количина од 2 000 мегавати. Албанската државна енергетска компанија КЕШ, исто така, распишува оглас, но за набавка на струја за периодот од 29 август до 4 септември по сличен профил како тој на ЕЛЕМ/ЕСМ во вкупна количина од 2 100 мегаватчасови. Цената по која ноќни вишоци се продадени на компанијата ЕТМТ Енерџи дооел Скопје е 337 евра за мегават/час (слика 1), а цената по која албанската државна енергетска компанија КЕШ ја купува струјата по сличниот профил е 525,55 евра за мегават/час. Разликата во цената на струјата купена во Македонија, пренесена во Албанија и продадена таму е околу 10 800 000 денари“,
напиша денеска Мицкоски.
Скопската компанија ЕТМТ Енерџи која ја купила струјата од ЕСМ, како и Енертрејд од Тирана која е снабдувач во Албанија, наведе Мицкоски се поврзани преку лицето Мицкај кој е сопственик на 50 отсто од албанската Енертрејт, но и на 50 отсто од ЕТМТ Тирана.
„Заклучок: Македонија, граѓаните и ЕЛЕМ/ЕСМ за само 20 часа се оштетени за близу 10 800 000 денари и наместо вишоците да бидат понудени на стопанството кое плаќа според HUPX струја и грчевито се бори да опстане и да ги задржи работниците, парите се крадат и завршуваат во приватни џебови“,
обвини Мицкоски.
Ковачевски, пак, кој денеска тврдеше дека ноќни вишоци што ги продава ЕСМ, се на слободниот пазар и може да ги купи кој било, негираше дека во примерот што го сподели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има некаков личен интерес и профит.
„Денеска споменуваат една од компаниите. Не треба да сте многу паметни или многу бистри. Ќе отворите на интернет и ќе видите дека компанијата којашто ги добила тие ноќни вишоци е една од најголемите трговски компании за електрична енергија во Европа. Таа компанија има вработени 375 луѓе, на дневна основа склучуваат над 15.000 договори и дека во моментот менаџираат со 7 000 мегавати инсталирана моќна енергија. И уште еден податок, во 2020 година оваа компанија на европско ниво имала направено обрт од продажба на електрична енергија повеќе од 19 милијарди евра. И никако не може да стане збор дека овде некој прави лични интереси и дека прави профит“,
рече Ковачевски.