Премиерот потоа рече дека на Балканот има глупави политичари кои се прашуваат како ова може да функционира ако Србија и Албанија не се соседни земји односно нема граница, но и рече дека најголем парадокс е што ние сме биле единствените држави кои немале граници 50 години, а сега имаме. Германија и Франција, како што рече тој, кои имале граници кога ние сме немале, денеска функционираат без граници, а нам ни даваат пари за подобра гранична контрола

Премиерот Димитар Ковачевски во дебата на сесијата „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“ на „Преспа форумот“ за дијалог што се одржува во Струга, зборуваше за иницијативата Отворен Балкан велејќи дека постојат глупави политичари во регионот кои велат како може тоа да функционира кога нема граница меѓу Србија и Албанија.
До ова тој дојде откако претходно правеше паралела помеѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес, кои рече дека во суштина се истите работи што се имплементираат.
„Кој е проблемот со Берлинскиот процес? Проблемот е што секогаш има една земја која поради нејзината внатрешна политичка динамика ги блокира процесите, односно интеграцијата на сите други пет земји. Разликата со Отворен Балкан е што тука се согласуваме што сакаме да имплементираме и едноставно го спроведуваме тоа. Она што треба да се спроведе во Берлинскиот процес во суштина се истите работи кои веќе се спроведени во Отворен Балкан“,
рече Ковачевски.
Премиерот потоа рече дека на Балканот има глупави политичари кои се прашуваат како ова може да функционира ако Србија и Албанија не се соседни земји, односно нема граница, но рече и дека најголем парадокс е што ние сме биле единствените држави кои немале граници 50 години, а сега имаме. Германија и Франција, како што рече тој, кои имале граници кога ние сме немале, денеска функционираат без граници, а нас ни даваат пари подобра гранична контрола.
„Гледам некои глупави политичари кои велат како може Отворен Балкан да постои кога нема граница меѓу Србија и Албанија. Замислете. Тогаш, како може да постои Европската Унија затоа што каде е тогаш границата меѓу Грција и Португалија? Каде е границата помеѓу Бугарија и Шведска? Гледате какви политичари има на Балканот. Ќе најдат секаква бесмисленост за да не постои соработка помеѓу земјите. Замислете некој во Германија да рече – не оваа Европска Унија не е можна, затоа што нема граници помеѓу земјите. А, најголемиот парадокс е што ние бевме единствените земји коишто немаа граници 50 години, а сега сме единствените земји коишто имаат граници. Сега луѓето што седат во првите редови овде од Германија, од Франција – тие имаа граници. Тие сега немаат граници, а ние имаме. Сега тие ни помагаат, ни даваат ИПА-фондови за подобра гранична контрола. Ми даваат пари за да вложувам во граници, ме разбирате. Парадокс е“,
рече Ковачевски.
