Од посебно значење, на средбата е потенцирана помошта и поддршката од Република Србија за време на ковид-19 кризата, кога оваа земја го помогна справувањето со пандемијата со вакцини и друга медицинска помош
Премиерот Димитар Ковачевски денеска е домаќин на премиерката на Република Србија Ана Брнабиќ.
Ковачевски и Брнабиќ утрово се сретнаа во Владата, а на оваа средба присуствуваа и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Од владината прес служба соопштија дека Ковачевски и Брнабиќ ги потврдија долгогодишните и традиционално добри билатерални односи кои дополнително се зајакнуваат од година во година, низ интензивен и пријателски политички дијалог потврден со редовни и чести средби и посети на високо ниво.
Ковачевски истакнал дека унапредувањето на односите меѓу двете земји продолжува во насока на продлабочување на односите со посебен акцент на економската соработка.
Од посебно значење на средбата е потенцирана помошта и поддршката од Република Србија за време на ковид-19 кризата кога оваа земја го помогна справувањето со пандемијата со вакцини и друга медицинска помош.

Ковачевски се заблагодарил и за отстранувањето на забраната за извоз на житни производи и масло за јадење со што покажа разбирање и солидарност како дел од својата определба за соработка во регионот.
На средбата Ковачевски и Брнабиќ разговарале и за Иницијативата „Отворен Балкан“, при што е оценето дека иницијативата треба да продолжи да функционира како платформа за регионална соработка на сите нивоа.
Упатена е и отворена покана на претстојниот Самит на „Отворен Балкан“ во Охрид да учествуваат и другите земји од регионот за, како што се истакнува во соопштението, да се почувствува поголема придобивка за сите граѓани од Западен Балкан.

На средбата станало збор и за подготвеноста на двете страни за организирање на третата заедничка седница на двете влади како позитивен поттик за натамошниот развој и интензивирање на односите и соработката, особено во економската соработка.
„Србија е трет најголем трговски партнер на Северна Македонија и премиерите Ковачевски и Брнабиќ констатираа дека вкупна вредност на трговската размена од над 1 милијарда долари, која што забележа раст токму за време на пандемијата е јасен знак дека економската соработка треба да продолжи да се унапредува со континуирани Б2Б средби и бизнис форуми, како и со заедничко вмрежување за настап на трети пазари. Како посебно значајни за поврзување на регионот беа оценети автопатните и железничките инфраструктурните проекти на коридорите 10 и 8“,
се вели во соопштението.
Во однос на евроинтеграцијата на регионот, Ковачевски и Брнабиќ оценија дека сега е вистински момент Северна Македонија и Србија да ги започнат преговорите со ЕУ и дека тој чекор ќе биде позитивен сигнал за целиот регион од аспект на неговата геостратешка важност и стабилност, соопштија од Владата.
На средбата како позитивен е оценет моментот на придвижување на односите меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со цел за надминување на меѓусебните прашања.