Момчето денеска треба да даде исказ во постапката против неговите родители. Со оглед на тоа дека во моментот на масакрот бил малолетник, нема да сноси кривична одговорност за своето дело
Во зградата на Специјалниот суд во Белград денеска продолжува судењето на Миљана и Владимир Кецмановиќ, родителите на момчето кое уби девет ученици и чуварот во ОУ „Владислав Рибникар“.
На денешното судење сведочи малолетниот убиец Коста, кој околу 9 часот со возило на брза помош бил донесен на улицата „Устаничка“ во придружба на полиција, јавува Нова.рс.
Момчето денеска треба да даде исказ во постапката против неговите родители. Со оглед на тоа дека во моментот на масакрот бил малолетник, нема да сноси кривична одговорност за своето дело. „Телеграф“ наведува дека момчето најверојатно ќе зборува за тоа како неговиот татко го чувал оружјето и како го добил.
Коста, иако првично беше најавено дека ќе биде во просторијата за заштитени сведоци, од каде што никој не може да го види, како што јавуваат српските медиуми, својот исказ го дава од судската говорница.
Со оглед на тоа дека решил да зборува за масакрот што го направил, ќе мора да одговори апсолутно на секое прашање што ќе му биде поставено – од судијата, обвинителот, семејствата на жртвите, но и неговите родители, пренесува Блиц.
Таткото Владимир Кецмановиќ се товари за тешко дело против општата безбедност, бидејќи, како што се наведува, го однел својот тогаш 13-годишен син на стрелиште и го научил да пука, а исто така не го заштитил соодветно оружјето што го имаше дома. Тој е во притвор од 3 мај кога беше приведен.
Мајката на убиецот, Миљана Кецмановиќ, е обвинета за недозволено поседување, носење и тргување со оружје, со оглед на тоа што нејзината ДНК била пронајдена на еден од патроните во училницата, како и на лентата за коса која била врзана за шишето во кое нејзиниот син направил молотов коктел.
Коста К. на 3 мај 2023 година ги уби Бојана Асовиќ (11), Ана Божовиќ (11), Катарина Мартиновиќ (12), Мара Анѓелковиќ (13), Ема Кобиљски (13), Софија Негиќ (13), Андрија Чикиќ (14). ), Адријана Дукиќ (14), Ангелина Аќимовиќ (14) и Драган Влаховиќ (53), а беа ранети шест лица.
