Едно неодамнешно истражување на јавното мислење покажа дека само шест отсто од граѓаните имаат целосна доверба во полицијата, а дури 36 отсто воопшто немаат. Поради ваквата состојба и поради зголемениот број пријави до внатрешната контрола за неетичко, па и коруптивно однесување на полициски службеници, МВР донесе План за интегритет, а се воведе и тест за интегритет при вработување во полицијата, како и за веќе вработените
Шест дена пред Нова година, додека граѓаните со часови чекаа да го минат граничниот премин „Табановце“, во тек беше полициска акција во полициската станица на преминот.
Претрес и во автомобили и во домови на осомничените – меѓу нив и командирот и заменик-командирот. Полицијата соопшти дека пронашла околу 20 илјади евра, дел скриени во кутии од цигари, пари кои потекнуваат од поткуп даден за да се помине границата без пасош и лична карта или со истечена возачка и зелен картон. Според Обвинителството, од 5 до 30 евра била тарифата за незаконско минување, а парите се делеле меѓу членовите на организираната криминална група, како што ја нарекоа институциите. Кривична пријава за злосторничко здружување, примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластување добија 12 лица.

Во годината што заврши со апсења за примање поткуп, беа донесени измени во Законот за внатрешни работи чија цел, меѓу другото, е и унапредување на професионалниот интегритет на вработените во Министерството за внатрешни работи.

„Поимот интегритет, разгледан на ниво на МВР, во најголема мерка претставува отпорност кон незаконито постапување и збир од сите политики, стандарди и процедури воспоставени во Министерството кои ја зајакнуваат отпорноста кон незаконито постапување, во најголема мера претставува отпорност на полицијата кон корупција“,
вели Сашко Тодоров – Оддел за внатрешна контрола – МВР.
Со законските измени, еден од условите за вработување во МВР е положен тест за интегритет. Со тестот што кандидатите го полагаат во Центарот за обука на МВР во Идризиво, треба да се оцени колку личноста е склона на корупција и предрасуди, а колку е морална и лојална. Тестот е воведен по многуте пријавени случаи на несоодветно постапување.

„Премногу поднесени претставки во внатрешна контрола за неетичкото постапување, за непрофесионалното постапување, во делот на коруптивноста на полициските службеници и токму затоа беше еден предизвик да се воведе еден таков тест за интегритет и токму тој тест да биде еден од условите за новото вработување или за прием во редовите на Министерството за внатрешни работи“,
вели Суза Трајковска – помошник-министер за Центарот за обука – МВР.
Досега е тестирана само една генерација кандидати кои треба да почнат со основната обука за полицајци. Надлежните очекуваат дека дури кога ќе бидат вработени и ќе почнат со извршување задачи, ќе може да се види дали тестот е ефикасен и дали се избрани полициски службеници со високо ниво на интегритет.
„Јас сум уверена дека таквиот пристап – и со воведување на тестот за интегритет и со воведување на темите за полициски интегритет во основната полициска обука, ќе даде резултати и ќе имаме уште поголема доверба на јавноста во полициското работење и ќе имаме намалена коруптивност од страна на полициските службеници“,
додава Трајковска.
Тоа ќе биде проверливо. Од април годинава се воведува и тест за проверка на професионален интегритет за веќе вработени во МВР. На пример, при планирана акциска контрола за брзо возење, ненајавено со автомобил би поминал тим од Одделот за внатрешна контрола, кој со употреба на прикриени технички средства би документирал дали полицискиот службеник ќе покаже коруптивно однесување.

„Овој тест всушност претставува контрола на однесување на полицискиот службеник којшто се тестира во една симулирана ситуација што е идентична на работните обврски и активности на работникот кои секојдневно ги извршува“,
смета Игор Арсовски – помошник-министер во Одделот за внатрешна контрола – МВР.
Работна група во МВР изготви правилник за тестирањето.

„Тој предвидува кој може да иницира и врз основа на што да иницира да се спроведе тест за професионален интегритет, кој го одобрува тоа и како изгледа планот – што сè треба да содржи и каде во реални услови ќе се изведува таа симулирана ситуација“,
додава Арсовски.
Тестот ќе може и да се снима – аудио и видео. Сепак, снимката нема да може да се користи како посебна истражна мерка, туку само како индиција.

„Негативниот тест за интегритет може да биде индикатор и за отворање предистражна постапка, за промена на одредени процедури и методологии на работа и за проценка за одредена обука и видот на обука на вработените во Министерството“,
смета Даниел Окановиќ – началник на сектор за внатрешна контрола на МВР за Град Скопје.
МВР за првпат изготви и План за интегритет – стратешки документ со кој се утврдени шест полициски области кои се најизложени на незаконито, неетичко и непрофесионално постапување.

„И тоа ризиците во сообраќајната полиција, ризиците во Одделот за граѓански работи, што има најмногу допир со странки при издавање на лични документи, ризиците што ги утврдивме при системот за управување со човечки ресурси, што подразбира вработување, унапредување и распоредување во МВР, исто така како ризик – прекумерната употреба на сила при примена на полициските овластувања, ризикот при примена на системот на јавните набавки, што е подложен на судир на интереси, и на крајот, оној ризик-фактор при процесите на етички дилеми, поставување на интегритетот и новините од законите за укажувачи“,
вели Цветанка Цурева Алексовска – Оддел за внатрешна контрола – МВР.
Со помош на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ) во Центарот за обука на МВР се опремуваат две простории за тестирањето на новите кандидати да биде електронско.

„Наша цел е да го поддржиме развојот обезбедувајќи ги алатките, прво за да се разбере процесот, а потоа преку негово разбирање да се продолжи со директна имплементација. Во овој случај обезбедуваме директна поддршка за техничка експертиза, прикажуваме различни примери од различни земји кои реализирале слични процеси“,
рече Пауло Коста – Женевски центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ).
Во последното истражување „Еврометар“ на Центарот за европски стратегии „Евротинк“, само шест отсто од испитаниците одговориле дека имаат целосна доверба во полицијата, а воопшо немаат доверба 36 проценти.
Воопшто не се согласуваат дека полицијата е професионална во својата работа 28 отсто, а речиси половина од испитаниците воопшто не се согласуваат дека полицијата е независна од партиските, владините или бизнис-интересите.
Тестот за интегритет е еден од начините македонските полицајци да си го подобрат рејтингот и да покажат дека интегритетот не им е на продажба.