Веќе 14 години земјоделците во Македонија имаат пристап до европските фондови за одржливо и конкурентно земјоделство, програма позната под кратенката ИПАРД.

„Нашата држава мислам дека стана и лидер во регионот за искористување на тие ИПАРД-средства“,
сметаат од државните институции.

Терминот „искористување“ се користи затоа што, за разлика од домашните, европските субвенции се добиваат само со издржан план за развој и вложување и сопствени средства.

„Видете уште малку да го олесните. Има многу документација обемна“, „ние позади Европа сме 100 години, вие ни барате европски услови“,
се само дел од коментарите на земјоделците.
Од 2007 до 2020 година македонските земјоделци имаа можност да „земат“ 140 милиони евра од ИПАРД-програмата. Колку искористија и зошто се уште има непотрошени пари?

На почетокот на месецов карван на Министерството за земјоделство стигна во Гостивар. Во Домот на млади, државни службеници им ја презентираа мерката 1 од ИПАРД 2 програмата на локалните земјоделци. Народски кажано, има 9 милиони евра за субвенции кои мора да се побараат до 14 април за инвестиции во сточарско производство, преработка, маркетинг или производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка.
„Вашиот интерес треба да биде во таа насока што поконкретно и како да доаѓате полесно за апликација, како може да се приближите, да се придобијат и искористат овие фондови“,
рекоа претставници од државните институции.
Но, за воопшто да може да се побара од овие пари, треба да се исполнат редица услови – прво, уредни документи и регулирани сметки, а потоа план и желба за инвестиции во развој. А, кај нас дебатата е во ваква атмосфера…
„На тоа место имам имотен лист, но немам дозвола за градба. Тука паѓаме сите, 90 насто од луѓето паѓаат на таа точка“.
„ИПАРД фондовите бараат и малце и поголема заложба, имаат обемна документација, треба навреме“.
„Се прави баук од ИПАРДОТ, меѓутоа, едноставно и изџвакано е се“.
„Сите села во околината немаат дозвола за градба, тоа било така и така е уште“.
Условите од годинава навистина се построги, но тие треба да го скратат времето на чекање – дали некое барање за европски грант е прифатено или не. А и потребните документи сега може да се најдат на интернет.

„До претходната година, доколку беше некомплетно барањето, доставуваа и повторно ги бараа апликантите, бараа дополнително да им се достават барања, но од оваа година доколку барањето кое што е подготвено е некомплетно, тогаш ќе биде одбиено“,
вели Ранкива Божиновска од Агенција за поттикнување на развој во земјоделството.
Вреди ли маката за земјоделците да се занимаваат со документација, прашавме кај оние што успеале да добијат пари од ИПАРД.
Марија Тошевска од крушевското село Светомитрани, која се занимава со полјоделство, житни култури и земјоделско производство, е задоволна.

„Ни одобрија тробразден плуг, влечна тањирача, прскалка, фреза, приколица и фаќалка за ролобали. Очекувавме да добиеме, но во последните не известија и добивме“,
вели Тошевска.
За разлика од неа, Пецо Колевски од селото Крушеани, општина Кривогаштани, откако не успеал да добие средства, потребниот трактор го купил од свој џеб.

„Тие што добија, некои добија на среќа и претежно со помош од пријател. Два пати аплицирав и двата пати ме одбија. Од кои првиот пат сум немал доволно капацитет, а вториот пат ме одбија дека немале пари да ме исплатат“,
вели тој.
Сепак, најчести се примерите како на 34-годишниот Даниел Карбаневски, кој иако е регистриран земјоделец и има потреба од механизација, не ги исполнува условите. Но, не по своја вина.

„Условите се прилично тешки, бидејќи треба многу работи да имаме легализирано – струја, вода, тие услови во руралните средини не се ни малку исполнети. Со години некои работи се немаат легализирано, единствено што се објектите каде што живееме. Со имотите што ги имаме, не знаеме како треба да биде, не е едноставно само префрлањето на мое име“,
вели тој.
Според истражувањето на невладината организација „Агролидер“ направено лани на 300 испитаници во пелагониско, друга, можеби и најголема пречка за подобро искористување на европските пари, е неинформираноста.

– Кај постарата популација постои евроскептицизам како резултат на недоволна информираност за ЕУ,
– Ограничениот пристап до информации, пак, е последица на политички влијанија што придонесува за односот на земјоделците кон ЕУ, зависно кој е на власт. Па, голем дел од анкетираните мислат дека пари дава државата, а не ЕУ.
– На крај, поради политичкото влијание на информациите, руралното население не гледа подобрување од реформите помогнати од ЕУ.
Даниела Цветановска од „Агролидер“, која работела на истражувањето, вели дека дел овие перцепции тешко се разбиваат и поради бавната бирократија.

„Имаме и случаи каде со потполна документација, со потпишан договор, се чека долго време на спроведување на средствата и на доставување на програмата. Имаме мерки кои се временски ограничени и треба временски во најбрз можен рок да бидат имплементирани, а не после некое време кога нема да има ефект од истите“,
смета Цветановска.
Неинформираноста, но и недостатокот на канали за кредибилно информирање, на крај влијаат значителен дел од парите да не се поделат.
Со ИПАРД 1, кој почна во 2007 година, на располагање беа ставени 60,7 милиони евра од кои 75% пари на ЕУ, а 25% домашни пари. До 2014, кога заврши програмата, земјоделците искористија само 17% или 10,3 милиони евра.

Со ИПАРД 2, кој со задоцнување наместо во 2014 почна во 2017 година, беа предвидени 80 милиони евра за субвенции. До годинава, кога и завршува програмата, искористени се далеку повеќе средства отколку во првиот циклус – 47,5 отсто или 38 милиони евра.

За ИПАРД 2 биле поднесени 3134 апликации, од кои биле одобрени 1637. Помошта била за три мерки – за земјоделски стопанства (мерка 1), за преработувачка индустрија наменета за бизнис-секторот (мерка 3) и за непреработувачка индустрија (мерка 7). Останатите апликации се одбиени поради некомплетна документација или откажување на самите земјоделци.
Значајна причина што многу земјоделци се откажуваат или воопшто не аплицираат за европските субвенции е недостатокот на т.н. механизам за гаранција. Услов за секоја апликација за пари од ИПАРД, е барателот самиот да учествува најчесто со 50% од парите во инвестицијата. Проблемот е што кога земјоделец ги нема тие пари, тешко може да се позајми.

„Се најавуваше тој гарантен фонд дека и овој период ќе профункционира, но се уште не е профункциониран и од друга страна ја имаме недовербата и комуникацијата помеѓу земјоделците од една страна и банките од друга страна. Се уште земјоделското земјиште во поголем број од регионите на државата не е високо вреднувано заедно со имотот и нормално дека тука банките не гледаат интерес да даваат кредити на земјоделците. Банките укажуваат дека ако влеземе во финансиска криза, влезе тој земјоделец ќе го земеме тракторот, а вака имотот на село, на куќа не им е високо вреднуван“,
смета Билјана Петровска од Националната федерација на фармери.
Додека се чека на државен гарантен фонд или разбирање од банките, Федерацијата на фармери бара државните институции да соработуваат подобро за другите проблеми. На пример, државата да биде искрена кои критериуми можат да се исполнат кога седнува да ги преговара условите со ЕУ.
„Најголем проблем тука се градежните дозволи, ако сака да се обновува некој објект, да се набави преработувачка опрема или каква било дополнителна инвестиција и ако сака нешто да се гради, треба да се набави градежна дозвола, која се уште е тежок процес за земјоделците. ДУП-овите се уште за селата се голем проблем и предизвик нормално за самите власти, односно локалните општини, тоа треба посебно да се работи во рамките на општините“,
сметаат од НФФ.
За недостатоците се свесни и во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Планот им е проблемот со легализацијата да го решат со државни пари за изработка на локални Детални урбанистички планови. За кредитирањето, пак, засега можат само да бараат разбирање од банките, барем малите земјоделци да имаат начин за осигурување на нивниот кредит.

„Кај помалите инвестиции од 10-тици илјади евра, кои се поврат на средства или од буџет, банките покажале досега одредена мала флексибилност каде што и самиот договор им е гаранција некогаш дека, под одредени услови со странката, средствата кога ќе се префрлат на сметка на корисникот на мерката дека всушност е гарант дека ќе се исплати и самиот кредит“,
вели Николче Бабовски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Бабовски вели дека и во моментов има еден вид на државен гарантен фонд, но тој се однесува само на преработувачката индустрија.
„Има во програмата мерка која се однесува на овие преработувачки капацитети, аплицираат во МЗШВ и другите 50 насто од нивната инвестиција, за да не земаат големи кредити, се финансираат од таму. Со тоа што, финансирањето е со грејс период од 1 година и враќање на наредните 7 години без камати, во буџетот на државата. Не е класичен гарантен фонд кој во одредени земји постои. Се надевам дека трендот ќе го продолжиме и во иднина ќе стигнеме и до тој гарантен фонд“,
вели Бабовски.
Спроведувањето на ИПАРД 2 програмата ја следи посебен Комитет. Во последниот годишен извештај, за 2019 година, и таму се укажува дека сепак најголем проблем за подобро искористување на парите е слабата информираност на земјоделците.

Затоа и институциите почнаа да организираат карвани, како тој во Гостивар. Идејата е државата да продолжи да оди кај земјоделците. А ако тие решат да аплицираат на следната програма ИПАРД 3, ЕУ и домашните институции да им овозможат тоа да го сторат и поевтино и побрзо – од дома, преку интернет.