Да не беше субвенционирањето на струјата од буџетот, оние што сега плаќаат две илјади денари месечно, ќе требаше да плаќаат пет илјади денари
Како решенија на среден и долг рок се сугерираат максимално зголемување на домашното производство на струја и инвестирање во фотоволтаични централи и од домаќинставата и од компаниите
На крајот на минатото лето само се навести, но како изминуваше есента стана јасно дека Европа се соочува со недостаток на евтини енергенси. Цената на електричната енергија се зголеми неколкукратно, а Северна Македонија е дел од Европа.
„Сакам да ве информирам дека Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во траење од 30 дена“,
изјави на 9 ноември 2021 година министерот за економија, Крешник Бектеши.
Не помина долго за да се заклучи дека еден месец не е доволен.
„Му се предлага на Собранието на С Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во наредните 6 месеци, односно до 9 јуни 2022 година“,
најави на почетокот на декември портпаролот Мухамед Хоџа, соопштувајќи ја владината одлука.
Ретки се граѓаните што ги интересира енергетиката се додека сметката за струја е горе-долу иста. Па, ретко кој и ја забележа изјавата на премиерот – дека огромен дел од сметката за електрична енергија за секој дом, всушност, се плаќа од Буџетот.
„Продолжуваме да субвенционираме дури 80 насто од сметките за струја на домаќинствата“,
рече неодамна премиерот во посета на Прилеп.
Како државата покрива 80 отсто од сметката за струја, но и до кога буџетот може да си дозволи да ги „плаќа“ сметките на граѓаните?
До крајот на минатата година, цената на високата тарифа на електрична енергија за домаќинствата изнесуваше 6,69 денари за 1 kWh. По стартот на енергетската криза, таа поскапе само еднаш, пред Нова година и тоа на 7,32 денари за 1 kwh или за околу 9,5%
Во истиот временски период, цената на електричната енергија на слободниот пазар порасна неколкукратно. На пример, просечната месечна цена за 1 MWh на слободниот пазар во Грција, лани во февруари била 50,37 евра, а во февруари годинава таа цена изнесувала 211,73 евра за 1 MWh.
Според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика, ако земјава се водеше по моделот за снабдување со електрична енергија на домаќинствата како пред кризата, сметките ќе беа повисоки за речиси три пати.
„Сега, ако просечната цена за домаќинствата е 5,4 денари, во тој случај домаќинствата би плаќале околу 15 денари за киловат час што е апсолутно неодржливо и неоправдано, бидејќи домаќинствата тоа нема да можат да го издржат. Бидејќи, на крајот на денот, ќе настане и сериозен проблем со ликвидноста, бидејќи нема домаќинство, ако плаќало 2000 денари, да му кажете да плаќа 5000 денари. Ќе настане проблем“,
вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Па, како беше можно струјата на слободниот пазар за една година да поскапи за 400%, а на сметка само 9,5%? Бислимовски прво ни објасни каде одат парите од секоја сметка за електрична енергија за домаќинствата.
Најмногу, 43,25 отсто, завршуваат кај Електрани на Северна Македонија – најголем производител а во моментов и увозник на електрична енергија за потребите на домаќинствата. Тоа е цената само за струјата. Потоа, 40,65 отсто од сметката одат на услугите потребни за произведената или купена електрична енергија да се пренесе и дистрибуира до домаќинствата. Третиот најголем трошок, кој е 10,32 отсто, отпаѓа на маржата за универзалниот снабдувач, која е утврдена на тендер за период од пет години.
Каде одат парите од сметката за струја е важно бидејќи сите домаќинства во земјава купуваат електрична енергија од ЕВН Македонија, т.н. универзален снабдувач. Најголемиот производител на електрична енергија, во случајот Електрани на Северна Македонија, е должен да покрие 60% од потребите на универзалниот снабдувач. Остатокот, во нормални околности, се купува од слободниот пазар и во мал процент од повластените производители – како малите хидроцентрали.
Со поскапувањето на струјата на слободниот пазар, Електрани на Северна Македонија, скратено ЕСМ, презеде обврска да обезбеди 100% од струјата за универзалниот снабдувач. Или, ЕСМ сега обезбедува 100% од струјата за домаќинствата. А за да има ниска сметка за струја за домаќинствата, ЕСМ ја продава струјата на ЕВН речиси по стара цена, иако ја набавува или произведува неколкукратно поскапо.
„ЕСМ купува струја од ТЕЦ Неготино за 200 евра да речеме, а ја продава за 41 евро. Таа разлика апсолутно ја покрива Владата, бидејќи Владата дава пари и за набавка на мазут кој е потребен за производство на електрична енергија во ТЕЦ Неготино. Дополнително, ЕСМ презема обврска да купува електрична енергија во февруари, март и последните 10 дена јануари од ТЕТО. Во февруари и март по цена од 190 евра, а во последните 10 дена од јануари за 190 евра за мегават час. Сето тоа се дополнителни обврски и трошоци на ЕСМ со цел да одржи стабилна цена за домаќинствата и сето тоа разликата од реалниот трошок што го има дека за мазутот мора да се плати и на ТЕТО, мора да се плати, се покрива од буџетот на државата“,
објаснува Бислимовски.
Ако немало интервенција од државата, проценката на Регулаторната комисија е дека само врз основа на ова, вкупниот трошок кој би паднал на товар граѓаните е околу 260 милиони евра. Уште дополнителни 210 милиони евра, пак, би чинела втората најголема ставка во сметката – преносот и дистрибуцијата, која ги опфаќа и загубите на МЕПСО и Електродистрибуција и други трошоци. Или, потенцијалниот екстра трошок, ако се останеше по старо, ќе беше околу 470 милиони евра.
Од двете опции – директно да се субвенционираат граѓаните или да се субвенционираат Електрани на Северна Македонија, државата го одбра вториот модел.
„Владата направи дел субвенционирање кај потрошувачите, но тоа е мало, но најголем дел прави кај ЕСМ и со овој проблем се соочуваат сите влади во регионот и Европа. Или со директна субвенција на потрошувачите. Или со субвенции на компаниите кои даваат соодветна услуга и мене ако ме прашате, јас не верувам дека која била влада може да го издржува овој удар да дава половина милијарда евра на годишно ниво за одржување на ценовна стабилност бидејќи сите останати проекти во државата и капитални инвестиции ќе бидат на сериозен удар. Така што, во наредниот период треба да се наоѓаат соодветни начини. Најдобар начин за тоа да се реши е ЕСМ максимално да го зголеми своето производство“,
смета Бислимовски.
Засега, кризата која потенцијално можеше да ги чини граѓаните 470 милиони евра, Владата ја плати со 170 милиони евра – со кои ЕСМ ги активираше и ТЕЦ Неготино и РЕК Осломеј, купувајќи мазут и јаглен за нив, а го набавуваше и делот од струјата што фалеше.
„Од ноември до денес, од државниот Буџет, на сметката на АД ЕСМ се префрлени нешто над 10 милијарди денари или околу 171 милион евра. АД ЕСМ, секој месец, на писмено и транспарентно, секој месец ја информира владата како се трошат средствата од наменската сметка за кризата и заедно со премиерот, вицепремиерите и министрите ги креираме чекорите за менаџирање на состојбата“,
изјави директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Директорот на ЕСМ, во истиот настап, кажа дека до крајот на годината ќе бидат потребни уште 100 милиони евра за да се покрие „дупката“. Според министерот за економија, Крешник Бектеши, тие пари се обезбедени.
„Веќе средствата за работењето на ЕСМ се обезбедени од страна на ЕБРД и тоа е донесено како одлука на Владата“,
вели Бектеши.
За тоа колку пари од буџетот ќе бидат потребни за сметките за струја да останат ниски, зборуваше и премиерот Димитар Ковачевски во гостувањето во „360 степени“ во петокот. Тој се држеше до бројките кои ги соопштија директорот на ЕСМ и министерот за економија, 170 милиони евра потрошени досега и уште 100 милиони за до крајот на годината.
„Затоа денеска и директорот на ЕСМ и министерот Бекташи дадоа и по структура на што се инвестирани тие пари, односно потрошени од буџетот, за обезбедување на високо ниво на производство на енергија од домашен извор, бидејќи таа е поевтина од увозната. За покривање на оние октомвриски повлекувања коишто ги имавме, всушност ноемвриски и за одржување на ликвидноста, како и за набавка на дополнителни суровини за производство на електрична енергија во РЕК и во Осломеј.
– А загубите во дистрибуција, загубите на МЕПСО?
– Загубите исто така влегуваат. Не само загубите на МЕПСО. Загубите се кај дистрибутерот на малите потрошувачи, на резиденцијалните потрошувачи и на компаниите
– Во 170 милиони влегува и загубата?
– И загубата влегува, точно. Значи, сето тоа овозможи да немаме ценовен шок за граѓаните,
изјави Ковачевски во емисијата „360 степени“.
Премиерот тврди и дека сите овие трошоци веќе биле планирани и дека нема да го зголемат планираниот буџетски дефицит. Сепак, дека Владата не може вака на долг рок, говорат две најавени мерки. Едната е дека на домаќинствата ќе им се дозволи да произведуваат електрична енергија од фотоволтаици до 6 киловати, наместо досегашните 4. Кај компаниите границата се крева од 20 на 40 киловати, но со услов да извадат и лиценца.
Во исто време, ќе се воведат три тарифи за електрична енергија за домаќинствата – оние што трошат просечно да плаќаат и малку поевтино, но тие што трошат над просекот да плаќаат повеќе.
„Некаде во рамки на просечна потрошувачка во државата да има цена која ќе биде пониска од постоечката. И понатаму како ќе расте потрошувачката оваа цена да се зголемува. Ќе водиме сметка за домаќинства кои не по своја вина, во Скопје имаме да речеме имаме организиран систем за дистрибуција на топлинска енергија и таму нема да биде голем ударот. Но, во други градови и делови од Скопје кои живеат во згради домаќинствата и во куќи користат електрична енергија за греење за греење. Вие имате во Велес во Прилеп, Битола, не може да му кажете да се грее на нешто друго, струјата им е единствена опција. И ќе водиме сметка за вториот блок и тоа да не предизвика ценовен шок врз домаќинствата“,
изјави Бислимовски.
Додека се бара најдобриот начин за функционирање на блок-тарифите, регулаторот дошол до фрапантен податок – 17 домаќинства трошеле 10 отсто од вкупните потреби на сите домаќинства во земјава. Или, ако годишно се потребни 3 милијарди киловат часа, тие 17 домаќинства користеле 330 милиони за една година. За таквите и слични случаи, цената ќе биде драстично повисока со цел да бидат принудени да инвестираат во фотоволтаици.