Во Скопје, еден оброк во т.н. „народни кујни“ чини 239 денари. Во еден од деновите кога излеговме на терен да провериме што добиваат корисниците, затекнавме дека не се дели готвена храна туку „ланч пакет“ кој како комбинација не постои во менито утврдено со договорот вреден близу 1,5 милиони евра. Компанијата која е носител на набавката тврди дека така било само тој ден, бидејќи не можеле да ги зготват оброците поради проблеми со снабдувањето со електрична енергија
Центарот за граѓански комуникации, невладина организација која и подолго и подлабински се занимавала со тендерот, стигнал и до други заклучоци кои отвораат сомнежи за можни недостатоци при спроведувањето на јавната набавка. Од надлежното министерство и од фирмата носител на набавката тврдат дека се е согласно договорот
Овие снимки се направени на 10 март 2026 година. Снимаме во населбата Драчево, зад објектот на месната заедница. Околу 9 часот доаѓа бело комбе, од кое почнува да се дели храна на насобраните граѓани.
Не станува збор за добротворна акција. Вака, во Скопје, изгледа проектот за еден топол оброк дневно за најсиромашните, наречен „народни кујни“, а кој го спроведува приватна фирма што го добила тендерот од Министерството за социјална политика.
Според склучениот договор, еден оброк државата го плаќа 239 денари со ДДВ. На годишно ниво, државата се обврзува да плаќа до вкупна сума од 1 460 000 евра што претставува 375 000 оброци.
Утврдено е и што треба да се готви и испорачува секој ден. Според неделното мени во вторници треба да има: плескавици со компир пире и сос, сезонска салата и леб, или мусака од компири (тиквички), сезонска салата и леб, или ќофте во доматен сос, сезонска салата, колач и леб, или шпагети во сос од мелено месо, прилог компир пире, сезонска салата и леб.
Но, на терен, иако е вторник, корисниците на помошта добија нешто сосема друго за јадење. Им поделија спанаќ со јајца, парче леб и тортичка.
Истиот ден отидовме и на друга локација, пред старото кино во Маџари. Вратата на комбето се отвори и почна да се дели храна. Оброкот беше истиот како и во Драчево.
Според менито во договорот, јадењето што го добија корисниците на помошта во вторник, треба да се сервира во еден петок во текот на четири недели.
Следниот ден, среда 11 март 2026 година, повторно излеговме на терен. Овој пат отидовме до општина Бутел. Таму храната не се дели директно од комбето, туку се остава во просториите на здружението на пензионери.
Според договорот за јавна набавка, во средите, зависно од неделата, треба да се сервира:
– Пилешка супа, ориз тава со пилешки батак, сезонска салата и леб или
– Риба ослиќ, тава ориз, сезонска салата и леб или
– Пилешка супа, пилешки стек со динстан ориз, сезонска салата и леб или
– Вариво грашок (боранија) со јунешко месо, сезонска салата и леб.
Но, на терен, корисниците добија – една пилешка паштета, парче леб, мал сок во тетрапак и тортичка.
Таков оброк, според договорот склучен меѓу Министерството за социјална политика и приватната фирма „Парти сервис лео“, не постои во менито.
360°: Денеска е среда треба готвена јадење?
-Готвено нема, денеска конзерва
Од Бутел, продолживме и во Општина Центар, близу амбасадата на САД. Тоа е една од деветте локации каде граѓани во социјален ризик на улица чекаат храна од комбе, иако според јавниот повик би требало да користат јавни кујни.
И таму, го добија истиот оброк како во Бутел, пилешка паштета, леб, мал сок и тортичка, кој државата го плаќа 239 денари.
Храната е катастрофа, храната е за никаде, никој не ја јаде како ја носат така си ја фрлат значи не е добро храната, храната е катастрофа никој не ја јаде само петокот единствено што дават нешто ептен некој кашкал дават нешто и тоа го јадат луѓето.А ова што ги дват манџите не се ни топли, не се ни убави, не се ни вкусни.Гледај ова ли је јаде, ова не се јаде, види што е, не личи на јадење, ова срамота, не сме ние свињи ние сме луѓе, ова не се јаде.
рече жител на Општина Центар.
Со јавната набавка на готови оброци за корисниците на т.н. народни кујни и подолго и подлабински се занимавала невладината организација Центар за граѓански комуникации.
Индицијата произлезе од тоа што Министерството за социјална политика всушност за првпат го спроведува овој тендер за набавка на готови јадења за корисниците на народната кујна. Досега тендерот го спроведуваше Центарот за меѓуопштинска соработка на Град Скопје. Тендерот беше двапати поништуван и секако тоа дојде некако како се запали некое црвено знаменце кај нас, дополнително со зголемената вредност на самиот договор. И секако сакавме да видиме нели договор вреден 1,5 милион евра како се имплементира.
вели Факиќ.
При своето истражување, вклучувајќи ја и теренска работа, од Центарот за граѓански комуникации дошле и до дополни заклучоци дека:
Значи во тендерската документација и во склучениот договор се предвидени менија за секој ден во четири недели, значи опфатен е цел еден месец. И таму е дадена можност да се направи одредена промена во дадени денови, на пример нели наместо јадењето од вторник да може да се даде во среда, и тоа ние низ мониторингот го констатираме. Меѓутоа за тоа да се направи потребно е да се добие дозвола од Министерството за социјална политика, такви докази дека така е постапено не знаеме.
рече Факиќ.
Додека во Скопје социјално загрозените граѓани се принудени да чекаат комбиња на улица, при секакви временски услови и за што државата плаќа 239 денари по оброк, невладината организација открила пример каде токму државата ја набавува истата услуга за многу поевтино.
Во таа насока ние дури и го посетивме Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Тетово… бевме на локацијата, произлезе дека таму за 105 денари овој тендер го реализира детската градинка. Произлезе дека се разбира и таму кажаа дека нели согласно тендерската документација дека не се презадоволни нели корисниците на народната кујна во смисла на тоа дека и таму количините кои се предвидени нели не ги задоволуваат нивните потреби – сепак станува збор за еден оброк дневно – меѓутоа кажаа дека максимално се трудат да се придржуваат до тендерската документација и од тоа што ние го видовме произлегува дека е така. Таму храната се остава во одредена просторија која е определена за тие потреби и корисниците кога се во можност во текот на денот доаѓаат и ја земаат таа храна. А сепак имаме ситуација и разлика од 105 денари по оброк во однос на 239 денари.
додаде Факиќ.
Имајќи ги предвид резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, но и заклучоците до кои самите дојдовме на терен, се обративме до Министерството за социјална политика, млади и демографија како договорен орган и до компанијата „Парти сервис лео“, како носител на набавката.
На прашањето за констатациите дека во менијата недостигаат компоненти како супи или овошје, од фирмата велат:
На прашањето, пак, зошто на граѓаните им се испорачуваат комбинации од продукти кои понекогаш и не постојат во менито утврдено со тендерската документација, како во случајот што го затекнавме – паштета, леб, мал сок и тортичка, ни одговорија:
Во однос на заклучокот дека менијата секогаш не одговараат на распоредот по денови како во договорот, ни одговорија дека тоа е можност што постои и во самиот тендер.
На прашањето, зошто комбињата се задржуваат до 30 минути на локациите, а во тендерот е предвидено два часа, објаснувањето е:
Како се евидентира и докажува колку точно оброци се подготвени секој ден и колку корисници го подигнале оброкот, од фирмата велат:
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади ни одговорија дека имаат дневни извештаи за бројот на поделени оброци и дека ротациите во оброците се координирани со нив.
Но, на нашето прашање дали одобриле сервирање оброк што го нема во менито, како случајот со паштетата, лепчето, тортичката и сокчето, од министерството велат:
За забелешките од корисниците и заклучоците од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации дека, на пример, не се дели супа, од министерството велат дека супа се дели еднаш на две недели и дека никој официјално не се пожалил.
За делот од истражувањето на невладината организација дека во Тетово сличен оброк чини 105 денари, наспроти 239 денари во Скопје, од ресорот кој го води Фатмир Лимани одговараат:
Иако комбињата на терен остануваа до 30 минути, што според фирмата е оправдано доколку корисниците дотогаш си ги подигнат оброците, од Министерството тврдат дека носителот на набавката е должен да врши испорака во точно определените интервали. За начинот на дистрибуција на храната велат дека е целосно според условите на договорот – во амбалажа за еднократна употреба, безбедна и отпорна на висока температура.
Моделот можеби навистина го намалува ризикот од зарази, но делењето храна на улица наместо во затворени простории секако не е покажување почит кон најсиромашната категорија граѓани.
Впрочем, факт е дека и државата на хартија говори за „народни кујни“ што подразбира топло прибежиште за најранливите. Народните кујни, како што забележа нашата камера, постојат. Но, државата оставила тие да се претворат во депонии.
Па, сепак, од министерството, на прашањето за општествената стигматизација на корисниците, повикуваат сите засегнати страни да придонесат за надминување на предрасудите, вклучувајќи ги и медиумите со одговорно и конструктивно известување.