Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, кој ја турка целата постапка за брендирани таблички на државните коли, вели дека се размислува исклучокот да се примени и на возилата на Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат
На прашањата во интервјуто за „360 степени“ дека на тој начин се амнестираат од потенцијални злоупотреби највисоките функционери, но и дека недостатокот на строги казни ја става под знак прашање целата идеја за воведувањето на табличките, тој одговара дека почнува од мртва точка и дека не очекува сите злоупотреби на службени возила да се решат преку ноќ
360°: Господине Томовски, колку возила, државни возила досега добија црвено-жолти таблички и уште колку треба да добијат?
Томовски: „Практично со заклучно со во вчерашниот ден, крајот на вчерашниот ден, добиено имаат околу 1 000 возила, горе-доле со бројката. Уште колку, не знам точно колку ќе добијат. Ние најавивме една бројка од 7 500 возила, но тука спаѓаат и возилата од амбулантните возила, противпожарните возила, полициските возила, така да во неколку изјави сум изјавил дека не очекувам повеќе од 2 до 2 500 возила да ѝ бидат потребни на државата. И во тие 7 500 возила има практично и возила коишто се и вон употреба“.
Ивица Томовски, директор на СОЗР
360°: Крајниот рок кој го зададовте вие истекува наскоро. Кажете ми што ќе биде со оние институции и со раководителите на овие институции коишто нема да го испочитуваат овој рок?
Томовски: „Правилникот не предвидува никакви казни, тоа морам да го кажам однапред, но ќе дојде моментот на регистрација. Тогаш не може да се одбегне. Затоа неколку пати им препорачувам во јавност дека треба да ја почитуваат препораката на Владата, да си поднесат барање до меродавните институции, оние институции коишто треба да ја направат промената и да ги променат возилата. Еве, рокот им завршува во понеделник, тоа можат да го направат“,
360°: Би сакал да ве прашам сега, се замислувам во некоја хипотетичка ситуација. Јас како граѓанин, забележувам одредено возило на коешто очигледно местото не му е каде што треба, се јавувам и пријавувам злоупотреба во овој случај. Кој во овој случај ја проверува мојата пријава?
Томовски: „Прво вие праќате до нас како Служба за општи и заеднички работи на оној телефонски број којшто го објавивме и имејл адреса. Ние веднаш штом добиеме таква слика, обично со слика или со некаква таблица, поврзани сме со Министерството за внатрешни работи, проверуваме чиво возило е тоа и веднаш препраќаме до институцијата којашто е сопственик на таа, на тоа возило. Штом го добиеме одговорот, го препраќаме кај вас. Имавме еден таков случај, конкретно се работи за општина Гази Баба. Некое возило на пазар беше сликано каде што ни го пратија, веднаш ни одговорија од општината дека се работи за инспекциски надзор којшто се врши на диви пазарџии, нешто слично така беше одговорот. Го препративме до лицето коешто ни беше пратено прашањето и упатено како прашање и потенцијална злоупотреба“,
360°: Доколку во мојот случај се утврди дека е навистина злоупотреба, кои се можните казни и дали јас како граѓанин ќе бидам информиран за финалниот исход или пак за тоа дека е процесирана мојата пријава?
Томовски: „Апсолутно дека ќе бидете информирани како граѓанин. Еве јас можам да одговорам во едно лице, еднина, во мое име. Ако мене ми пратите возило коешто е во сопственост на службата каде што е утврдена злоупотреба, јас она што можам да го направам е да го упатам лицето на дисциплинска постапка. Знаете како оди тоа, со една, две дисциплински, па дури и отказ од работа, така да не верувам дека некој би се дрзнал од сега па натака да прави злоупотреба“,
Ивица Томовски, директор на СОЗР
360°: Кажете ми, еве низ градот гледаме многу возила, веќе започнавме да ги гледаме со црвено-жолти таблички, но не забележувам дека автомобилите на министрите и на државниот врв имаат црвено-жолти таблички. Зошто е ова така?
Томовски: „Во овој момент имаме создадено една работна група којашто работи на некои мали измени на правилникот. Таа работна група е составена од Службата за општи и заеднички работи и Министерството за внатрешни работи. Очекувам дека наскоро ќе излеземе со официјалниот правилник како треба да бидат и кои возила треба да бидат брендирани. Точно е така, владините возила, односно оние возила коишто ги возат министрите, не се обележани поради безбедносни причини коишто ни се укажувани од страна на Агенцијата за национална безбедност и Министерството за за внатрешни работи и ќе видиме дали во правилникот ќе бидат тие обележани или не во иднина. Но сепак се работи за 45 возила коишто практично ги знаат сите во државата. Тука исто се размислува возилата коишто се на инспекциите како Пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, оние возила коишто се неопходни да бидат необележани, да бидат изземени, затоа што се случува кога се прави некаква контрола, па да бидат лесно забележани, па да бидат затварани локали и слично, да не можат да бидат контролирани од овие служби“,
360°: Кога зборувам за возилата на министрите, ве прашувам дали постои некој друг начин да се обележат, нели, да не биде еве толку очигледно како како црвено-жолтите таблички, бидејќи знаете, во минатото видовме случаи на злоупотреба од страна и на министри и на вицепремиери. На овој начин дали можеби се испраќа порака дека рибата мириса од опашката, а не од главата, бидејќи нели сите оние втори, трет ешалон на службеници, на вработени, би биле предмет на истрага под наводници, доколку се пријави злоупотреба на нивните возила, а министрите, државниот врв би биле нели надвор од таа рамка.
Томовски: „Вака, сведоци сме на, во јавност излезе некаква злоупотреба можна, се работеше за вицепремиери коишто имаат посебни протоколи на на движење и на безбедност во јавниот живот. Возилата на министрите се препознатливи во јавност. Напоменав, се знаат кои се, се знаат нивните регистрации практично. Препораките од институциите коишто се грижат за безбедноста укажуваат дека не би било безбедно тие да бидат обележани, но сепак оставаме време да видиме како ќе одлучи работната група од овие две институции. Ве убедувам дека ќе се стопира злоупотребата од пониските еншалони, затоа што министер како министер го возат на работа, го враќаат дома. Министерот не го вози возилото владино сам и не може тука да направи никаква злоупотреба. Сепак тој е јавна личност каде што е реално препознатлива секаде во јавност и не може да направи сериозни такви исчекори. Но, оние луѓе коишто работат под министрите, коишто се администрација на на државните институции, а коишто располагаат, односно коишто им се достапни ваквите возила, овој пат нема да можат да ги злоупотребуваат тие возила и да ги користат за летни одмори и било какви други злоупотреби“,
360°: Би сакал да ве прашам и за казните. Во еден од вашите последни јавни настапи говоревте дека е формирана работна група којашто разговара за евентуални законски измени во врска со оваа тема. Дали ќе се воведат построги казни за сите оние кои злоупотребуваат службени возила?
Томовски: „Оставаме да видиме како ќе одлучи работната група којашто ја спомнав неколку пати од Министерството за внатрешни работи и Службата за општи и заеднички работи да видат врз основ на сегашната регулатива колку и како е тоа возможно да се направи. Ако се изнајде некаков начин за да можат да следат казни, да, секако ќе се предвидат“,
360°: Знаете, ве прашувам во контекст зошто доколку овие казни останат симболични, опомени и слично, тогаш која е поентата на целата оваа работа?
Томовски: „Прво, постои морална одговорност. Второ, да видиме, можеби некој функционер ќе добие и јавна промена, од страна на надлежните институции, односно од страна на премиерот и луѓето коишто го прават својот тим на директори и министри. Така да да оставиме на времето. Мислам дека мрднавме од една мртва точка од 35 години необележани возила. Не очекувам дека овој правилник ќе ги реши коренито злоупотребите, но сум уверен дека едно 80 отсто ќе се промени таа навика на злоупотреба на овие возила. Она што исто така го најавивме е дека ќе гледаме можност како да инсталираме GPS уреди, така да тоа е вториот чекор којшто треба да допринесе за да се стопира оваа злоупотреба, односно да се искорени“,