Системот е буквално на колена. Според бројките на Дирекцијата за заштита и спасување дури 23 од вкупно 34 територијални противпожарни единици во своите редови го немаат минималниот број пожарникари, а 31 од 34 не ги исполнуваат критериумите за објекти потребни за противпожарните служби
Огнот во атарот на Пехчево, од селото Негрево до областа Равноборје предизвика страв кај жителите кои пожарот го гледаа буквално од своите прозорци. Резултатот беше отворен повик до сите жителите на земјава, кој може, да дојде и да помогне да се спаси градот. Тоа, по којзнае којпат, го отвори прашањето, толку ли е немоќен системот за дури и необучени и неопремени цивили да бидат одговор на кризата?
Дејан Вазлиски е припадник на Доброволното противпожарно друштво Пехчево. Градот нема своја територијална противпожарна единица, туку со закон се покрива од беровските пожарникари. Доброволното друштво, кое брои 27 членови сертифицирани од Дирекцијата за заштита и спасување, е формирано во 2022 година, по големите пожари во Пехчевско една година претходно.
„Целата опрема што ја гледаме тука е донација. Моментално дел од опремата е тука оти после пожарите се уште не сме стигнале се да собереме и комплетираме. Имаме моторни пумпи со воздух и вода. Имаме батериски пумпи кои ги заменуваат ранците за гасење, имаме ранци/напртначи. Таа опрема се што ја имаме, метли, гребла е донација од наши сограѓани, наши фирми“,
вели Вазлиски, одговарајќи на прашањето дали опремата која ја поседуваат е донација.
Но многу од опремата е и странска донација.
„Имаме лично заштитна опрема од чизми, панталони, палта, шлемови…тоа ни е донација од Австрија. После пожарите од 2021 година кога ни помагаа Австријците, видоа дека немаме ништо, одиме голи да гасиме и имаме донација од нив шлемови, чизми, палта, панталони“,
дополнува Вазлиски.
Доброволните друштва најмногу зависат од странски донации, бидејќи државата не вложува во нивно опремување. А теренот не прашува. Па така и тоа едно возило кое Вазлиски и колегите го имаа беше странска донација. Во битката со огнената стихија останаа и без него.
„Пожарот ни почна на едно 100-тина метри внатре во шумата, но за многу краток период, за пола минута ветерот ни го крена високо пламенот. Обидувајќи се да избегаме со возилото, стигнавме до овде некаде. Целиот пат ни беше во пламен. Пробавме да избегаме нагоре, но исто и од таму огинот не заобиколи. На едно 500 метри од овде беше чисто и огинот не фати од сите страни. Возилото ни беше овде на кривината паркирано, значи тоа и не спаси нас четворицата, што имаше некое проширување. Инаку бевме заокружени од сите страни со пламен“,
ја раскажува Вазлиски борбата на четворицата пожарникари со големиот пожар.
Пожарникарите од Доброволното друштво Пехчево во моментот кога го гаснеле пожарот, од опрема имале само палта и напртњачи, а се штителе со маиците преку нос, бидејќи немале професионални маски.
Во Пехчево, значи, гаснеа домашни пожарникари и волонтери претежно со странска опрема. А во други делови на земјата, со странската опрема гасеа и странски пожарникари.
Таа помош дојде преку ЕУ механизмот за заштита и спасување, чија земја членка е и Северна Македонија. Функционира на тој начин што кога некоја земја ќе побара асистенција, ЕУ ја обезбедува преку расположливите ресурси кои ги има во соседните држави членки на механизмот. Така, на пример, во земјава гасеа тимови и воздухоплови од Србија, Кипар, Романија, Словенија, Црна Гора и други.
Но, тоа значи дека и земјава треба да дава помош на соседите и пошироко, кога тие ќе ја го активираат ЕУ-механизмот. А реално, нема што многу да понуди. Иницијативата за зајакнување на системот за цивилна заштита постои со години. Единствена значителна реформа беше воведувањето на единствениот број за брз одговор 112 и тоа откако ЕУ донираше околу 4,5 милиони евра.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, се претставува како еден од најистакнатите заговарачи на идејата за спојување на институцијата што тој ја води со Дирекцијата за заштита и спасување. На нив гледа како на институции чии ингеренции се преклопуваат.
„Повеќе од три години зборувам дека е потребно да се формира нова институција која ќе ги обедини функциите на двете постоечки институции – ЦУК и ДЗС. Притоа во новата институција една од придобивките би било формирање специјална единица за заштита и спасување или специјална единица за „срч енд рескју“, потрага и спасување. Нешто што сме должни да го имаме по правилата на меѓународни организации и ЕУ, зашто во случај на авионска несреќа или друга несреќа со воздухоплови ние треба да имаме таква единица“,
вели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Таква единица за потрага и спасување државата во моментов нема, па импровизира. Користи сили на полицијата, армијата и надворешни соработници ангажирани од Дирекцијата.
„Мојот став е јасен, сметам дека треба да има специјална единица од лица вработени за таа намена, мултифункционална којашто во текот на летото ќе гаси пожари, во текот на зимата ќе спасува луѓе од планина, но истото може и летните месеци“,
потенцира Ангелов.
Тој тврди дека во ЦУК има човечки ресурси кои не се искористени максимално, но и ресурси кои според квалификациите не припаѓаат таму. Барањето за целосна трансформација на системот, тврди тој, не го условува со задржување на директорска позиција на новата институција.
Поинакви ставови има директорот на втората институција во равенката за спојување, Дирекцијата за заштита и спасување. Џеват Селами е шеф нешто повеќе од три недели, но во Дирекцијата е речиси 14 години. Официјално, немал разговори на владини ново за некаков нов формат.
Според него, пред да се размислува за спојување, треба да се вложат многу повеќе пари во системот.
„Дали треба да се спојуваат или не треба, тоа ќе го решиме откако ќе зборуваме за тоа од каде се појавува првиот проблем. Најважното е да се почне зајакнување на сите субјекти кои се дел од заштитата и спасување. Кога имаме зајакнување на сите субјекти, особено ако зборуваме за последната појава – шумските пожари, зајакнувањето треба да започне од субјектите како што се Јавното претпријатие кое стопанисува со шумите, локалната самоуправа и сите други субјекти кои се под локалната самоуправа и професионалните противпожарни единици“,
изјави Селами.
За разлика од декларираната подготвеност на Ангелов да го води Центарот за управување со кризи кон спојување во име на општото добро, Селами е повоздржан за тоа дали институцијата треба да „дава“ или да „зема“.
„Ако влегуваме во овој систем, да, немаме доволно ресурси ниту ние, по однос натимови за брз одговор, тоа треба да се зајакне, како и други ресурси. Но, ние не даваме ресурси, ќе земаме ресурси за оваа институција да биде комплетна и поефикасна во менаџирањето на ситуациите“,
додава директорот на ДЗС.
Па, додава Селами, ако се менува системот тогаш Дирекцијата за заштита и спасување треба да е единствен орган кој ефикасно би ги менаџирал сите други субјекти кои се дел од заштитата и спасувањето.
И додека мислењата на директорите се важни, одлуките се носат на повисоко ниво. Од Владата ни потврдија дека веќе имаат одлука – Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување да се спојат. Но, не добивме одговор дали има акциски план или друг патоказ по кој ќе се води реформата.
„Новата институција со рационална, прилагодена на реалноста структура, би била значително поефикасна со приближно ист број на вработени колку што сега имаат двете, ЦУК и ДЗС. Составен дел на новата институција која ќе ги обедини функциите на двете постоечки е, условно кажано, формирање на специјална единица за заштита и спасување односно потрага и спасување во силина на армиска чета или 120 припадници“,
е одговорот меѓу другото, што го добивме од Владата.
Оваа одлука е донесена на владината седница одржана на 24 јули годинава. Задолжен за координирање на реформата е вицепремиерот за политички систем, Љупчо Димовски, кој раководи со Работната група која треба да ја спроведе трансформацијата.
„Ќе треба да се изгради една пирамида, а базата ќе биде составена од сите институции. Сега имаме една ние ДЗС и ЦУК имаме голема поделба на општините, кај градоначалниците исцепканост кај дејствувањето, а не компактност, строга хиерархија во смисла на извршни команди за справување со кризи. Важно е да биде кризата надмината и сите штети санирани, а не е толку битно кој управува, односно дали некому му е одземена некоја ингеренција или не. Ние сакаме да воспоставиме, да се вратиме на системот за цивилна заштита од системот на бивша Југославија, односно територијалната одбрана кои беа трансформирани во ДЗС меѓутоа очигледно е дека не е ефикасен тој систем и во голема мера се поклопува со функционирањето на ЦУК“,
изјави вицепремиерот Димовски.
Во пракса, искуства ќе се преземаат од системите на Словенија и Полска во однос на респонзивноста, а од Шпанија, Португалија и Турција во однос на справувањето со пожарите. Тој признава дека Македонија нема сериозни финансиски фондови за да поткрепи таков систем, но зборува за можноста за подобрување на обуките за теренците.
Како и да е, сето ова, во овој момент е само теорија на ниво на состаноци.
„Она што мора да се вложи, тоа мора да се вложи за доброто на сите. И Владата е подготвена за сите добри иницијативи кои ќе дојдат од работното тело, да ги земе во предвид и тоа секако дека не може за една фискална година да биде реализирано, но со една динамика којшто ќе биде дефинирана во таа стратегија, секако дека во текот на мандатот ќе се направат напори, во што поголема мера биде реализирано“,
објаснува Димовски, кој е задолжен за спроведување на реформата на системот.
Со други зборови, купувањето на потребната опрема ќе се развлече во текот на следните четири години. А пред тоа, треба да се завршат други работи.
За да профункционира системот за кој говори вицепремиерот Димовски, потребно е менување на најмалку 10 закони. Меѓутоа нема официјален рок кога тие би биле донесени.
Димовски се надева дека потребните законски измени ќе се донесат за околу една година. Рокот не е долг, ако се знае дека треба да се усогласат 15-тина институции.
До тогаш, системот е буквално на колена. Според бројките на Дирекцијата за заштита и спасување дури 23 од вкупно 34 територијални противпожарни единици во своите редови го немаат минималниот број пожарникари, а 31 од 34 не ги исполнуваат критериумите за објекти потребни за противпожарните служби.
На централно ниво, пак, земјава има само три авиони за гаснење на пожар кои полека се амортизираат. Уште полошо е што тие авиони мора да ги летаат пензионирани пилоти, бидејќи институцијата нема пари за соодветни плати за нов кадар. Природните катастрофи, сепак, не се раководат од политичката волја и циклуси. Истите сцени, како во Пехчево, ќе се повторуваат. Или ќе се подобри системот, или ќе има се помалку што да гори.