Георгиевска: Потребните измени, сепак, ќе бидат усвоени, а блокадите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието уште еднаш ќе бидат поразени; Мицевски: Очигледно тоа е некој договор или, пак, немаат пари, па манипулираат со граѓаните и стопанството
Владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ноќва си разменуваа обвинувања за тоа кој го блокирал донесувањето на петтиот сет мерки во Собранието.
Според СДСМ, во текот на вчерашниот ден (четврток) ВМРО-ДПМНЕ правела се за граѓаните и компаниите да не ја добијат поддршката од петтиот пакет мерки.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, преку опструкции и одолговлекувања се обидуваа да ја одложат помошта кон граѓаните и стопанството, правеа се за над 16 000 работници се уште да не земат плата, илјадници компании да не ја добијат ветената помош. Во налетот на агресивност и изгубеност, ВМРО-ДПМНЕ и нивниот координатор денеска свесно и намерно вознемирија жена. Мицевски, физички и вербално во Собранието вознемируваше жена, колешка пратеничка и го одзеде правото на збор и ја попречи во слободата на говор“,
рече, пред полноќ, пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска, на прес-конференција пред Собранието.
Според неа, секогаш кога кворумот е под ризик поради пратенции болни од ковид-19, ВМРО-ДПМНЕ не придонесува за кворум.
„Но граѓаните треба да бидат спокојни. СДСМ и парламентарното мнозинство ќе сторат се за оваа поддршка да стигне до граѓаните, до работниците. Потребните измени ќе бидат усвоени.
рече Георгиевска.
Ќе бидат исплатени платите, ќе им се помогне на сите загрозени компании, ќе се спроведат сите мерки од петтиот пакет. Блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и на опозицијата во Собранието уште еднаш ќе бидат поразени“,
Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, власта одбива да се донесе петтиот пакет мерки за помош на граѓаните и стопанството. Немаат пари во буџетот, па манипулираат со јавноста и смислуваат разни изговори, оценува тој.
„Џафери требаше да констатира дека нема доволно пратеници за 32. седница и да ја продолжи 36. седница. Очигледно тоа е некој договор или, пак, немаат пари, па манипулираат со јавноста и граѓаните и стопанството.Морам да кажам дека не само на оваа 32. седница, туку и на сите други седници не се усвојуваат амандмани на опозицијата. Се додека оваа опозиција од 44 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и другите пратеници во вкупен број од 58 пратеници, не се испочитуваат и не се сфати улогата на тие пратеници, никогаш нема да имаат кворум за седници“,
рече Мицевски, на прес-конференција доцна во ноќта.
И Мицевски настапи со оценки дека мерките се блокираат затоа што буџетот е празен и нема доволно средства за да се исплати помош за граѓаните и за стопанството. За однесувањето на Џафери, пак, рече дека тоа е однос кон сите пратеници во Собранието.
„Претседателот на Собранието, со неговите реакции, го покажува односот према сите пратеници во овој законодавен дом. За жал, денеска бевме во ваква ситуација. Очигледно не сакајќи да се донесе петтиот пакет мерки се бараше какво било оправдување за да се случи нешто во Собранието. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беше тука и не дозволи да се случи некој поголем инцидент, се со една цел да се изгласа петтиот пакет на мерки кои што со нетрпение ги очекуваат граѓаните. Јас сум свесен дека во текот на утрешниот ден ќе почнат да се бараат оправдувања по нивните портали и медиуми и ќе почнат да ги спинуваат вестите. Меѓутоа македонската јавност гледа и знае што се случуваше овој ден и оваа вечер во Собранието“,
рече Мицевски.