Во новата година земјава влезе и со нова уредба за давачките за увоз на возила. Пред да се види дали ќе ја оствари целта да го намали загадувањето од сообраќајот, подзаконскиот акт предизвика незадоволство кај увозниците на половни возила.
Ние го кажавме ова и кај директорот Ѓоко Танасоски. Му кажавме дека кој порано ќе си ја затвори фирмата тој поуспешен ќе биде во иднина.
изјави Александар Јанковски, увозник на користени возила.
Власта засега не попушта за новиот, т.н. данок за CO₂, од кој се очекува да ја зголеми продажбата на нови за сметка на стари возила.
Ќе плаќаат врз основа на еколошката компонента. Односно, што помалку загадуваат толку помалку и ќе платат.
изјави Ѓоко Танасоски, директор на Царинската управа.
„360 степени“ провери – кои автомобили ќе поевтинат, а кои ќе поскапат и дали тоа ќе ги премисли граѓаните наместо стари да возат понови возила, како што очекува Владата.
15 години – толку е просечната старост на користените возила што се увезуваат во Македонија. А нивниот број воопшто не е мал. Според податоците од Царинската управа, во изминативе пет години се увезени околу 150.000 половни возила. Во најголем дел, овие автомобили се со еуро 4 еколошкиот стандард, кој ЕУ полека го истиснува за сметка на повисокиот еуро 6 стандард за емисија на штетни гасови.
Македонија во последните 4-5 години интензивно станува место каде што најмногу се увезуваат и се носат такви возила кои навистина се со повисока старосна граница, со поголема искористеност и се веќе донесени на работ на нивниот животен век. Секое возило во даден период има свој век на траење.
вели Анастас Маженковски, Помошник-директор за акцизи во Царинска управа.
Анастас Маженковски е директор за акцизи во Царинската управа. Тој е еден од авторите на новата пресметка по која од 1 јануари почнаа да се царинат увезените возила во државата. Формулата вели: возилата до 10 илјади евра ќе се даночат според еколошката компонента, додека поскапите возила ќе плаќаат и дополнителни давачки, зависно од нивната вредност.
За најпродаваните, половните возила што се увезуваат од ЕУ, тоа значи значително поскапување бидејќи еуро 4 стандардот дозволува далеку повисоки емисии на CO₂, споредено со актуелниот еуро 6.
Пресметката што за „360 степени“ ја направија во Царинската управа покажува дека ако за „фолксваген голф 5“ од 2005 година, со дизелски мотор од 1.900 см3, минатата година се плаќале околу 650 евра при увоз, сега давачките кон државата се зголемени на 1.100 евра. Разликата од 450 евра ја прави новиот данок за CO₂.
Давачките за „мерцедес ц класа“ од 2004 година, со дизелски мотор од 2.200 см3, се зголемуваат за околу 900 евра.
БМВ 5 од 2005 година, со дизелски мотор од 2500 см3, пак, поскапува за 1.100 евра.
Овој раст на давачките за возилата со просечна старост од 15-ина години и повеќе со 200.000 изминати километри има една цел – намалување на нивниот број и подмладување на возниот парк во Македонија.
За сметка на значителното поскапување на постарите, од Царината велат дека благо ќе поевтинат дел од поновите половни возила со еуро 5 и еуро 6 еколошки стандарди.
Ако при увоз на половно „пежо 308“ од 2015 година, со дизел-мотор од 1.600 см3 и километража под 100.000 километри, по старото даночење, се плаќало 1.971 евро, со новата пресметка се плаќа 1.760 или двесте евра помалку.
Сто евра помалку ќе се плаќа и за „фолксваген голф 7“ од 2015 година, со бензински мотор од 1.200 см3, а слично намалување во давачките има и при увоз на „бе-ем-ве 1“ со дизелски мотор од 1.600 см3.
Увозниците на половни возила велат дека пресметките на Царинската управа, кои се дадени како пример, се речиси неважни за пазарот бидејќи за возила со толку мала зафатнина на моторот и моќност нема побарувачка на македонскиот пазар.
Од „голф 7“ најатрактивниот е 1,6 i20 агрегатот. 1,2 TSI, дури и увозникот со тешкотии го продава, а да не зборуваме за постпродажба како користено возило. „Бе-ем-ве 114 дизел“, со триклипен дизел-мотор, јас не знам дали има ново продадено возило во Македонија, а како половно нема сигурно увезено ниту едно… „Ауди А1“ мислам дека само 5 вакви возила има во нашата држава, особено со 1,4 бензин-мотор, и ова возило како користено воопшто не е донесено, а и нема да се носи.
изјави Александар Димовски, увозник на користени возила.
Увозниците сè уште не го чувствуваат ударот од новата давачка, но очекуваат проблеми кога ќе ги продадат возилата увезени пред Нова година.
Продажбата овој месец е супер. Затоа што луѓето знаат дека веќе со новиот увоз ќе имаат поскапи цени. И сега купуваат. Ние не можеме да кажеме дека овој месец трпиме загуби, туку овој месец не увезуваме. Немаме прилив, а кај нас ќе се одрази тоа после 2-3 месеци, кога веќе постоечкиот лагер ќе биде продаден.
вели Димовски.
Според трговците со половни возила, нивниот увоз од 1 јануари е намален за околу 90 отсто. Причината, велат, е тоа што не гледаат исплатливост во трговија со досега најпопуларните модели. А за власта токму тоа беше една од целите на новата уредба.
Тенденцијата на увоз на многу стари возила се запира со зголемување на прагот на давачки кои треба одредено возило да ги има. Зборуваме за возила што имаат многу високи емисии на CO₂. Возила што имаат над 220 емисии на CO₂, соодветно на формулата и износите на CO₂ имаат навистина нешто повисоки давачки кои всушност треба да влијаат на дестимулирање на граѓаните да ги истите набавуваат.
вели Маженковски.
Но, дали ако возачите избегаат од старите увозни возила, ќе имаат вистинска стимулација да купуваат нови возила? Пресметките од Царината покажуваат дека за поголемиот дел од популарните модели данокот е понизок, но само маргинално, а разликите се всушност позначителни само кај дизелите.
За „шкода фабиа“ со најмалиот бензински мотор од 1.000 см3 увозникот од 1 јануари ќе плаќа 76 евра помалку. „Ситроен Ц3“, бензин од 1.200 см3 ќе се увезува за само 260 евра поевтино отколку лани. А за „фолксваген голф 1,6 дизел“ и „пасат 2,0 дизел“, давачките се намалуваат за опипливи 750 евра.
Од друга страна, на пример, давачката за „киа спортаж бензин“ од 1.600 см3 расте за 230 евра, додека кај луксузните модели, како „бе-ем-ве X3“ од 3.000 см3, данокот расте за 1.900 евра. Сумирано, најголеми намалувања ќе има кај нелуксузните возила со дизел-мотори, незначително ќе се намали данокот за нови возила со мали бензински мотори, а најмногу ќе поскапат луксузните автомобили со моќни агрегати.
Според Борче Домлевски, директорот на овластениот увозник за „Ситроен“ во земјава, „Автонова“, промените во данокот нема ниту да ги поевтинат ниту поскапат нивните најпопуларни возила.
Очекуваме непроменување на цените и продажбата на возилата до 12 илјади евра, кои се наша целна група и каде што спаѓаат 2-3 модели во нашата гама. Така што, очекуваме зголемување на продажбата во тие сегменти.
изјави Борче Домлевски – директор на продажба во „Автонова“.
Сепак, колку и да звучи апсурдно, најголемото зголемување на давачките ќе се случи кај хибридните возила со бензински мотори.
Кај „Тојота“ за хибридна „корола“ ќе има зголемени трошоци при увоз за речиси 800 евра. А хибридниот модел „це-ер-ве“ на „Хонда“ ќе чини дополнителни 5 илјади евра при увоз. Домашните увозници на овие марки не сакаа да ги коментираат новите давачки.
Хибридни возила со бензински агрегат на домашниот пазар нуди и „Волво“. Увозникот во земјава вели дека поголемите давачки ќе влијаат на малопродажната цена.
Дефинитивно ќе значи поскапување на моделите на „Волво“. Условно, поевтините модели ќе претрпат минорни промени, некои ќе останат исти, некои ќе се променат, а како моделите растат со цена така и влијанието на данокот ќе биде, да процентот на раст биде поголем. Така да, од некои ситни зголемувања, веќе кај поскапите модели да стигнат и до неколку илјади евра.
вели Деан Јадровски – менаџер на „Волво карс Македонија“.
Увозниците на нови возила засега немаат изградено заеднички став за новите давачки. Трговците со половни возила веќе бараат измени на формулата за пресметка на данокот на CO₂, која ќе биде одраз на домашните услови и куповната моќ.
Каква и да биде судбината на новата давачка, бројките го кажуваат своето. Значително поскапуваат постарите „дизелаши“, новите луксузни и хибридни возила со бензински мотор. Значително поевтинуваат само новите возила со дизел-мотори, додека козметички или невидливи ќе бидат промените на цените на најчесто купуваните „бензинци“ до 15.000 евра.