За 14 години бројот на новороденчиња во земјава на годишно ниво е намален за 31,1%. Во 2010 г се родиле 24 296 деца, а во последната цела година за која има податоци, 2023 г., 16 737
Иако има разлики, драматичен е падот кај сите етнички заедници. Македонките во 2023 г. родиле 33,6% помалку деца отколку во 2010. Албанките 23,1% помалку, Ромките 44,8%, а Турчинките 31,9%
Штип е универзитетски, здравствен и економски центар на истокот од земјава. Општината, според последниот попис, има околу 45 илјади жители.
Не толку одамна, во 2010, штипјани станале 537 новороденчиња. Тоа што загрижува е дека во последната цела година за која има податоци, 2023, во општината имало 335 новороденчиња, што е само 62,4% од бројот на деца од пред 14 години.
Точна е констатацијата дека бројот на новороденчиња се намалува низ цела земја. Но, феноменот не е секаде ист.

Според податоците од Државниот завод за статистика кои ги анализиравме, меѓу поголемите општини, Штип бележи едно од најголемите намалувања на бројот на новороденчиња споредено со 2010 година – 37,6%. Од поголемите места, полошо стојат Прилеп, Гостивар и Велес. Малку подобро, но слично намалување како Штип имаат Кичево и Струмица, додека Куманово е близу на државниот просек кој покажува дека на ниво на цела земја, во 2023 се родиле 31,1% помалку деца отколку во 2010.
Во Скопје бројот на новороденчиња е намален за 16,2%.
Зошто нема деца, за мислење ги прашавме штипјани.
„Абе секаде е опаднат, во цела Македонија не само во Штип. Па не се вработени луѓето, немат егзистенција, фамилија не можат да создадат, како, со кои пари ќе ги чуват децата?“
„Секој втор што ќе го прашаш не сакаат. Дали самиот живот, стандардот“.
„Младите бегат од државата, ни мажите ги бива, ни жените ги бива. Не се множат. Не им оде. Нема доволни плати и кој сака да почне фамилија тука? Одат по странство“.
„Веројатно се плашат од нешто. Од финансии, нема вработеност, мали плати“.
„Народот нема пари, може од тоа да е. Треба државата да си преземе. Што да прават младите, да ги задржат треба, друго што? Да дадат поголеми плати“,
одговараа штипјани.
И првиот човек на Штип, градоначалникот Иван Јорданов, вели дека е видлив падот на наталитетот. Основната причина за трендот ја гледа во миграцијата на младите.

„Ние како локална самоуправа имаме инструменти преку кои што можеме делумно да влијаеме на намалување на процентот на миграција, но не во значителна мера. Затоа што сеопфатни се причините и факторите заради кои што се случува тој тренд на стареење на нацијата, на помалку родени деца, на голем процент на иселување“,
изјави Јорданов.
Дека миграцијата е фактор, и тоа не само кон странство туку и село-град, говорат бројките.

Ако се погледнат 10-те општини во земјава каде има најголемо намалување на бројот на новороденчиња, речиси сите се рурални средини.
Неверојатно делуваат фактите дека во Општина Конче сега се раѓаат 80% помалку деца од пред 14 години, или дека во Градско, Маврово и Ростуша, Пласница, Ново Село, бројот на новороденчиња е намален од 65% до 70%.

На другиот крај на листата, со мали исклучоци, се скопските или општини кои се блиску до Скопје.
Вевчани и Центар се единствените општини во земјава кои бележат повеќе новороденчиња во 2023 споредено со 2010 година. Меѓу оние со најмало намалување на државно ниво се Сопиште, Старо Нагоричане, Бутел, Ѓорче Петров, Карпош, Илинден, Зелениково, Кисела Вода.
Па, што од тоа што може, го прави Јорданов за штипјани да не бегаат во странство или во Скопје? Ни одговори – го развива градот во урбана средина која нуди можности за модерно живеење.
„Во периодот којшто следи работиме на создавање на едни нови населби затоа што во комуникација со пред се со онаа старосна граница на наши сограѓани коишто се во фаза на создавање на семејство и на сопствен дом, тие бараат од нас како јавни чинители да им овозможиме можност за свој сопствен дом, можност да го потрошат своето слободно време на прав начин“,
дополни градоначалникот Јорданов.
За разлика од други општини, Јорданов е против субвенционирањето родители за новороденче. Верува дека решението е далеку посложено и дека за него треба национална стратегија за да има резултати.
Но, не мислат сите дека иселувањето е клучниот фактор. Никола, Софија, Лука, Јована – овие деца се од генерацијата штипјани родени помеѓу 2022 и 2023 година кои ја посетуваат градинката „Астибо“.
Директорот е секојдневно соочен со трендот на помалку деца.
„Значи, тоа го гледаме во бројките и во изминатите години ,бројот на децата во групите беше значително поголем отколку што е сега. Што се однесува до нашата градинка „Астибо“, во минатото имавме четири клона и 850 дечиња, а сега во пет клона, бидејќи се догради уште една детска градинка под наша контрола сега во петте клона имаме 800 дечиња, што значи дека видно низ годините таа бројка се гледа дека се намалува“,
вели директорот на градинката Илија Митров.

Една од причините за намалениот број новороденчиња, според Митров, се изменетите вредности кај младите. Освен иселувањето за подобра плата, тој вели дека кариерите се искачија на приоритетната листа кај потенцијалните родители.
„Младите родители се повеќе и повеќе се насочени кон валоризација на нивните животни, односно стварање на кариери и тоа оневозможува особено на женскиот пол да се одлучат што порано да имаат дечиња за да има време кога да имаат и две и три и потоа имате задоцнет процес каде се одлучуваат да имаат само едно дете и во тој случај многудетноста во едно семејство се намалува“,
дополнува Митров.
Секој понеделник во ОУ „Димитар Влахов“ во Штип се интонира химната. Директорката Невена Величкова вели дека барем во нивното училиште, бројката на новозапишани деца е стабилна.

Но, веќе станало вообичаено да се проретчуваат одделенијата во текот на годината – најчесто поради иселување со родителите во странство.
„За жал, да. Таков е трендот. Денес сите ние во современиот свет по трка по кариера, по трка на професионален развој, егзистенција понекогаш бараме простор за кариерно докажување. Некако семејството останува во втор план. Моралните вредности кои се развиваат кај учениците во најмалите години, некако се испуштаат. Свесно или несвесно се испуштаат“,
изјави директорката Величкова.
А дека намалување на новороденчињата не е феномен само на една етничка заедница покажуваат следните податоци:
Бројот на деца родени од мајка Македонка во 2023 година бил понизок за 33,6% споредено со 2010. Бројот на деца родени од мајка Албанка, во истиот период, паднал за 23,1%. Ромките родиле 44,8% помалку деца во 2023 отколку во 2010-тата. Турчинките 31,9% помалку.

Тоа се, сепак, просеци, а Општина Желино, која според последниот попис брои 99% Албанци, е едно од местата под просекот. Овде, во 2010 година се родиле 368 деца. Во 2023 имало 228 новороденчиња или 38% помалку од пред деценија и кусур.
Градоначалникот Блерим Сејдиу вели дека основната причина за комплексното прашање е иселувањето. А тоа, пак, е последица на погрешни државни политики, партизираноста и корупцијата.
Тој не е од оние градоначалници кои даваат субвенции за новороденчиња. Смета дека така нема да помогне да се реши проблемот со наталитетот. Додава дека младите треба да бидат похрабри.
„Помладите последните години не раѓаат. И вработувањето го прави своето. Ангажманот на двајцата родители. И тоа е еден показател. Како откако ќе се роди детето, кој ќе го чува. И тоа е прашање што родители, особено младите го поставуваат и не треба да биде причина. Вработувањето не е сегашен феномен“,
вели Сејдиу.

Секторот за образование при Општина Желино, во последните години, бележи постојан пад на запишани ученици. Во учебната 2021/22 година биле запишани 2 602 ученика. Само три години подоцна, во учебната 2024/25, се запишале 2 294 ученици, што значи 300 ученика или 12% помалку.
Директорот на ОУ „Луиџ Гуракуќи“, освен во иселувањето, вина лоцира и кај промената на начинот на живот кај младите.

„Не одат кон тоа. Се гледа по бројките. Се гледа дека тие самите не сакаат да имаат повеќе деца. Тие одат кон тоа да имаат по едно, по две. Не заради тоа што прават кариери, едноставно не сакаат да имаат. Веројатно избегнуваат обврски, нормално кога имаш деца имаш и повеќе обврски. И повеќе услови треба да имаш. Некако порано што имаа по пет-шест деца, а сега сакаат да живеат пораскошен живот“,
изјави Џафери.
Кои и да се причините, резултатите на ниво на држава се загрижувачки.

Во 2010 година во земјава се родени рекордно високи 24 296 новороденчиња. Во последната цела година, 2023, бројот на новороденчиња паѓа на 16 737 годишно. Ланската, 2024, веројатно ќе биде уште полоша бидејќи без последните два месеца имало 13 149 новороденчиња.

Низ проценти, ако 2010 се земе за базна година, намалувањето на бројот на новороденчиња во 2023 изнесува 31,1%.
Од каде толкав пад за толку кратко време – одговор побаравме од доскорашниот директор на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
„Не е феноменот бројот на раѓања само тоа дека жените одлучуваат помалку деца да имаат, подоцна стапуваат во брак заради образование или кариера подоцна решаваат да го прошируваат семејството, што е така. Меѓутоа, клучниот фактор којшто влијае на овој пад на раѓањата е иселувањето“,
изјави Симовски.
Тезата на Симовски делумно се потврдува ако се погледне статистиката за наталитетот, односно бројот на новородени деца во споредба со бројот на вкупно население. Има тренд на намалување, но е далеку поблаг од падот кој се бележи ако се гледаат само бројките за новороденчиња.
Ако на тоа се додаде фактот дека и тоа население што е останато е се постаро, се комплетира целосната слика.

„Во таа старосна пирамида, условно, концентрацијата на населението е во погорните делови, во повисоките возрасти. Со самото тоа, помалиот број на раѓање ви дава помали стапки на наталитет. Меѓутоа, за наталитетот, треба да ја гледаме стапката на фертилитет, односно број на живородени деца според бројот на жени на фертилна возраст од 15-49 години, оние коишто можат физички да раѓаат. И овие стапки ако ги погледнете од 2004 наваму, се речиси исти. Односно се движат некаде 1,5 деца по жена на фертилна возраст. А стапката која обезбедува проста репродукција на населението е 2:1. Ние со овие стапки не можеме да немаме намалување на населението“,
додава Симовски.
Според Симовски, треба да се работи на програми и за поддршка на потенцијалните родители, но и за задржување на населението во земјава. Додава дека станува збор за сложен проблем кој бара мултидисциплинарен пристап кој ќе ги подобри економските, социјалните и културните услови.
Бидејќи, ниту едно општество, па и македонското, не може да има иднина ако нема кој да ја продолжи приказната.