Една година по големата трагедија во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, дел од преживеаните облекоа дресови со бројот 63 и излегоа на кошаркарски терен. Играа во спомен на загинатите, спортуваа како дел од медицинска рехабилитација, но и собраа средства што ќе бидат донирани за изградба на спомен обележје
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани остави траги што не се само на кожата, туку длабоко во колективната меморија. По едногодишна тишина, дел од оние што го преживеаја незамисливото, решија болката да ја преточат во сведоштва.
„Отидовме таму околу два часот, два и петнаесет, така нешто. Влеговме во диското, се сместивме удобно, и за многу кратко се случи што се случи.“
„Некако излегов, со многу повреди. Мислев дека го губам мојот живот.“
„Последно што се сеќавам е кога сум примен тука во градската болница, горе на хирургија. Потоа губам свест.“
„По операцијата, успеаја да спасат два прста за сигурно. За малото прсте не се снаеше дали ќе остане, без апутација или не, зашто беше доста критично.“
„Болницата ‘Папаниколау’ во Солун ми го паси животот. Некако, секоја секунда значела живот за мене“,
сведочеа дел од преживеаните во документарниот филм што го објави премиерот Христијан Мицкоски.
Но, собраа храброст да испратат и порака дека борбата за живот добива нов глас, глас кој зборува за падот, но уште посилно за повторното исправање.
„Добриот чивек и здравиот човек има милион желби, ама болниот има една – да оздрави. Јас тоа го сфатив на своја кожа. Многу сакам да се борам. И сакам да победувам. Упорна сум во тоа“,
рече преживеана девојка.
Ваквите пораки за борба и истрајност не останаа само збор, туку добија жива манифестација на која пулсот на надежта се чувствуваше најсилно.
Кошарка за физичка и емотивна рехабилитација
Спортската сала во Кочани барем на еден ден не беше само место за натпревар, туку место на кое една болна тишина конечно беше прекината од звукот на кошаркарската топка и аплаузите од трибините.
Поделени во две екипи, едните во бели, другите во црни маички, овие млади луѓе не играа толку за поени, колку за секоја тешко помината секунда при закрепнувањето.
По долга борба со лузните од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, на нивните лица конечно се враќа она што веројатно најмногу им недостига – повеќе ведрина.

Еден од учесниците, Драган Давитковски, имал изгореници на двете раце и лицето, како и внатрешни повреди на белите дробови.
„Да, на лицето брзо помина. Исто и ушите и носот. Уште на десната рака имам. Еднаш месечно одам на ласер на Клиниката за пластична хирургија. Доаѓаат и тука доктори пулмолози од Скопје. Нè прегледуваат често. Фала му на Господ, сè оди како што треба“,
вели Давитковски.

Младите херои од овој црно-бел дуел се дружеле и претходно во текот на рехабилитацијата и клучното што го научиле е дека најтешките победи во животот се добиваат со заедништво.
„Бевме летото на Пониква. Таму си разменивме мислења и се дружевме. Повеќето се знаеме. До ден-денес се дружиме често“,
вели тој.
Но, не дека немаше натпреварувачки дух.
„Ќе победат црните секако. Натпреварот, кажав, е хуманитарен гест. И нека победи подобриот“,
додава тој.
Покрај емотивната, натпреварот имаше и здравствена димензија. Според медицинските експерти, кошарката е еден од најдобрите спортови за рехабилитација по ваков тип повреди.
„Тие се запознаа подлабоко меѓу нив во целиот изминат период и ова е начин за да покажат што постигнале. Од наш аспект, со оглед на тоа дека најголем дел имаат изгореници на рацете, кошарката е еден вид физикална терапија заради тоа што активно ги користат зглобовите на кои имаат најголем дел изгореници. Голем дел си ја носат и компресивната облека под маичките“,
изјави Катарина Мирчовска – в.д. директорка на Општа болница – Кочани.

Иако логистиката за натпреварот ја обезбедија општината и болницата во Кочани, вистинскиот импулс дојде токму од оние што најдобро знаат што значи борбата за здив. Идејата не се родила во канцелариите на институциите, туку меѓу преживеаните млади луѓе.
На нивните дресови стоеше само еден број – 63, потсетник на шеесет и тројцата пријатели, роднини, сограѓани и врсници што не ја добија шансата да бидат на овој терен.
„Мислам дека овие млади луѓе се многу силни со самото тоа што излегоа да бидат видени и да се натпреваруваат. Тие се многу храбри, силни и секако многу помогнаа за сите наши пријатели што денеска ги поканивме, помогнаа и здравствено и психички, имавме помош од целиот свет, а најмногу самите допринесоа за денес да бидат полни со надеж“,
рече Голубинка Георгиева – претставничка на општина Кочани.

Бројот 63
Судбината понекогаш знае да испише морничави симболи кои ги премостуваат границите и јазиците. Во светот на овие млади луѓе, бројот 63 не е само статистика. Тоа е истата бројка која пред години го зави во црно и шведскиот град Гетеборг.
Во јуни минатата година седумчлен тим од Шведска дојде во Кочани со една мисија – да покаже дека болката од изгубените 63 животи е универзална, без оглед на сè.
Меѓу нив беа луѓе кои и самите поминале низ истиот пекол – пожарникари, социјални работници и преживеани, што знаат како се гради надеж од пепел. Нивното тогашно ветување дека нема да ги остават повредените кочанчани сами, доби свое продолжение. Дел од нив повторно дојдоа во Кочани.
„Претпоставувам дека не мора да е кошарка. Може да е што билo што ќе ги здружи луѓето, ќе им даде некакво олеснување, но исто така ќе покаже дека има нешта што нè обединуваат, дури и ако е поради пожарот. Ова е многу поважно отколку што можеме да замислиме зашто ни кажува дека и понатаму има живот, дека не ни се одзема нешто како свесноста и сериозноста за она што се случило, но се испраќа важна порака дека ако некаде има олеснување, тоа е благослов“,
вели Ларс Лилед – координатор на Центарот за поддршка од Гетеборг.

Швеѓаните велат дека се потребни активности што ќе нè потсетат дека животот е многу повеќе од тагата и болката.
„Може да пробате што било. На пример, ние имавме големи диско-забави кратко по пожарот во нашата дискотека. Зашто тоа го сакавме, зашто тоа е човеково право, да се искусат нештата заедно. Спортот е, исто така, доста забавен. Им честитам што прават нешто вакво. Би рекол дека тоа е процес на закрепнување“,
додаде тој.
За овие млади луѓе, секој истрчан чекор и секој постигнат кош е личен триумф над сеќавањата од онаа кобна ноќ во Кочани. Тие денеска покажаа дека лузните можеби остануваат, но не мора да ги дефинираат.
Хуманитарна димензија
Хуманитарниот натпревар има мисија што оди подалеку од спортот. Секој дониран денар од публиката е влог во идниот споменик што ќе никне во Кочани. Но, тоа нема да биде само нем камен во спомен на трагедијата, туку жив потсетник дека, иако времето тече, заедницата одбива да ги заборави своите 63 згаснати животи.
„Што се однесува институционално, им ветив на родителите дека максимално брзо ќе ја спроведеме постапката. Од наша страна постапката е завршена. Се очекува идејното решение или проектот да биде изготвен од страна на родителите и здружението ’16 март 2025‘. Како ќе ослучат тие да изгледа просторот, така ќе биде уреден. Ние, во програмата за 2026 г. немавме предвидено средства за финансиска поддршка на изградбата на меморијалниот центар, но досега и не сме дошле до разговор со здружението – дали би побарале од нас некаква помош. Во случај да побараат, ќе ги ставиме сите можни капацитети и сè што можеме да помогнеме“,
вели Владко Грозданов – градоначалник на општина Кочани.

И додека тој споменик ќе го чува минатото, младите се оние што треба да ја градат иднината. Кочани учи повторно да дише со полни гради, претворајќи ја болката во нова, непоколеблива надеж.
