„Подобро да се изгради нова зграда, отколку стари згради по 70-80 години да се реконструираат“, велеше тогашниот премиер Никола Груевски, кога во јавен домен пред 13 години ја внесе идејата за нов Клинички центар на местото на постојниот. Договорот за изградба со италијанската „Инсо системи“ и домашните „Гранит“ и „Бетон“ беше потпишан во 2017г., но со промената на власта се промени и планот. Па, за нова локација беше избрана месноста Веле Поле, до скопската обиколница. Но и тој план пропадна откако се смени и финансиската конструкција, од 130 на над 400 милиони евра.
Сега, премиерот Мицкоски вели дека проектот за нов Клинички центар не е на пауза, но нема план каде, кога и како ќе се гради
Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“ е официјалното, но има и колоквијално име – државна болница. Кој и да бил кумот, не можел да смисли назив кој подобро би и прилегал. Секој ден, од цела држава, според последните достапни проценки, државна прима околу 2 200 посетители. Кој за преглед, кој за интервенција што може да значи живот или смрт.
„Пак тука мора, нема на друго место каде, за приватно нема пари“,
вели граѓанин.
360°: Зошто доаѓате до Скопје за болница?
–Па имаме потреба, за операција на кук.
360°: А во Гостивар болницата нема можност да се направи?
–Не, нема“,
посочува граѓанин од Гостивар.
„И два мислам да изградат ќе има потреба, бидејќи цела Македонија покрива.
360°: Вие да треба да бирате, каде би се лекувале, во Клинички или во другите болници?
– Па во Клинички нормално, тука ми е најблиску, како матичен ми е.
вели жителка на Скопје.
360°: Вие доаѓате директно на Клиника или се обидувате прво по другите болници?
–Директно на Клиника зашто јас сум од ‘стари дани’. Сум ја почитувала Клиниката и имало добри доктори, сега нема ништо,
вели граѓанка.
Некои делови од државна за стари, а останатите се многу стари. Остаре дури и првата најава дека ќе се гради нова. Поминаа 13 година откога тогашниот премиер Никола Груевски ја внесе во јавен домен идејата за изградба на нов универзитетски клинички центар во Скопје.
„Подобро да се изгради нова зграда, отколку стари згради по 70-80 години да се реконструираат,“
кажа Никола Груевски, премиер (17.02.2012г.)
Потоа, уште четири и пол години отидоа на проектирање и барање пари, за во втората половина на 2016-та да се распише меѓународниот тендер.
„Оваа инвестиција претставува круна во македонскиот здравствен систем. Поставуваме нов стандард за квалитетот на здрватсвените услуги во Македонија. Инвестицијата само за градба ќе чини некаде 70 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизација на кампусот е во вкупна вредност од над 120 милиони евра“,
рече Никола Тодоров, министер за здравство (20.10.2016)
Следната, 2017 година, непосредно пред промената на власта, Никола Тодоров го потпиша договорот за изградба со италијанската „Инсо системи“ и домашните „Гранит“ и „Бетон“.
„Овој проект не е само наш проект. Ова е национален проект,“
рече Тодоров.
Сепак, изградбата никогаш не почна.
Новата власт ја прифати идејата за нова државна, но не според планот на претходната.
„Одлучивме дека последната локација не е најдоброто место за понатамошно функционирање на Клиничкиот центар. Тоа место е угушено. На тоа место дури и со новиот проект немаше да се постигне добро сообраќајно решение“,
кажа Венко Филипче, министер за здравство (09.03.2018г.)
За нова локација беше избрана месноста Веле Поле, до скопската обиколница. Се смени и финансиската конструкција, од 130 на над 400 милиони евра. Па, партијата што промовираше нов Клинички центар на старото место, ВМРО-ДПМНЕ, го блокираше законот за нова болница на територијата на општината Ѓорче Петров.
Така и остана во следните години.
„Владата и населението ја имаат за приоритет број еден одлуката за изградба на Универзитетски клинички центар со сите стандарди за подобро функционирање и подобро давање здравствени услуги кон нашите жители. Но, финансиските пречки, финансиските потешкотии не двоумат да преземеме конкретен чекор“,
рече Беким Сали, министер за здравство (24.12.2022г.)
ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт во 2024-та. Но, ниту во партиската, ниту во владината програма има рокови за нов Клинички центар.
На таа линија беше и министерот за здравство од редовите на коалицискиот партнер ВЛЕН.
„Ако успееме идната година да започнеме со Штип и Кичево и тоа да се заврши во рок од две-три години, па тогаш да почнеме да размислуваме за нов клинички центар“,
рече Арбен Таравари, министер за здравство (21.10.2024г.)
И Арбен Таравари си замина од Владата, а остана нејасно – дали извршната власт практично крена раце од нов Универзитетски клинички центар во Скопје? Па, се обидовме да добиеме дециден одговор од повеќе места.
Првата адреса ни беше Фондот за здравствено осигурување. Пред се, затоа што во февруари годинава, директорот беше конкретен дека планот за овој проект е на пауза.
„Прво демографијата ни паѓа, со текот на годините мора да ги погледнеме бројките на осигуреници и пациенти. Второ, капацитетите не се искористени како што треба. Од сите капацитети во Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе, за универзитетска клиника, има „8 Септември“,
кажа Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.
И покрај нашето инсистирање и дописи во изминативе 10 дена, не добивме нов став од институцијата – дали проектот и натаму е на пауза или нешто се сменило.
Прашањето го поставивме имајќи ја предвид неодамнешна изјава на премиерот. Откако Владата најави дека земјава ќе позајми до 6 милијарди евра од Обединетото Кралство, Христијан Мицкоски додаде дека, можеби, со тие пари финансиски ќе се покрие и новиот Клинички во Скопје.
„Дел од проектот кој ќе биде со Обединетото Кралство ќе биде фокусиран токму на здравството и кој што очекувам доколку условите се поволни, да кулминира со изградба на посакуваниот голем Клинички центар во Скопје“
порача Христијан Мицкоски, премиер (21.05.2025г.)
Единствената институција, односно функционер, кој се нафати да разговараме на оваа тема беше заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.
Тој го повтори ставот на премиерот дека приоритет во овој момент се другите болници низ државата, но во исто време остана на тврдењето дека проектот нов Клинички не е на пауза.
Андовски: Сакам да повторам дека ние сме моментално фокусирани на дозавршување на проектот за Клиничката болница во Штип, заедно со студентскиот дом и… Исто така сме фокусирани на доградба на болницата во Кичево и целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Откога тоа ќе започне да функционира, а сме во завршна фаза со административните работи, може да отпочне таа постапка, потоа ќе почнеме да размислуваме, ние разговараме и за Клиничкиот центар во Скопје, но моментално не можам повеќе детали да дадам зашто се уште се разговара и за локацијата, се разговара и за начинот во кој дел би било, како би изгледало тоа. Инаку се разбира, доколку ова започне и биде се како што треба, како што кажа и премиерот Клиничкиот центар во Скопје е планиран и исто така може да се искористат средства од овој заем.
360°: Тоа е дефинитивно, дека од заемот ќе се користат средства или и тоа уште не е дефинирано?
Андовски: Може, но јас ќе повторам дека – додека не започне ова, до реконструкција на овие работи што се започнати, тоа не можам да го кажам.
360°:Тоа значи дека идејата за нов Клинички во Скопје не е на пауза?
Андовски: Не е на пауза,
вели заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски.
Не е на пауза, но и не се знае каде и кога ќе се гради. Оваа контрадикторност се обидовме да ја разрешиме барајќи конкретен одговор со рокови од Владата. Откако не добивме ништо од прес-службата, отидовме на настан на премиерот.
На прашањето, кога ќе се гради нов Клинички во Скопје, тој одговори – фокусот сега е на Штип, Кичево и Тетово.
„Доколку ова го заокружиме и биде успешно, тогаш е веќе втората фаза, изградба на Клиничкиот центар во Скопје, кој ќе биде замена за актуелниот клинички центар, а во меѓу време актуелниот клинички центар ќе се реновира и реконструира во рамките на можностите на Фондот и Министерството“
порача премиерот Мицкоски.
На прашањето, каде ќе биде локацијата кажа дека не е одлучено, а потоа додаде дека земјава веројатно ќе плаќа пенали за поништениот тендер за изградба на нов Клинички на истото место.
Потоа прашавме, а колку ќе чини?
„Па треба да видиме врз основа на проектот кој што го замислуваме, колку легла ќе има, каков тип на опрема ќе биде вградена итн, но секако ќе биде барем за стотина, до 100 милиони евра поевтин од тој што претходно го промовираше претходната Влада пред неколку години.Значи сепак, не ви е приоритет? Повелете, ако има други прашања“,
вели Мицкоски.
Прашањето за нова државна болница не е прашање само за згради туку и за системско прашање – дали земјава влегува во стратегија да инвестира во регионални клинички центри за сметка на еден сеопфатен во главниот град? Би било добро да ги има и двете, но искуството покажува дека тешко се наоѓаат и пари, и кадар и пациенти за такво нешто.