Во август 2018 година, тогаш 15-годишната Швеѓанка Грета Тунберг, го почна „Училишниот штрајк за климата“. Секој петок, пред шведскиот парламент, таа ќе бара нејзината земја да го прифати Парискиот договор за борба против климатските промени. Неколку недели подоцна почнуваат да ја следат нејзини соученици и сограѓани.
„Ние ќе продолжиме со училишниот протест секој петок и отсега па натаму ќе седиме пред шведскиот парламент сè додека Шведска не биде на иста линија со Парискиот договор“,
изјави тогаш Грета Тунберг.
Денес Грета Тунберг е светска икона во борбата против климатските промени. Нејзиниот пример почнаа да го следат многумина, па на 15 март минатата година се одржаа протести против климатските промени, координирано, во 125 земји во светот.
На „Петоци за иднината“, како што популарно се нарекува маршот, се приклучија и средношколци во Македонија. На почетокот поскромно, но како што одминуваше времето се зголемуваше присуството.
Најголем одѕив имаше на протестот на 20 декември. Како што пренесе Радио МОФ, на протест, меѓу другите, излегоа средношколци од Гостивар, Струмица, Куманово и од најмалку шест скопски гимназии. На некои места сè беше во ред.
Но, во Куманово, средношколци останаа заклучени во училишната зграда. Во скопската гимназија „Никола Карев“, директорката со закани се обиде да ги одврати средношколците.
По овој настан, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ја разреши директорката. Па учениците во „Никола Карев“ и во другите гимназии послободно продолжија да ги истакнуваат своите барања – земјата да признае дека е во еколошка криза, да се воведе климатска проблематика во образованието, план за намалување на употребата на автомобили, затворање на електраните на јаглен.
„Ние бараме, како што бараат и на светско ниво, целосна промена на приоритетите во однос на општеството коешто го имаме, со ставање на животната средина на прво место. Затоа што начинот на дејствување досега во коешто животната средина секогаш се гледала како некаква фуснота, како 13-то прасе и на сметка на животната средина се гради, им се допушта на индустриски капацитети да загадуваат без да бидат казнети“,
вели Иво Босилков од „Петоци за иднината“
Според Иво Босилков, кој е еден од зачетниците на „Петоци за иднината“ во земјава, последиците од климатските промени веќе се чувствуваат.
„Можеме да видиме денеска. Среде февруари ние имаме ситуација во која температурата е дваесет и кусур степени на улица, тоа едноставно е неприродно“,
вели Босилков.
Но, какви се засега ефектите од активизмот на младите во Македонија? Првично, се чини, најголемиот ефект е врз свеста на граѓаните.
„Еве, денеска имаше родители со мали деца, родители со колички како стојат до нас на крстосницата додека стоевме и мене тоа ме охрабри дека има уште некој што стои со нас“,
вели поддржувач на „Петоци за иднината“.
Но, барем засега, нема видлив одговор на протестите од институциите.
„Лута сум на надлежните институции што не преземаат никакви мерки во врска со сите овие еколошки проблеми коишто ги имаме во државата“,
смета друг поддржувач на „Петоци за иднината“.
При последниот протест на кој имаше и т.н. герила-акција се случи инцидент. Неколку демонстранти беа задржани од обезбедувањето затоа што оставија црвени отпечатоци од дланките на прозорците на зградата во која е сместено Министерството за животна средина.
Учесниците во герила-акцијата потоа завршија на информативен разговор во полиција и заработија прекршочни пријави. Од Министерството за животна средина се правдаат дека ништо од тоа немало да се случи ако протестот бил најавен.
„Станува збор за герила-акција (значи ненадејна/ненајавена акција) која се одвива по работното време на институцијата… Така што никој од вработените во МЖСПП не бил ни информиран за настанот. Маршеви пред нашата институција имало во изминатиот период во повеќе наврати, сите тие биле најавени и никогаш немало никаков проблем во остварувањето на демократските права на граѓаните да го искажат своето мислење“,
одговорија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
За младите, пак, разговорите во полицијата и казните се показател дека власта не е доволно заинтересирана за климатските промени.
„За нас беше метафора тој момент за начинот на којшто државата се справува со вакви непосредни закани, а со битните работи постојано тактизира и одолговлекува и на крајот на краиштата не прави ништо“,
смета Босилков.
Според последниот извештај за Македонија за односот кон животната средина изработен од Економската комисија за Европа на Обединетите нации, земјава е особено ранлива на климатските промени. Генералниот заклучок во документот е дека, за разлика од земјите членки на ЕУ, донесени се само дел од потребните закони, а имплементацијата е многу слаба. Во препораките се вели дека мора да се донесе закон за климатски промени и долгорочна стратегија за климатска акција, заедно со зголемување на човечките капацитетите кои ќе работат на областа.
Таков закон, според последните информации од животна средина, е во изработка. Во подготовка се и следните протести на средношколците.