Им оддадоа почит на здравствените работници, кои од минатата година несебично придонесуваат во борбата со коронавирусот и ги поздравија и професиите кои не се често во фокусот на јавноста, а сепак ги извршуваат работните обрски, како што се вработените во трговијата, градежниците, одржувачите на хигиена, пожарникари, полицајци, медиумски работници
Со паролите „Да живее 1 мај“ и „Правда за работничките права“, раководството на Конфедерација на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска пред Владата ги упати своите барања во однос на работничките права.

„Раководството на КСС инспирирано од нашиот протест и прес-конференции организирани во изминатиов период, денеска до Владата ќе достави првомајски манифест со нашите барања. КСС изразува огромна загриженост за лошата економска и социјална положба на работниците, особено во време на пандемија кога голем број работници ги изгубија своите работни места“,
изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.
Ралповски им оддаде почит на здравствените работници, кои од минатата година несебично придонесуваат во борбата со коронавирусот и ги поздрави и професиите кои не се често во фокусот на јавноста, а сепак ги извршуваат работните обрски, како што се вработените во трговијата, градежниците, одржувачите на хигиена, пожарникари, полицајци, медиумски работници.

ККС денеск упати и неколку барања:
„Првото е итно да се утврди репрезентативноста на најголемата синдикална организација на национално ниво во јавниот сектор, а тоа е КСС. Второ, усогласување на платите по вертикала во согласност со покачувањата на минималната плата, од причина што овој момент имаме порамнување на повеќе работни позиции со различен степен на сложеност на работните места со непочитување на Законот за минимална плата во целост, а тоа е членот 2 и членот 8 каде што можеме слободно да кажеме дека на 300 до 400 илјади работници природно не им се зголемија нивните плати. Третото барање е исплата на К-15, односно регрес за годишен одмор за сите работници и во приватниот и во јавниот сектор и за оние работници на кои ова право им е регулирано со колективните договори. Да престане прогонот врз синдикалните лидери и политичкиот притисок врз синдикалното организирање“,
велат од ККС.
Четврто барање е итно формирање на солидарен фонд со кој ќе се обесштетат сите работници кои го изгубија своето работно место по кој било основ за време на пандемија за да можат да ги сервисираат своите семејни трошоци.
Петтото барање на КСС е безусловно почитување на Уставот, законите и колективните договори. Шесто, да престане политичкиот притисок врз институциите кои ги спроведуваат или контролираат законите од областа на трудовото право и тоа министерствата, правосудството, инспекторатите, а тука предничи Државниот инспекторат за труд. Седмото и последно барање е исплата сто отсто плата за оние кои се заразени со ковид-19 на работно место или се во самоизолација и признавање за професионално заболување на Ковид-19 за сите работници во Македонија.
На, крајот Ралповски го повика „братскиот синдикат ССМ“ да им се придружи и заеднички да ги одбранат работничките права.
