На мобилните телефони на луѓето што ги запираат се бараат фотографии од протестот. Доколку одбијат да ги избришат, полицијата ги апси. Досега се приведени две лица
Денеска во Шангај полицијата ги запира луѓето на улицата каде што викендов се одржаа протести против ограничувањата на ковид-19. На мобилните телефони на луѓето што ги запираат се бараат фотографии од протестот. Доколку одбијат да ги избришат, полицијата ги апси. Досега се приведени две лица.

Сини бариери се поставени утринава во Шангај, еден од најголемите градови во Кина. Овој викенд стотици луѓе се собраа во Шангај да протестираат против кинеската политика „нулта ковид“.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг се справува со протести откако илјадници демонстранти се собраа во градовите низ Кина во текот на викендот за да се побунат против стратегијата за нулта ковид. Демонстрантите јавно го повикаа кинескиот лидер да се повлече.
„Си Ѓинпинг, тргнете се од власт!“,
извикуваа некои демонстранти кои се собраа во Шангај, еден од неколкуте поголеми градови каде што имаше протести иницирани откако во четвртокот избувна пожар во облакодер во регионот Шинџијанг.
Во пожарот загинаа десет лица, а граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека спасувањето било тешко поради строгите ограничувања. За време на протестот, студентите демонстрираа или залепија протестни плакати на десетици универзитетски кампуси. Во многу делови од земјата, жителите на населбите под карантин ги урнаа бариерите и излегоа на улиците.
Ваквите масовни протести се исклучително ретки во Кина, каде што владејачката Комунистичка партија безмилосно го потиснува секое изразување на несогласување. Но, три години по почетокот на пандемијата, на граѓаните веќе им е доста од карантин, тестирање на ковид, сè построга цензура и континуиран напад на личните слободи, пишува Си-ен-ен.
Поради протестите, или загриженоста за реакцијата на владата на немирите, кинеската берза и јуанот денеска паднаа. Иако протестите станаа наслови во меѓународните медиуми, кинеските државни медиуми продолжуваат да ја нагласуваат опасноста од пандемијата и важноста од строги мерки.
Денеска во Кина се регистрирани 40 052 нови случаи на заразени, што е шести последователен ден на рекордна бројка.
Протестите во Кина почнаа во саботата навечер, кога стотици жители се собраа со свеќи на шангајскиот пат Урумки, именуван по истоимениот град каде избувна пожарот, за да ги оплакуваат жртвите. Тие го опколија импровизираниот споменик со свеќи, цвеќиња и постери и кренаа празни листови бела хартија, што е традиционален начин на протест против цензурата.
На неколку видеа може да се видат демонстранти кои бараат оставка на Ѓинпинг и Комунистичката партија од власта.
Полицијата, која најпрвин само ги набљудуваше настаните, подоцна почна да го воспоставува редот и дојде до конфликт меѓу полицијата и демонстрантите.
На протестите во Шангај беше уапсен и новинарот на Би-би-си Едвард Лоренс, но подоцна беше ослободен. Портпаролот на Би-би-си изјави дека полицијата го претепала новинарот.
До неделата вечерта, масовните демонстрации се проширија во Пекинг, Ченгду, Гуанжу и Вухан, каде илјадници граѓани бараа укинување на мерките и поголема политичка слобода. Во Пекинг стотици луѓе протестираа во трговскиот центар на градот до раните утрински часови.
„Против диктатурата! Не сакаме доживотни владетели. Не сакаме цареви!”,
се слушаше од толпата.
Во јужниот дел на Гуанжу, стотици се собраа на плоштадот во областа Хаижу.
„Не сакаме изолација, сакаме слобода! Слобода на изразување, слобода на печатот, слобода на уметност, слобода на движење, лична слобода. Вратете ни ја слободата!“,
извикуваа демонстрантите.