Во видеото се апелира до меѓународната заедница да се спротивстави на, како што го нарекуваат, американското малтретирање, а преку низа примери ги покажуваат наводните негативни последици од американската економска доминација

Министерството за надворешни работи на Кина објави драматично видео на социјалните мрежи во кое директно реагира на политиките на американскиот претседател Доналд Трамп велејќи дека Кина нема да се повлече во трговскиот конфликт. Тие ја споредија американската политика со око на торнадо кога во еден момент сè изгледа мирно, но е јасно дека доаѓа уште посилна бура.
Во видеото се апелира до меѓународната заедница да се спротивстави на, како што го нарекуваат, американското малтретирање, а преку низа примери ги покажуваат наводните негативни последици од американската економска доминација.
Како илустрација, тие споменуваат како, според нив, агресивната американска економска стратегија уништила компании како „Тошиба“ и „Алстом“, а воедно предизвикала долгорочна економска штета на некои земји, како што е Јапонија.
„Попуштањето пред насилникот само ја продлабочува кризата. Кина нема да падне на колена“,
вели нараторот во видеото, кое е снимено на англиски јазик со кинески превод.
Пораката ја прикажува Кина како симбол на слободна трговија и сигурен партнер на глобалната сцена.
Never Kneel Down! pic.twitter.com/z8FU3rMSBA
— CHINA MFA Spokesperson 中国外交部发言人 (@MFA_China) April 29, 2025
Особено е интересно што видеото ги нарекува САД „хартиен тигар“ и нагласува дека земјата не го претставува глобалното мнозинство.
„Насилниците се хартиени тигри, а САД не го претставуваат светот. Кога светот зборува со еден глас, САД остануваат изолирани“,
се тврди во пораката, предупредувајќи дека Вашингтон ќе продолжи да води нестабилна и агресивна политика.
Како заклучок, Пекинг порачува:
„Нема да се повлечеме. Дури и послабите ќе имаат можност да им се чуе гласот. Колку е потемна ноќта, толку се посветли ѕвездите“.