Толку пари вети ЕУ за реформа на јавната администрација, според планот и роковите кои ги усвои Владата. Првите чекори треба да се преземат веќе до крајот на годинава
Министерот за јавна администрација Горан Минчев е оптимист дека земјава ќе стигне со обврските. Не само да се сменат закони, туку и тие да се спроведат
Во октомври Европската Унија ја одобри реформската агенда на Северна Македонија и на уште четири други земји од регионот. Со тој чекор, се отвори патот за секоја држава да го добие својот дел од шесте милијарди евра предвидени со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.
„Имаме одлична реформска агенда и сега треба да почнеме со предфинансирањето од 52 милиона евра до крајот на годината, а вкупно Северна Македонија треба да добие 750 милиони евра од Планот за раст. Планот за раст ќе донесе многу конкретни резултати за луѓето“,
порача претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Првичните 52 милиона евра секако ќе легнат на сметката на државниот буџет, но исплатата на останатите пари е условена со исполнување на обврските од Реформската агенда. Во документот на кој Владата самата се обврза, по сектори и со јасни рокови е напишано што и до кога треба да се спроведе за да се исплатат парите.
„Ова треба да биде приоритет за државата, односно да се стави една црта – приоритетите на Европската Унија – план А, па сè друго план Б“,
вели извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска Сачмароска.
На документ од 168 страници, со два анекса, е напишана Реформската агенда на Владата, која секој може да ја преземе од веб-страницата на Министерството за европски прашања. Преземените обврски се опишани и поделени по сектори. Има и точни временски рамки – до кога треба да се заврши некоја активност за да се добие сумата на пари која е своевидна награда за сработеното.
На пример, во делот на управување со јавните финансии и реформа на јавната администрација, се предвидени вкупно 111 милиони евра. Околу 75 милиони се за делот за управување со јавните финансии, додека останатите, околу 36 милиони евра, се однесуваат директно на администрацијата.
Првиот предвиден чекор во оваа реформска област е донесување на Законот за внатрешна финансиска контрола, што е зацртано да се случи до крајот на годинава. Ова, според Неда Малеска од Центарот за управување со промени, е еден од приоритетите на кои треба да се фокусира владата.
„Да се направат буџетски корисници од прв и втор ред, каде што финансиските средства за реформите, да речеме, во сектори: здравство, образование, труд и социјала итн., ќе се управуваат, администрираат и следат низ одговорните ресори. А буџетските корисници или агенциите, оние институции во тие ресори ќе ги добиваат средствата од надлежното министерство. На овој начин сметаат дека повеќе ќе се засили таа линија на отчет, што е она што се испорачува и ќе има поголем увид во реформските агенди во определни сектори. Така што, тоа е еден од приоритетите коишто ги гледам и којшто се разликува во приоритетите од програмата за работа на владата“,
посочува Малеска Сачмароска.
Во делот на реформа на администрацијата е наведена обврската преземена од страна на Владата дека најмалку 90% од испразнетите раководни позиции во институциите (директори и секретари) ќе се пополнуваат во конкурентна и транспарентна постапка за регрутирање. Тоа вклучува и обезбедување најмалку тројца кандидати што ги исполнуваат условите за овие позиции.
Иако обврската ја има во реформската агенда, таа не беше дел ниту од предизборните програми на владејачките партии, ниту е дел од програмата на Владата.
„Бараат да се донесе, не толку експлицитно да велат – донесете го законот за висока раководна служба, но ни велат, морате да поставите силни стандарди и критериуми за високи раководни функционери и морате да ги регрутирате низ систем, низ процедура којашто ќе биде транспарентна и отчетна. Еве вака звучи индикаторот и тоа со определен број на менаџерски позиции. Не само донесете ги мерките, сакате закон или подзаконски акт или стандарди, туку морате да ги имплементирате до 2027 година за да може да ги добиете другите транши“,
додава Малеска Сачмароска.
Реформската агенда во делот на администрацијата предвидува и:
„До крајот на 2025 г. донесување на нов Закон за организација и работа на органите на државната управа, чија цел е да се спојат или укинат дел од државните институции заради подобра ефикасност;
До крајот на 2026 г. хармонизација на 65 секторски закони кои се засегнати од реорганизацијата;
До крајот на 2026 г. воспоставување нов систем на плати со соодветна класификација на работните места; и
До крајот на 2027 г. завршување на реформата за реорганизација на државната управа и за јавната служба“,
се наведува во Реформската агенда.
Дали тоа што е прифатено на хартија, е реално изводливо во пракса? Министерот за јавна администрација Горан Минчев е оптимист. Вели дека во моментов се посветени на донесување на т.н. стратешки закони – за административни службеници, вработени во јавен сектор и за формирање Академија за администрација.
„Ако зборуваме за приоритети – тоа се нашите, на нив работи работна група во рамки на министерството, поткрепена со ангажирани експерти надлежни за овие области. Нашата проценка е дека по првичната верзија, по нацрт-законите, ќе одиме со објавување на платформата ЕНЕР каде што има можност да ги видат сите граѓани. Таму се 20 дена. Потоа следи владината процедура и се надевам по конечниот текст или содржина на законите, во собраниска процедура ќе се најдат на почеток на идната година“,
вели министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Во однос на Законот за висока раководна служба кој треба да го регулира назначувањето на директорите и раководителите по систем на заслуги наместо како сега – со политички именувања, Минчев вели дека и тоа е на листата приоритети од следната година.
„Во овој момент не би можел да кажам каква би била содржината на тоа законско решение. Но главницата, бидејќи и досега имало 4-5 законски решенија како варијанти, што не се донесени од минатите влади, би била всушност поставувањето на линијата на отчетност. Односно овозможување на конкуренција за раководните служби. Јасни правила и критериуми под кои услови би биле именувани новите директори, раководителит на секторите и секако запазување на мерит системот и овоизможување на конкуренција во рамки на тие зкаонски решенија“,
посочува Минчев.
Меѓу пообемните закони кои ќе повлечат и други измени во легислативата е Законот за организација и работа на органите на државната управа. Треба да се донесе до крај на 2025 година, а со него се менуваат и 65 други закони.
Според Реформската агенда, „наградата“ е 10 милиони евра кои би требало да и се исплатат на земјава до крајот на 2025-та.
„Видете, траншите ги добиваме етапно, како ги носиме законските решенија. Значи ако ние успееме за овие приоритети за коишто разговараме, па понатаму и во рамки на нашиот роковник на Министерството за јавна администрација, како Законот за висока раководна служба и Законот за плати којшто е исто така големо сеопсежно решение, практично ќе имаме реализација од 90-95%. Но секако дека мора да навлеземе и во измените на ЗОРОДУ-то (н.з. Законот за организација и работа на органите на државната упарава) и јас сум сигурен дека ќе успееме и дека средствата коишто се наменети за овие законски решенија ќе успееме да ги добиеме. Сепак тоа се нашите европски приоритети“,
додава Минчев.
Според проекциите за исплата, до крајот на 2025 година, само за обврските во делот на јавните финансии и јавната администрација, Северна Македонија треба да добие уште околу 30 милиони евра. Во 2026 треба да легнат речиси 28 милиони евра. Преостанатите, речиси 45 милиона евра се предвидени за до крајот на 2027 година. Ништо од овие пари нема да биде исплатено ако државата не успее навреме не само да ги донесе, туку и да ги спроведе законите за поотчетни и потранспарентни институции, зајакната администрација и квалитетени услуги за граѓаните.