Македонскиот претседател разговарал во Грција и за понатамошната работа на комисиите меѓу двете земји за историски, археолошки и образовни прашања и за трговските марки
Веројатно сме најдобро подготвена земја кандидат во историјата на Европската Унија. Значи, потребна ни е, заслужуваме реална можност за да ги започнеме преговорите и се потпираме на вас, на вашата поддршка, како и секогаш, рече претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на почетокот на средбата со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, јави МИА од Атина.
Пендаровски истакна дека Грција е меѓу најсилните поддржувачи на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и изрази надеж дека утре во Словенија, заедно со многу други европски пријатели, и Атина ќе го поддржи барањето на сите земји од Западен Балкан, а главно на Северна Македонија.
„Ќе треба конечно да почнат пристапните преговори со Европската Унија, нешто што го чекаме многу време, бидејќи ги исполнуваме сите предуслови“,
истакна претседателот.
На почетокот од средбата му објасни на Мицотакис дека во тек се напорите за наоѓање решение со Бугарија, но и дека намерата не е да се скрати патот до Унијата, туку да се исполнат сите предуслови и предвидени процедури.
„Она што го бараме не е да станеме членки преку ноќ, туку да ни се даде шанса да започнеме преговори, а во продолжение ние и многу наши европски пријатели да ги финализираме сите пристапни делови, поранешни поглавја. Подготвени сме. Веројатно сме најдобро подготвена земја кандидат во историјата на Европската Унија. Значи потребна ни е, заслужуваме реална можност за да ги започнеме преговорите и се потпираме на вас, на вашата поддршка, како и секогаш“,
истакна Пендаровски.
Грчкиот премиер изрази задоволство за посетата и посочи дека ЕУ-перспективата на регионот ќе биде една од темите на утрешниот самит во Словенија.
„Како што знаете, придаваме големо значење во зајакнувањето и продлабочувањето на нашите билатерални односи, но и на промоција на интегративниот процес на Северна Македонија. Тоа е прашање за кое ќе имаме можност да разговараме утре во Словенија, во рамките на Самитот ЕУ- Западен Балкан. Драго ми е што нашата со билатерална соработка оди напред со стабилни чекори во енергетиката, одбраната, меѓуграничната соработка“,
рече Мицотакис.
На почетокот на средбата грчкиот премиер изрази сочувство до претседателот Пендаровски за загинатите во пожарот во модуларната болница во Тетово.
Од кабинетот на претседателот Пендаровски соопштија дека соговорниците размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, при што е оценето дека официјалната посета на највисоко ниво означува важен момент во развојот на односите.
Пендаровски оценил дека постои видно подобрување на односите меѓу двете држави по потпишувањето на Преспанскиот договор, со потенцијал за натамошно зајакнување на соработката во секое поле од взаемен интерес и истакнал дека треба да се искористи целиот потенцијал и двете држави да градат вистинско стратешко партнерство.
Од кабинетот на грчкиот премиер, како што пренесува МИА, соопштија дека Мицотакис и Пендаровски ја потврдиле динамиката во билатералните односи во сите области од взаемен интерес, а била изразена поддршката на Атина за ЕУ перспективата на Западен Балкан и на Северна Македонија, согласно поставените критериуми.
На средбата во премиерската палата, од грчка страна присуствувале министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, заменикот министер надлежен за економска дипломатија, Костас Франкојанис, директорката на дипломатската канцеларија на Мицотакис, Елени Сурани, амбасадорот на Грција во Северна Македонија, Русос Кундурос и алтернативната владина портпаролка Аристотелиа Пелони.
Претходно, Пендаровски оствари тет-а-тет средба со претседателката на Хеленската Република, Катерина Сакеларопулу, по што се одржа и пленарен состанок на делегациите на двете држави.
На средбите, како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, е констатиран позитивниот тренд на севкупните билатерални односи помеѓу двете држави, но и дека постои потенцијал за понатамошно зајакнување на соработката на секое поле. Било изразено задоволство поради тоа што „држави го оставија минатото зад себе и се фокусирани кон иднината“.
„Ние вложуваме во зајакнување на нашите билатерални односи и за вашата европска перспектива. Ќе се согласите со мене дека целосното применување на Преспанскиот договор, со добра волја, е значајно за развој на нашите односи. Веќе поминаа две и пол години од применувањето на Преспанскиот договор и треба да признаеме дека се направени многу позитивни чекори кон спроведувањето, но сепак постојат доста нерешени прашања. Затворањето на овие отворени прашања ќе придонесе за понатамошен развој на нашите односи.Ние од наша страна ги разгледуваме сите страни на Преспанскиот договор и се обидуваме да ги решиме сите отворени прашања за подобрување на нашите односи“,
истакнала на средбата Сакеларопулу.
Пендаровски, пак, оценил дека оваа посета има историска димензија и е значајна, како прва средба на највисоко политичко ниво меѓу две соседни држави после триесет години.
„Ние и претходно имавме одлична соработка, но од 2018 година наваму ја поставуваме таа политичка и правна рамка наречена Преспански договор, која ни овозможи уште подобро да соработуваме. Сакам да ви кажам еден правен принцип кој вие добро го познавате и до кој ние имаме намера да се држиме во однос на Преспанскиот договор. Тоа е ‘pacta sunt servanda’, или ‘договорите треба да се чуваат и да се почитуваат’“,
ѝ рекол Пендаровски на Сакеларопулу, која е исткната правничка, а пред да биде избрана за претседателка ја извршуваше највисоката судиска функција во Грција.
Пендаровски додал дека се согласува со квалификацијата дека многу работи се направени во изминативе две и пол години, но дека има уште неколку работи кои треба да се завршат, за што во С Македонија има јасна политичка волја и намера за спроведување на договорот „до последната буква“. Тој посочил дека Комисијата за историски, археолошки и образовни прашања и Комисијата за трговските брендови имаат договор за следна средба.
„Тие имаа одреден застој во работата, но очекувам сега тоа време да се искомпензира, да се надомести и да почнеме со забрзан ритам да ги решаваме преостанатите прашања кои се на агенда. Преспа ни овозможи да влеземе во НАТО и следната наша цел, за која очекуваме ваша помош и поддршка, е да почнеме преговори со Европската Унија и да го заокружиме нашиот европски и евроатлантски сон. Да не заборавиме кој е целиот наслов на Преспанскиот договор. Тој не е само за решавање на проблемот со името, туку и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу нашите две држави“,
истакнал Пендаровски на тет-а-тет средбата со претседателката Сакеларопулу