Претседателката на Уставниот суд оценува дека е несериозен односот на пратениците кон Судот, кој со месеци функционира во „десеткуван“ состав
Односот на пратениците е несериозен, оцени денеска претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, коментирајќи повторно за „десеткуваноста“ на институцијата што ја предводи и неизбирањето нови уставни судии поради опструкции во парламентот.
Кацарска се сомнева дека некому можеби и му одговара Уставниот суд да функционира во често преполовен состав, што, како што вели, влијае на тежината на одлуките што се носат.
„Повеќепати сум кажала дека ваквиот однос на пратениците е несериозен, како повеќето од нив да не ја сфаќаат улогата на Уставниот суд. Поради тоа, во последно време си го поставувам прашањето дали можеби некому му одговара Уставниот суд да е во ваква ситуација“,
вели Кацарска.
Претседателката на Уставниот суд вели дека единствената надлежност што ја има Судот во делот на неговата кадровска поставеност е да го информира претседателот на Собранието пред завршувањето на мандат на судија, за да се именува нов уставен судија. Кацарска потсети дека тоа е направено уште во април минатата година (пред завршувањето на мандатот на тројца судии), а потоа, во ноември, и таа испратила известување до Талат Џафери дека истекува мандатот на судијата Јован Јосифовски. Но, сè досега Собранието, преку Комисијата за избори и именувања, не успеа да предложи, а потоа и да избере четворица нови уставни судии. Во меѓувреме, Кацарска упати и апел до Џафери да го искористи својот авторитет за да се забрза комплетирањето на Судот.
Следна на која ѝ истекува мандатот во Уставен суд (кон крајот на оваа година) е судијката Вангелица Маркудова. Кацарска вели дека кога Уставниот суд би останал со уште еден судија помалку, односно со само четворица од вкупно девет судии, тоа би значело негова целосна парализа и блокада во работењето.