Општина Тетово до крајот на годинава ќе избере приватен партнер кој во текот на следната 2023 година ќе изгради две катни гаражи во градот, ветува градоначалникот Билал Касами
Паркирањето во Тетово е еден од најголемите проблеми во градот и засега општината се обидуваше да ја ублажи состојбата со исцртување на паркинг-места на јавни површини
Лани ова време беше во финиш предизборната кампања за локалните избори. Сите кандидати во Тетово ветуваа катни гаражи, како решение за горливиот проблем на градот – паркирањето.

„Подземни решенија во однос на поставеноста на автомобилите“,
рече Арифи.
„Да се изградат подземни гаражи на градскиот плоштад“,
рече Мурсели.
„На четирите главни влеза на градот да имаме големи паркинзи“,
рече Беџети.
„Три катни гаражи“
рече Елезовиќ.
„Во централното подрачје на градот е предвидено да се изградат од 2 до 3 катни гаражи“,
рече Касами.
Сите ветуваа, но можеше да победи само еден. Една година подоцна „360 степени“ се врати во Тетово за да провери – до каде се катните гаражи и решението за паркирањето во градот.

Сообраќајниот метеж во Тетово денеска изгледа исто како и лани. Долги колони на главните булевари, во голем дел предизвикани поради многуте паркирани возила и на втората лента од булеварите.

Локалната власт се обидува да создаде нови паркинг-места, но засега само со обележување на површини на јавен простор. На улицата „120“, близу пазарот, на пример, се нацртани паркинг-места половина на тротоар, а половина на улица.

„Се разбира дека не е добро, го стесниле местото каде што одат пешаците, тука нема место за автомобили. Потоа, има голема фреквенција на граѓани кои се движат бидејќи тука е и зелениот пазар и нема да биде добро да има коли овде, треба да има посебен паркинг“,
рече жител на Тетово.
360°: Дали како граѓанин ви пречи што на тротоар има паркирани автомобили и луѓе што се движат?
„Нормално, нормално дека смета, но условите се такви што не може веднаш да се средат“,
вели жител на Тетово.
Во овој дел од градот се наоѓа и седиштето на Здружението на пензионери на Тетово. Паркингот им создал дополнителни проблеми.

„Многу проблеми, доаѓаме овде, не можеме да се доближиме. Овде има продавачи што продаваат, овде има паркинг со наплата, овде не може да се доближиш, треба да одиш на друго место да паркираш“.
360°: Кое е вашето барање како Здружение на пензионери?
„Ние како Здружение на пензионери би сакале да имаме барем 3-4 бесплатни паркинзи, да се обележи овде за Здружението на пензионери“,
рече член на Здружение на пензионерите Тетово.
Од СВР Тетово велат дека дале согласност дел од коловозот на улицата „120“ да биде обележан како зонски паркинг, но додаваат дека при увидот на работите наишле на проблеми што Општината мора да ги поправи.

„Досега, во однос на делот од уличните продавачи кои подолго време престојуваа во тој дел од тротоарите, си заминаа. Делот од тротоарите е ослободен за слободна циркулација на пешаците. Сè уште има недостатоци на делот на паркингот во косо, се бара делот каде што ќе се паркираат автомобилите да биде хоризонтален,а не стрмен и да се знае ограничувачката линија помеѓу паркингот и тротоарот“,
рече Фатмир Реџепи од секторот за односи со јавноста на СВР-Тетово.
За разлика од улицата „120“, каде што се обележани и паркинзи на тротоар, на друга улица, „Страшо Пинџур“, е направена дополнителна лента која не зафаќа дел од тротоарот. Граѓаните што ги анкетиравме на оваа улица велат дека тоа не е решение за Тетово.

„Мислам дека катна гаража е најдобро нешто што би требало да има Тетово, така што другите паркинзи, сето тоа моментално со пораки што се праќаат, мислам дека е некое решение, но не доволно за Тетово“,
вели жител на Тетово.
„Не требаше да биде вака. Ќе направи катна, таква, онаква… Па, не само овој туку и другите, на крајот, ништо не направија“,
рече жител на Тетово.
До каде се катните гаражи ветени на ланските избори беше главното прашање што го упативме до градоначалникот Билал Касами. Градскиот татко ни одговори дека работи на нив.

Во завршна фаза била физибилити студијата за две катни гаражи, кои треба да бидат готови до 2023 година и со кои ќе се создадат 1 500 нови паркинг-места.
„Се работи за градба, затоа реков дека процесот е покомплексен. Полесно можеме да направиме дополнителни паркинзи во зонскиот дел на градот и на затворените паркинзи, каде што, сепак, се потребни некои интервенции во инфраструктурата“,
рече Касами.
А од каде пари за катни гаражи кога Општината е во долгови? Решението, според градоначалникот, е во јавно-приватно партнерство.

„Во однос на катните гаражи, веруваме дека до крајот на годината ќе го избереме приватниот партнер со кого ќе се изврши изградбата на овие гаражи во текот на 2023 година, а се надеваме дека во најбрз можен период 2023 година тие ќе бидат во функција за граѓаните“,
вели Касами.
Додека да се изградат катните гаражи во Тетово, најверојатно, ќе има нови паркинзи на јавни површини. Касами ветува дека тие паркинг-места нема да бидат на сметка на зеленилото, како во неодамнешниот пример.
„Станува збор за неорганизиран дел од градот кој и со урбанистички план е предвиден како зонски паркинг, но за жал претходното раководство не се погрижило за тој простор. Во меѓувреме, се појавиле различни дрвја или грмушки кои ние со уредувањето го преобразивме тој дел како што е со деталниот план, односно во паркинг. Значи, не се работи за некој организиран дел од зеленилото или паркот каде што сме сечеле дрвја или уништиле или сме го оштетиле зеленилото“,
рече Касами.

Иако нема доволно паркинг-места, тетовци упорно не се двојат од своите автомобили. Сликата не ја менуваат ниту казните – минатиот месец биле напишани 266 за непрописно паркирање.
Само еден поглед на главните улици во Тетово говори дека толку казни можат да се напишат и во еден ден. Но, колку е фер кога нема каде прописно да се паркира?