Седумтемина кандидати за претседатели имаат профили на Тик-ток, некои се активни уште од 2020, дел се „активирале“ само неколку месеци пред претстојните избори, а некои пак, иако имаат профили, воопшто не ја користат оваа социјална мрежа
Институтот за комуникациски студии (ИКС) праша 350 млади на возраст од 18 до 29 години и доби потврда дека тие најмногу се информираат од социјалните медиуми. Сепак, повеќето од нив одговориле дека прв извор им е Инстаграм. Погледнете го видеото
Во екот на претседателската кампања, седумтемина кандидати се присутни и на Тик-ток, во обид да им се доближат на помладите гласачи.
Сите кандидати за претседател имаат профили на Тик-ток. Повеќето се отворени неодамна и имаат различен степен на интеракција со публиката.
Најстар профил има кандидатот на „Европскиот фронт“, Бујар Османи. На Тик-ток е од јуни 2020 година. Активен е со видеа уште како министер и има 13 илјади и 500 следбеници. Тој е единствениот од седумтемина кој одговара на прашања поставени во коментарите.

Следна е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, со околу пет илјади следбеници. Активна е на Тик-ток од јули 2020, кога се одржаа претходните парламентарни избори, а таа беше носителка на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица 1. Забележително е дека помеѓу 12 јули 2020, односни три дена пред тогашните избори, па се до 17 декември 2023, таа нема објавено ниту едно видео на Тик-ток. Се активирала повторно во пресрет на претседателските избори. На профилот доминираат делови од нејзини говори.

Малку по Силјановска-Давкова, профил на Тик-ток направил и кандидатот на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари – во јануари 2021. Го следат околу 4 илјади корисници. Со видеата генерално им се обраќа на Албанците во Северна Македонија.

Актуелниот претседател, Стево Пендаровски, кој како кандидат поддржан од СДСМ трча за втор мандат, на Тик-ток е од август 2023 година. Го следат над 4 илјади корисници. Објавувал и претседателски активности, но далеку е поактивен во тековната кампања.

Кандидатот на коалицијата „Храбро за Македонија“, Стевчо Јакимовски, профил на Тик-ток отворил кон крајот на ноември минатата година или пет месеци пред почетокот на кампањата. Има 92 следачи и не е многу активен.

Билјана Ванковска, кандидатка на Левица, на Тик-ток се појавува пред само два месеца, во февруари годинава и оттогаш нередовно објавува видеа. Ја следат околу 150 корисници.

И Максим Димитриевски, кој на изборите учествува со поддршка на неговата партија ЗНАМ, од февруари е на Тик-ток. Има само двајца следбеници. На оскудниот профил, објавил само едно видео со насловната фотографија.

Тик-ток е најновата социјална мрежа на која се сетија политичарите. Веќе традиционално се присутни на Фејсбук, Инстаграм и на Јутјуб.
Обидот да допрат до младите гласачи е очигледен, но дали има ефект?

360°: Каде ги дознавате програмите на кандидатите за претседател?
„Бидејќи не гледам вести, преку социјaлни мрежи првично.“
360°: Дали мислиш дека се добри, дека знаат да ги користат социјалните мрежи?
„Не.“
„На Тик-ток да, на социјални мрежи исто има…“
360°: Популарни се, сакате да кажете, знаат да користат или?
„Па, не, не знаат толку да користат, само ние таму ги гледаме рекламите.“
360°: А, дали мислиш дека треба повеќе да се поврзуваат со младите?
„Па, да, претпоставувам особено преку такви социјални мрежи, коишто младите повеќе ги користат, типичен пример е Тик-ток.“
360°: Како ги дознавате програмите на кандидатите за претседател?
„Преку телевизија, преку видеа на Јутјуб и преку општо искуство бидејќи сум на факултет, тоа ни е некоја домашна.“
„Обично ги прескокнувам рекламите, не ги гледам, не обрнувам многу внимание.“
„Мислам дека 30 години разочаран народ тешко ќе биде да го убедиш, ама тој што ќе биде прв, со среќа да му е, според мене.“

Ние разговаравме со десетина, но Институтот за комуникациски студии (ИКС) праша 350 млади на возраст од 18 до 29 години и доби потврда дека тие најмногу се информираат од социјалните медиуми.
Прв извор им е Инстаграм со 74 отсто, потоа Фејсбук со 62 отсто, на Јутјуб следат 45 отсто, на Тик-Ток – 30, додека на Икс, или поранешен Твитер, се информираат најмалку, 18 отсто од младите испитаници.
„Тоа што е забележително е дека младите луѓе кога ги користат социјалните мрежи, тие главно пасивно ги консумираат вестите, односно наидуваат на вестите додека прават други работи, а многу поретко самите активно ги бараат и ги проверуваат информациите“,
вели за „360 степени“, Дејан Андонов – програмски координатор во Институтот за комуникациски студии.

Видеото е сè уште најефективната алатка и го држи вниманието само 7 секунди, кои се клучни за да се пренесе пораката. А, тоа што се на социјални мрежи, не значи дека младите и не се љубопитни за политичките случувања.
Истражувањето на ИКС покажало дека кај нив постои голема заинтересираност за јавните работи во државата. Дури 65 проценти кажале дека ги интересираат јавните работи, околу 40 проценти кажале дека излегле да гласаат, а околу 17 проценти дека повремено излегуваат да гласаат.
„Тоа значи дека постои потенцијал кој политичките актери треба да умеат да го искористат и освен предноста што ја имаат дигиталните платформи или социјалните медиуми за полесен пристап до информации, поголема разновидност и онлајн интеракција, секако треба да се има предвид во кампањите да се интегрираат и физичките непосредни средби и јавни дискусии и со млади луѓе, бидејќи на таков начин тие ќе се поттикнат на одредено однесување или, пак, да ги охрабрат да бидат повеќе граѓански и политички активни“,
смета Андонов.
Без разлика дали зборуваме за Тик-ток, Инстаграм, Фејсбук, Јутјуб или Икс, заедничко за сите е дека не е важно само да отворите профил.
Џабе се профилите ако содржините не се приспособени да го зграпчат вниманието на младите – тема на која сè уште имаат за учење нашите политичари.