Демонстрантите во Даблин се собираат пред амбасадата секој ден од почетокот на руската воена инвазија врз Украина

За време на антивоените протести пред руската амбасада во Даблин, Ирска, неидентификуван маж со камион ја срушил оградата на влезот во амбасадата, додека демонстрантите збунето набљудувале што се случува, пренесува „Ајриш Тајмс“.
Во видеата на социјалните мрежи, се гледа како камионот со голема приколка вози наназад и ја руши оградата на руската амбасада, што било поздравено и со аплауз од страна на некои од присутните.
Откако ја срушил влезната ограда, возачот на камионот се претставил како „работник“ од ирското село Леитрим, па додал дека полицијата веројатно ќе го приведе откако го направил тоа.
За време на приведувањето, кратко рекол: „Јас го направив својот дел од работата, остатокот е на вас“, пренесува споменатиот медиум.
Демонстрантите во Даблин се собираат пред амбасадата секој ден од почетокот на руската воена инвазија врз Украина.
Дваесетина минути пред доаѓањето на камионот, неколку демонстранти го блокирале влезот на амбасадата, со цел да ги спречат вработените да ја напуштат.