Прва половина на октомври – оптимални услови за старт на есенската сеидба. Во Пелагонискиот регион дел од земјоделците имаа купено семе и веќе ги подготвуваа нивите. За добар род, внимаваат да е сертифицирано, а потоа и добро наѓубрено.
„Вршиме припрема. Беше посеано сончоглед, го тањиравме и сега ќе ораме за припрема за пченица“
вели земјоделец од прилепското село Тополчани.

Овој земјоделец од прилепско Тополчани се обидува да живее и од сточарство, но…
„Чував 20 крави. Од 20, сега пет. Затоа што млекото е неисплатливо. 20 денари млеко и субвенции 3,5 денари – 23,5 денари. А млекото е 90 денари, кило јогурт – 80 денари. Многу голема разлика и затоа не ни се исплаќа да ги држиме повеќе кравите.
–Стигнуваат ли редовно субвенциите?
Субвенциите стигнуваат, ама тие што се, се малце према работата, исхраната е скапа, луцерката е скапа. Треба да се произведе.“
додава нашиот соговорник.
Субвенциите се важни за земјоделците. Секоја задоцнета исплата води кон неизвесност, па и неодржливост на производството. А право на субвенции има речиси секој регистриран земјоделец или околу 80 илјади корисници.

Но, субвенциите се важни и за сите даночни обврзници бидејќи, според податоците што ги обезбедивме од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, годишно Буџетот го чинат околу 110 милиони евра. Или, во последните цели пет години, од 2017 заклучно со 2021 година, исплатени се околу 552 милиони евра за субвенции во земјоделството.

За да се добие парче од колачот, во моментов не се бара многу – треба да бидете регистиран земјоделец, да немате долг за вода или други давачки и да докажете дека земјиштето што го работите или животните што ги одгледувате се ваши. Кај животинското производство и така и така, но кај растителното – најголем дел од субвенциите се делат според површина и културата што е засадена, а не според количината и квалитетот на производството.
Сега Владата сака да направи реорганизација на системот со цел поголем дел од субвенциите да се добиваaт за произведеното.
„Значи, ако кај нас, за еден хектар субвенција за лозов насад е 40 илјади денари, во Хрватска или во Словенија, како најблиски примери ќе ги дадам, за да дојдеш до 40 илјади денари за твојот хектар лозов насад, треба обавезно да имаш кроење на зелено, обавезно. Почитување на агротехнички мерки, вкрстена сообразност итн. Со триста инспекции за да дојде до некоја таква фаза. Значи, основната субвенција што кај нас ја категоризираме како 40 илјади денари, досега основна, таму е 200“,
изјави Никица Бачовски, директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој.

Со пауер-поинт презентација и примери како е во ЕУ, владините претставници од ресорот земјоделство ги презентираат измените пред земјоделците. Една таква средба се одржа во општинската зграда во Кавадарци, а во фокус, разбирливо за регионот, беа лозарството и овоштарството.
Државните претставници објаснуваа дека не се кратат парите за субвенции, но ќе се делат по други критериуми. Дел од парите ќе се добиваат како досега, за површина на насадот. Остатокот, за да се дојде до сегашната поддршка, ќе зависи од произведеното што, пак, ќе се докажува со фактури од откупувачите.
„Основните субвенции остануваат исти како сегашните што се или се само 30% од сегашните? Плус има ли ограничено граница колку по хектар килограм грозје треба да се произведе, за да се фати дополнителната мерка?“
праша еден од лозарите на средбата.
„За основната субвенција што велиме 30% е 12 илјади денари, за дополнителната од 28, може да се искористи оваа декларација каде вие прикажувате колку производство имате“
рече Трајан Димковски, државен советник во Министерството за земјоделство.

„Каков документ ќе земам јас, на пример, од Есим од Росоман? Или од Муса од Струга? Како? Мене тоа не ми е јасно? Вие велите 30% ќе ми ги дадете до Нова година, рестото како ќе ги добијам?
–Значи, тој што сака да го откупи, а не е регистриран, ќе отиде, не знам, кој има таму регистриан во Росоман или не е битно, ИКС- фирма, ќе отиде ќе си ги откупи преку него.
Ама не откупува никој жив. Ако не се прекупците сето ќе го фрлиме за оваа година, што зборувате вие? Јас имам проблем со кајсијата. Во Росоман им ја носиш на тие што имаат регистрирано фирма за извоз, па те прави будала. Во јајцето влакно бара и сум принуден да му дадам на еди-кој си. Како ќе докажам, еве одговорете ми како ќе докажам?
реагираше еден од земјоделците.

Дали и како ќе бидат земени предвид овие забелешки на земјоделците не успеавме да добиеме став од надлежниот министер за земјоделство Љупчо Николовски. Имавме договор да направиме интервју со него по средбата во Кавадарци, но тој пред земјоделците и пред нашата камера се појави само за поздравниот говор, по што замина и не се врати.

Остана на директорот на платежната агенција да ги брани причините за нов модел на субвенции. Како, на пример, дека сега нема начин како да се контролираат сите добитници на субвенции.
„Едно е да правиш контрола на 30 илјади баратели како што имаат Словачка, Чешка. Тие држави ги земам зашто им ги знам примерите, а едно да има контроли 7% на 70 илјади корисници. Опфаќаш многу мала категорија која и кај мала категорија , резулатите се фрапантни. Луѓето кои што имаа разлики од 30 до 100 проценти, разлики кои што според закон за земјоделство и рурален развој рефлектираат одредени санкции понатаму, беше огромен. И таа категорија ни е важна нас да ја фатиме и да ја исклучиме од субвенционирањето, а да се насочиме кон она што вистина се занимава со земјоделство и навистина обработува“
објасни Бачовски.

Со новиот модел ќе се направи ревизија и на тоа што се` ќе се субвенционира. За грозјето, нема дилема дека ќе остане на списокот, но одредени култури во овоштарството ќе отпаднат. Дополнителни субвенции, на пример, повеќе нема да се исплаќаат за малини, капини, боровинки, калинки, мушмула, дуња, бадеми, ореви и костени.
„Во сите други гранки гледаме дека има едно раздвојување дали ти одгледуваш куртовска капија или одгледуваш морков. Што ни е важно и дали ни е еднакво важно ќе се согласиме дека не ни е еднакво важно. И нееднакво нема веќе да го третираме еднакво, зашто во моментот тој што одгледува и тоа и тоа, зема исти субвенции“
изјави Бачовски.

Професорот и поранешен декан на Земјоделскиот факултет Драги Димитриевски, се согласува дека македонската земјоделска политика треба да се прилагоди на европската. Но, стравува дека власта ќе го воведе новиот модел на субвенционирање набрзина и без анализа, што пак ќе ги погоди земјоделците.
Димитриевски вели дека ресорното министерството треба детално да образложи како ќе го спроведе субвенционирањето и од кои фондови ќе се обезбедат парите.
„Колку што слушнав, дополнителните плаќања ќе одат од Интервентниот фонд, ама Интервентниот фонд не ни е позициониран законски. Тоа е сега со законот за Буџетот за оваа година, ама тоа треба понаку да се среди. Не ни е донесен законот за заедничка организација на пазарите или „Комон маркет организејшн“. Треба да се донесе за одредени потсектори не пострадаат во таа трансформација. Да речеме, лозарството во моментот добива 45-46 илјади по хектар за одржување на насадот, ако го трансфромираме во шемата за единствено плаќање ќе падне на 12-13 илјади или можеби 15 илјади денари. Значи, ќе се загубат сериозни средства“
вели Драги Димитриевски, универзитетски професор на Земјоделскиот факултет, УКИМ – Скопје.

Во изработката на новиот модел на субвенции се вклучени и претставници на земјоделски здруженија. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Петар Стојковски, вели дека е рано да се зборува за ефектите, но како позитивен пример ги посочува годинешните дополнителни мерки што се спроведоа како пилот проект за зрнестите култури.

„Мерката која беше воведена – дополнителни субвенции покрај редовните, мораме да го кажеме како позитивен пример дополнителните субвенции за сончоглед и за пченка, според мене, вложи во плод затоа што се посеаа доста, поголеми површини во зависност од минатата година и сончоглед и пченка. Тоа значи дека, сепак, можеби, нецелосно, но делумно сме задоволни од она што дополнителни мерки воведе Владата на РМ“
вели Петар Стојковски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Новиот модел на субвенционирање веќе го помина владиниот филтер. За да стапи на сила од јануари, како што планира Владата, треба да помине и низ еден друг филтер – земјоделците. Барем од она што ние го видовме на терен, тие засега не се воодушевени.