Првиот случај на заразен со коронавирус во Македонија беше регистриран на 26 февруари. 50-годишна жена, враќајќи се од Италија, освен својот личен багаж, во земјава го донесе и вирусот.

Пациентката е позитивна за вирусот ковид-19, што значи дека таа е првиот пациент во Скопје дијагностициран заболен со овој причинител.

Неколку дена подоцна се појавија уште двајца заразени – во Центар Жупа. Кога бројката на заболени во таа и во соседната Општина Дебар се зголеми на 13 лица, Владата на 12 март донесе одлука да го стави регионот под карантин.

Доколку има проценки дека треба нешто да се промени или да се продолжи таа кризна состојба, институциите ќе носат нови одлуки.
На 18 март претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба на територијата на цела земја.

„360 степени“ споредува – кога и какви мерки донесоа македонските, а кога и какви мерки властите на соседите во борбата со ковид-19.

Кога вирусот кој се појави во градот Вухан во Кина почна да се шири низ светот, првиот чекор што го презедоа македонските власти беше поставување термални камери на скопскиот аеродром.

Од 27 јануари сите патници кои имаа покачена температура беа подложени на посебен третман, детално интервјуирање, а доколку има потреба и ставање во изолација.

Така беше до 18 март, кога Владата го затвори скопскиот аеродром за патнички летови. Дозвола за слетување оттогаш имаат само хуманитарни, воени, државни, медицински, санитарни и карго-летови.

Белградскиот аеродром „Никола Тесла“ беше затворен веќе следниот ден, на 19 март. Токму реакцијата на српските власти најдобро покажува како за неколку недели се смени перцепцијата за ковид-19.

Не можам да верувам дека народ кој преживеа санкции, бомбардирање, секакви малтретирања, се исплаши од најсмешниот вирус во историјата на човештвото кој постои на Фејсбук.
изјави Несторовиќ.

Подоцна, токму насмеаниот Вучиќ, во чие присуство беше дадена оваа изјава, обвини дека докторот не бил разбран.

Не можам да ја издржам таа неправда некој да ги напаѓа овие лекари тука, да го напаѓаат докторот Несторовиќ, да ги напаѓаат луѓето кои се сериозни и одговорни. Зборуваат „најсмешен вирус“, немојте да лажете. Никој не рекол дека е „најсмешен вирус“.
тврдеше Вучиќ.
Прва земја во регионот која ги затвори аеродромите за комерцијални летови со одредени исклучоци беше Бугарија, на 14 март. Следуваше Косово на 16 март. Останатите тоа го сторија по Македонија – Грција на 22 март и Албанија на 23 март.

Една од мерките за заштита со најмногу влијание на граѓаните е затворањето на образовните институции. Во Македонија тоа се случи на 10 март.

Неколку дена подоцна министерот за образование и наука ги повика образовните институции да почнат со онлајн-настава.

Со која ќе им помогнат на учениците и на студентите да продолжат да се надградуваат согласно наставните и студиските програми да го совладаат тоа што треба во овој кризен период.
изјави Адеми.
Пред Македонија, образовните институции ги затвори Албанија, на 9 март. Грција го стори тоа во ист ден со земјава, на 10 март, а следниот ден, на 11 март, и Косово ги затвори училиштата и факултетите. Останатите подоцна – Бугарија на 13 март, Србија на 16 март.

Тоа што системот за електронско учење стартуваше за само 3 дена покажа дека учителите сепак се подготвени.
изјави В’лчев.
Неизбежно беше по сите претходни апели и препораки на властите, на крај, да се донесе најтешката одлука – воведување вонредна состојба. Македонија тоа го стори на 19 март.

Два дена подоцна беше воведена мерката полициски час.
Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање. Мерките мораме сите да ги почитуваме и само така ќе ги спасиме и народот и државата.
изјави Спасовски
Споредено со земјите од регионот, Македонија доцнеше со прогласувањето вонредна состојба. Бугарија го направи тоа на 13 март, Србија на 15, Косово на 16 март. Само Албанија чекаше подоцна од земјава, до 25 март.

Грција го активираше доверливиот план „Артемис“, за справување со ковид-19, кој вклучува и мобилизација на армијата. Притоа, треба да се каже дека вонредна состојба подразбира различни работи во секоја од државите.
На пример, иако Албанија последна прогласи вонредна состојба, тоа е земјата во регионот која прва почна да спроведува полициски час.
Албанија ја воведе мерката на 12 март, следуваше Србија на 18 март, а последна тоа го стори Грција, на 23 март, два дена по нашата земја.

Останатите земји во регионот немаат полициски час. Во Косово, премиерот Албин Курти донесе таква одлука, но таа беше поништена од Уставниот суд. Во Бугарија, пак, полициски час има само во одредени региони.