Според податоците од последниот попис, само еден од три станови во државата се квалификуваат за „енергетски ефикасни“. Највисок процент на енергетски ефикасни домови има во општина Желино (68,9%), а најнизок во општина Могила (5,5%)
Колку жители на земјава се Македонци, колку се Албанци, или Бугари или Турци или Роми или Срби… и пред и по пописот, прашањето за етничката припадност беше централно за политиката и за јавноста.
Но, пописот не беше само за тоа.

Едно од клучните прашања важни во моментов, а на кои пописот даде одговор, е колку станови во земјава се енергетски ефикасни.Бројките велат, само 34%, односно само еден од три стана се енергетски ефикасни.
Но, разликите од општина до општина се драматични…

Во Желино, Врапчиште, Боговиње, Гостивар и Карпош, како енергетски ефикасни се попишани меѓу 70% и 60% од становите. На другиот крај на листата, во Старо Нагоричане, Демир Капија, Македонски Брод, Чешиново-Облешево и Могила, како енергетски ефикасни се попишани меѓу 8% и 5% од становите.

Како Желино е општината со највисок процент на енергетски ефикасни објекти во Северна Македонија? И од воздух и од земја, јасно е дека една причина е што во Желино се градат многу нови објекти. Бргу дојдовме и до заклучокот дека најголем дел од тие објекти се на иселеници.

–Зошто повеќето куќи се енергетски ефикасни?
„Бидејќи мнозинството се печалбари, тогаш кога дојде системот и тие што не се на печалба, над 90% имаат ефикасни фасади“.
–Дали општината субвенционира во оваа насока?
„Не, не, ниту општината ниту државата, никој“.
вели жител на Желино.

„Од печалба ја зедоа, фасадата дојде од странство оти таму ги градат одамна со стиропор, со изолација, тие што ги градат сега куќи, сите се направени со изолација.Без изолација нема куќи, само оние стари куќи што останаа“.
вели друг жител на Желино.
Најдовме и постојани жители на Желино кои неодамна ставиле енергетски ефикасна фасада. Велат разликата е голема.

„Во времето кога немав фасада беше поладно, трошевме повеќе дрва, но сега сме подобро“.
рече жител на Желино.
И додека во Желино очигледно расте свеста за енергетската ефикасност на објектите, греењето се уште е на традиционални извори.
–Со што се греете сега?
„Се грееме на дрва, не трошиме многу“.
–Сега откако имате фасада?
„Сега трошиме помалку дрва отколку кога беше без фасада“.
додаде жител на Желино.

„Се грееме на парно речиси една година, додека порано се греевме на дрва“.
-Каква е разликата?
„Разликата е подобра, но сега имаме проблем со пелетите – и скапи се и не се наоѓаат“.
вели жител на Желино.
Општината Желино нема пари за да ја зголеми енергетската ефикасност. Градоначалникот Блерим Сејдиу вели дека помагаат со совети.

„Пред да почнат со постапките за добивање одобрение за градба, ги советуваме да внимаваат на изолацијата, фасадата да биде што е можно подобра, прозорците на куќата – што е можно подобри, затоа што тоа е единствениот начин што ќе ги направи задоволниво иднина и, нормално, дека ќе има корист целата заедница, целото општество и целата животна средина“.
вели Сејдиу.
Домаќинствата во Желино можеби се први по енергетска ефикасност, но што е со јавните објекти? Градоначалникот вели дека најголем дел од училишните згради се реновирани, но и дека ќе бара помош од Владата.
„Ние како Општина Желино имаме многу иновативни проекти, во соработка со УНДП, но дел од нив ќе ги доставиме и до Владата за да имаме позитивен одговор, да им понудиме на нашите граѓани што поскоро и што е можно подобро таква инвестиција каде и тие ќе се мобилизираат и потоа ќе станат свесни и ќе инвестираат гледајќи колку е ефикасно“.
рече Сејдиу.

Единствената општина меѓу првите 5 по енергетска ефикасност која не е од полошкиот регион е Карпош. Како и во Желино и овде се градат нови објекти. Но, во исто време, општината субвенционира енергетски ефикасни фасади и прозорци на старите станбени згради, а работи и на јавните објекти.

„Можете да замислите колкава заштеда имаме ние во училиштата со тоа што имаме енергетски ефикасни фасади и со тоа што имаме енергетски ефикасни прозори? Во исто време, колективните згради на кои, исто така, сме инвестирале како општина придонесува за помала потрошувачка на енергија од страна на самите станари. Сите значи доводот на топлинска енергија може да го намалат, а во летно време им треба помалку за ладење за тие станбени објекти“.
вели Јакимовски.
Жител на општина Карпош, кој живее во зграда чија енергетски ефикасна фасада е направена со субвенции на општината, вели дека разликата е очигледна.

„Мислам дека многу помагаат секогаш вакви фасади и на ваков начин, многу е подобро. Тогаш кога ни ја менуваа фасадата, прозорците ние ги финансиравме, а фасадата општината“.
рече жител на општина Карпош.
Но, субвенции за енергетска ефикасност во Карпош не можат да добијат сопственици на куќи, а кај зградите, добиваат само ограничен број.
Зградата во која живее овој граѓанин, на пример, нема енергетска фасада.

„Па, најверојатно, ако имавме таква фасада, енергетска ќе биде, можда нема да биде поладно него помалку енергија ќе потрошиме за да постигнеме таа темепература“.
вели жител на општина Карпош.
Градоначалникот Јакимовски одговара – помош за фасади може добиваат само станбени згради, но индивидуалните домаќинства се повластени за други работи.

„Точно е дека добиват субвенции колективните згради за енергетски ефикасни фасади. Точно е дека добиваат за лифтови, исто така, енергетски за колективните згради. Меѓутоа, најмногу корист при замена на азбестните кровови се индивидуалните градби, и најмногу корисници на повластицата легализација по 1 евро и откуп на земјиште по 1 евро се токму пак индивидуалните домаќинства. Што значи дека и едните и другите на одреден начин имале бенифиции од локалната самоуправа“.
рече Јакимовски.
Карпош е само една од 10-те скопски општини. А Скопје, не е исклучок од впечатокот на ниво на цело држава – дека постојат драматични разлики од општина до општина.

Покрај Карпош, каде 60% од становите се енергетски ефикасни, Кисела Вода и Аеродром се единствените каде енергетски ефикасните објекти се побројни од оние неефикасните. Во Сарај, Гази Баба, Бутел, Центар, Ѓорче Петров и Чаир енергетски ефикаснисе меѓу 50% и 40% од становите, додека на дното е Шуто Оризари каде енергетски ефикасни се само 23,2% од домовите.