„360 степени“ ја помина изборната вечер во Струмица, на релација меѓу изборните штабови на политичките опоненети, а потоа и по улиците на градот додека траеше славјето на ВМРО-ДПМНЕ
Дваесет години му беа потребни на ВМРО-ДПМНЕ за да го симне СДСМ од тронот во Општина Струмица. Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ френетично славеа до доцните часови. Општинската организација на СДСМ ги затвори вратите за јавноста. Ваква беше сликата по објавувањето на резултатите. Што и претходеше на ваквата атмосфера?
По заклучувањето на вратите на основното училиште „Сандо Масев“, во 19 часот, започна пребројувањето на гласовите и таму и низ цела држава. Приврзаниците на СДСМ, во бранови, започнаа да се собираат пред партискиот штаб. Некои како да сакаа да се скријат од камерата.
Внатре, пак, покрај фотографиите од поранешниот градоначалник и премиер Зоран Заев, во исчекување на резултатите, нервозно се „чепкаше“ по телефоните. Иако првично ни беше дозволено да снимаме внатре, по првите официјални податоци, се смени и односот кон нас
И од надвор, се обидовме да добиеме мислење за очекувањата од гласањето. Само еден повозрасен граѓанин ни одговори дали очекува победа. Атмосферата пред централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ беше сосема друга. Во живо се следеше пребројувањето на гласовите, а приврзаници фаќаа место на плочникот пред зградата.
За разлика од пред штабот на СДСМ, тука граѓаните беа расположени за разговор. Кога веќе стана јасно дека победата е на прагот, започна славјето. Возилата со бајраци на ВМРО-ДПМНЕ кои почнаа да доаѓаат од сите страни навестуваа дека градот, сакал-нејќел, ќе заспие подоцна од вообичаеното. Во штабот меѓу присутните беше и пратеничката Ели Панова.
„Јас сум уверена дека од утре Општина Струмица ќе напредува како никоја друга општина, пред се, бидејќи ја имаме поддршката од страна на Владата“,
рече пратеничката Панова.
Кога се стана јасно на прес-конференција се појави и кандидатот за градоначалник Петар Јанков.
„ВМРО-ДПМНЕ после долги години извојува убедлива победа во Струмица, со тоа струмичани го соборија бастионот на СДСМ овде“,
рече кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Прославата се пресели по улиците на градот, блокирајќи сообраќај и семафори во централното градско јадро.
Конвојот помина и пред штабот на СДСМ. Кај поразените, немаше прес-конференција, а иако неколкупати се обидовме да стапиме во контакт со кандидатот Маријан Даскаловски, одговор не добивме.
Утредента, кога еуфоријата спласна, ги прашавме струмичани, кои се очекувањата по промената на локалната власт. Последен пат кадар на ВМРО-ДПМНЕ раководел со општината од 2000 до 2005 година. Оттогаш, во пет мандати, на чело беа тројца градоначалници од редовите на СДСМ. До вчера.