Браната на реката Отиња кај Штип, најавувана и планирана со децении, конечно почна да се гради, но сега се поставува прашањето – дали ќе има доволно вода за да се наполни вештачкото езеро? Дилемата се чини логична кога во Штип, особено во топлите месеци, ќе ве дочека празно корито на Отиња. „360 степени“ трагаше по одговорите за целисходноста на проектот кој првпат се спомнува уште пред пет децении
Во долината во непосредна близина на Штип треба да се наполни новото вештачко езеро на сливот на реката Отиња. Со максимална длабочина од речиси 30 метри и три милиони кубни метри вода, ќе биде една од помалите акумулации во земјава.
Езерото е децениски сон на штипјани, вели новинарот Иван Бојаџиски.

„Па, најмалку половина век. Тоа е минималното време за кое јас најдов аргументи. Најдов мои текстови пишувани во 70-ите година на минатиот век дека Штип цврсто стои зад потребата од изградба на еден ваков проект, реализација на брана на реката Отиња“,
вели Иван Бојаџиски – новинар од Штип.
Акумулацијата не би се користела за земјоделство или енергетика, туку за наводнување зелени површини, интервентно водоснабдување, спорт, рекреација, а треба штити и од поплави.

„Предвидено е за туристички намени, предвидено е како рекреативна зона, таму ќе се изградат ресторани, викендици, предвидено е за спортски риболов и спортови на вода. Повеќенаменска е и од тој аспект браната е една неминовност што ние ја градиме 50-60 години. Еве сега некаде сме пред реализација на тој важен проект“,
додава Бојаџиски.
Изградбата на браната почна во јули 2021 година. Тогаш беше најавено дека ќе чини речиси пет милиони евра и ќе заврши за две и пол години.
„Ги гледаме првите градежни машини овде позади нас што работат на изградбата на река Отиња“,
рече Зоран Заев – премиер на РСМ (23 јули 2021 г.).
„Еве тоа е тоа што со години и децении наназад беше најавувано, а оваа Влада и оваа локална самоуправа денеска тоа го прави“,
рече Благој Бочварски – министер за транспорт и врски (23 јули 2021 г.).
Но, кога денес минувате низ Штип погледот го привлекува една „сува“ глетка. Во коритото на реката Отиња што минува низ Штип голем дел од годината нема ниту капка вода. Поради ваквата хидролошка состојба се отвори дебатата дали има логика на оваа река без река да се гради брана.

На некои интернет-портали се појавија вакви наслови:

А по една година од почетокот на градбата, новинарите за ова го прашаа лично министерот.
„Согласно можностите, ќе ги гледаме и приликите, дали ќе има потреба од дополнително дополнување на вода во браната на река Отиња од одредена друга акумулација“,
рече Благој Бочварски – министер за транспорт и врски (24 јуни 2022 г.).
Невообичаено топлите денови за овој период од годината се користат за да се работи на темелите на идната брана која ќе биде камено-насипна. Тоа значи дека нема да се гради од бетон, туку од локален материјал.
Геологот Љупчо Кулаков, кој е дел од надзорниот тим на „Градежен институт Македонија“ вели дека, според истражувањата што ги правеле врвни стручњаци, изградбата на браната се смета за исплатлива.

„Станува збор за една река што има доста променлив карактер односно променлив проток и буичен карактер. Доста често, на периоди од отприлика 7-8 години има огромни количини на проток на вода кои, за споредба, во 2015 година изнесуваа и повеќе од 10 кубици во секунда, на моменти, како пикови. Оваа количина вода за неколку дена, доколку тече, може да ја наполни целата брана, меѓутоа зависи од хидролошката состојба односно од самите врнежи од дожд, пред сè, од снег“,
смета Кулаков.
Професорот на катедрата за хидротехнички објекти на Градежниот факултет во Скопје Љупчо Петковски, кој учествувал во изработката на проектот за браната, вели дека тој бил комплетиран уште во 2003 година. Подоцна со развој на науката и технологијата е ревидиран. Тој вели дека уште кога е правен идејниот проект во 2001 година имале податоци од хидролошката анализа.

„Добиен е податок дека средното протекување е некаде 0,17 метри кубни во секунда. Значи, некогаш може да има некој подолг сушен период и да не истекува ништо на рекичката Отиња. Вие баш во таков момент сте ја сликале, меѓутоа зборувам за средно годишно протекување. Ако корисниот простор на акумулацијата е три милиони, има голема веројатност таа акумулација да биде во поголем број од годините полна до кота на нормално ниво. Тоа е и главната причина зошто го градиме овој хидро систем“,
вели Петковски.
Во Управата за хирометеоролошки работи нема записи за хидролошки мониторинг на штипска Отиња. Сепак, хидрологот Васко Стојов на поинаков начин успева да добие податоци за протокот на вода.

„Во непосредна близина се наоѓа хидролошката станица „Штип“ на река Брегалница и при вршење хидрометриски мерења на оваа станица во непосредна близина на Отиња секогаш било забележувано дека низ Отиња течат мали количини вода. Со пресметки е добиено дека од прилика низ Отиња течат околу 150 литри во секунда“,
смета Стојов.
Иако во летниот период реката пресушува, Стојов вели дека просечниот годишен проток од 150 литри во секунда е доволен гарант за одржување на нивото на акумулацијата.
Идното езеро се очекува да ја измени и микроклимата во Штип.
„Во услови на екстремни температури во сушните делови од годината, кога температурите се доста високи, ќе овозможи намалување на температурата на воздухот од еден до два степени, а во време на екстремни зимски температури ќе придонесе во покачување на температурата на воздухот за еден до два степени“,
додава тој.
Покрај пепел суво корито, штипјани паметат и кога во февруари 2013 година имаше поплави. Отиња надојде до ниво да се излее, а Брегалница која минува покрај Штип поплави повеќе предели.

„Овде беше реката до горе, само што не прели на улиците. Не го сруши, но беше во опасност овој мост да се сруши. Го полави Ново Село. Тоа е на крајот од Отиња долу каде што Отиња се влева во Брегалница“,
раскажува новинарот Бојаџиски.
Ако хидролошката анализа е поволна и вештачкото езеро е толку посакувано, зошто половина век е само идеја?
Новинарот Бојаџиски вели дека идејата за изградба на браната секогаш била предмет на политички препукувања и кочници меѓу двете најголеми политички опции во земјава, без оглед кога и кој бил во локалната или централната власт.
„Во таа вечна борба кој да биде реализаторот на оваа огромна и неопходна идеја за Штип секогаш се ставале политички препки, препки од политичка природа,“
вели Бојаџиски.
Овој пат, барем засега, не е така. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, дава целосна поддрша за реализација на проектот, но има друга задршка.

„Клиничката болница во Штип остана еден нереализиран проект, а е од суштинско значење за градот. Од тој аспект, поучен од минатото, малку сум скептичен во тоа дали во целост ќе се реализира овој проект кој дефинитивно, ако го види светлото на денот, ќе генерира развој на градот и сè што се прави е добро“,
вели Иван Јорданов – градоначалник на Општина Штип.
Со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, и самиот штипјанец, го посетивме градилиштето на идната брана. Тој не го крие задоволството поради реализацијата на проектот. За дебатата околу поволноста или неповолноста на хидролошката состојба се повика на експертите.

360°: Дали ќе се доведеме до ситуација да се дадат многу државни пари за да се изгради брана која потоа не ќе може да се наполни како акумулација?
„Согласно студиите таква работа не е наведена и согласно проектите, така што еве и ќе повторам дека јас можам да се потпрам на она што го зборуваат и што го изработиле стручните лица, а не на паушални дискусии што секој може да ги наведе во јавноста“,
смета Бочварски.
Штипјани сметаат дека конечно се создадени сите предуслови за остварување на нивниот сон.
„Министерот и премиерот Заев во јули месец лани свечено го најавија почетокот на работите и рекоа за 30 месеци ќе биде. Јас не верувам за 30, но нека биде за 50 месеци. Ние ја чекаме 50 години, можеме и 50 месеци да чекаме“,
вели новинарот Бојаџиски.