По неколкунеделна размена на изјави, Христијан Мицкоски вети зголемување на средствата и вработувањата во судовите и јавните обвинителства за 2026 година и го повика Судскиот буџетски совет и Јавниот обвинител на РСМ да му достават ревидирани буџети и планови, но во момент кога државниот буџет за 2026 година веќе беше пред донесување
При изработката на тој документ, патем, Владата веќе ги имаше одбиено истите барања и на Судскиот буџетски совет и на Јавниот обвинител на РСМ, кои според законските процедури ги поднесуваат во текот на летото. Па, сега, не е јасно во која процедура ќе се исполни ветувањето на премиерот и желбите на судството и обвинителството
Уште од изборот за премиер, не е тајна дека нема многу љубов и разбирање меѓу Христијан Мицкоски и правосудните власти. Но, изминативе месеци, на моменти реториката се вжештуваше до непријателство.
„Јавноста нека каже дали тие заслужуваат па да кодошат таму во Брисел и каде одат дека Владата не им ги зголемува платите“,
рече Христијан Мицкоски – претседател на Влада на РС Македонија (24 септември 2025).

Овој коментар на првиот човек на Владата се случи во еден од циклусите на судирот меѓу правосудството и извршната власт на тема – пари. Премиерот, често, го сведуваше прашањето на притисок за поголеми плати за судиите и обвинителите.
Правосудните власти, пак, повторуваа – во земјата има закони со кои е утврдено дека буџетот за судската власт треба да биде најмалку 0,8% од Бруто домашниот производ, а за обвинителството најмалку 0,4% од државниот буџет.
Никогаш немаат добиено ниту половина од тие пари, а последниве години нема зелено светло од Финансии ниту за нови вработувања, дури ни за замена на природниот одлив.
„Во Јавното обвинителство, тука во републичкото Јавно обвинителство, во сметководство, од десет вработени сега се тројца. Значи, ние не можеме во моментот да направиме завршна сметка.“
„360 степени“: Зошто?
„Затоа што нема лиценца вработениот“,
рече Љупчо Коцевски – државен јавен обвинител (24 ноември 2025).

Минатата недела, во гостувањето во „360 степени“, премиерот Христијан Мицкоски направи крупно поместување.
Мицкоски: „Нека седнат и нека направат објективно колку им требаат истражители, колку асистенти, нека направат систематизација, нека унапредат, eве тие како мислат. Нека им го одобри Судскиот совет, нека им го одобри Советот на јавни обвинители и нас нека нè информираат и нека ни кажат – во буџетот за оваа цел ни се потребни икс парички. Ќе ги одобриме. Еве не им се мешаме.“
„360 степени“: Јавниот обвинител кажа дека три години по ред бара вработувања, ниедно не му одобруваат. Не му одобруваат дури ни за природниот одлив.
Мицкоски: „Јас не знам за пред три години, јас зборувам за сега. Еве, јавно кажувам, јас сум премиер и претседател на Владата година и половина. Еве, за следниот буџет, слободно нека седнат, нека направат потребите, нека ги поминат таму…
„360 степени“: За 2026 или за 2027 година?
Мицкоски: „За 2026 година зборувам.“
„360 степени“: Оти и сега ви се проектирани на нивото на 2025 година.
Мицкоски: „Оставете го. Има ребаланс, има прераспределба. Ако ги потрошат, со ребаланс ќе им надополниме. Не ги ограничува тоа.“

Откако премиерот го смени ставот, се обративме до Јавното обвинителство и до Судскиот совет – дали и што точно ќе преземат за да ги добијат бараните ресурси, како што јавно вети премиерот.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ни одговори дека Обвинителството веќе побарало средства за договорни услуги, како што се, на пример, вештачењата, но и за нови вработувања. Не сега, туку кога било време за тоа.
„Јас не сум упатен детално во постапката за буџетот. Затоа, само ќе истакнам дека од наша страна беше поднесено барање до Министерството за финансии за одобрување на 180 нови вработувања за јавнообвинителски службеници. Од страна на Министерството ни беше соопштено, односно и во буџетот тоа ги нема, дека за наредната 2026 година нема средства за ниту едно ново вработување“,
вели Коцевски.

Според членот 101 од Законот за јавното обвинителство, буџетот на јавното обвинителство изнесува најмалку 0,4% од државниот буџет. Предлог-буџетот го доставува Јавниот обвинител до Министерството за финансии.
„Предлогот… содржи процена за редовните и вонредните работи кои ги врши јавното обвинителство, потребниот број на јавни обвинители и јавнообвинителски службеници, како и други показатели кои се битни… за утврдување на износот на средства потребни за работа на јавното обвинителство“,
пишува во Закон за јавното обвинителство, член 101, став 3.
А, откако ќе биде поднесен Предлогот со сите придружни информации…
„Пред доставувањето на предлогот на Буџетот на РСМ до Владата… министерот за финансии задолжително го усогласува делот на средствата за финансирање на јавното обвинителство со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија“,
пишува во Закон за јавното обвинителство, член 101, став 4.
Законот потоа пропишува што ако нема согласност, но најважното е што сето тоа се случува додека се изработува државниот буџет, често во летните месеци. Со други зборови, законот не предвидува механизам во кој, Јавното обвинителство може сега да поднесува планови за вработување, за работа или предлог-буџет. Тие, впрочем, веќе се поднесени.
„Со оглед дека е почната расправата за буџетот, има можност да се коригира и да има дополнение на буџетот. Така што, верувам дека ќе ни се овозможат нови вработувања, барем одреден број“,
додаде Коцевски.
И претседателот на Судскиот совет, кој воедно е претседател и на Судскиот буџетски совет, Александар Камбовски, вели – она на што сега повикува Владата, судската власт веќе го направи во предлог-буџетот.
„И тоа не е само оваа година. Таа е процедурата, тој е законот и на тој начин работи Судскиот совет односно Судско-буџетскиот совет. Навремено ги испраќа плановите за вработување, навремено го испраќа буџетот во кој се предвидуваат капитални инвестиции, одржување на објекти, комуналии да се плаќаат во судовите. Тоа го правиме секоја година, не е нешто вонредно ова“,
вели Камбовски.

Законот на кој се повикува Камбовски е оној за судскиот буџет. Во него се вели, на судската власт и следуваат најмалку 0,8% од Бруто домашниот производ. Постапката за носење на буџетот е речиси идентична како за Јавното обвинителство.
Само за илустрација, судскиот буџет за следната година би требало да изнесува најмалку 115 милиони евра, ако се пресмета согласно законската одредба како 0,8% од Бруто домашниот производ, имајќи ја предвид последната цела година – 2024-та. Наместо тоа, Судскиот буџетски совет побарал значително помалку пари од тие што им следуваат – 86 милиони евра. Министерката за финансии им одобрила само 45 милиони евра. Притоа, тврдеа од Судскиот совет, одлуката е донесена противзаконски бидејќи воопшто немало постапка за усогласување, како што предвидува законот.
Камбовски, сепак, очекува нивните барања да бидат исполнети поради најавата на премиерот и поради тешката состојба во судството.
„Ситуацијата е уште потешка во службите што се во судовите. Значи сега не е толку проблемот кај судиите, туку имаме огромен проблем во службите. Имаме огромно незадоволство бидејќи се преоптоварени со работа бидејќи ни фалат голем број службеници, работат по две, три, четири работи што ги работат за лица што не се повеќе на работа“,
додаде Камбовски.
Сумирано, и обвинителството и судството веќе имаат поднесено предлог-буџети кои Министерството за финансии не им ги прифатило. Со оглед на тоа дека ниту Законот за судски буџет, ниту Законот за јавно обвинителство не оставаат простор повторно да бараат пари или вработувања во овој период од годината, се обративме во Владата. Прашавме – како планираат да се изведе ветувањето на Премиерот и дали Владата има насока за дополнителна процедура по која би се побарале средствата.
Ни одговорија дека процедурата по која судството и обвинителството го составуваат предлог-буџетот и планот за вработувања, опфаќа и измена на планот кој се доставува до администрацијата и Министерството за финансии.
„Владата очекува Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, доколку проценат дека има дополнителни потреби за нови вработувања, асистенти или истражители, да направат анализа, да ги утврдат конкретните потреби и да го усогласат тоа во ревидиран список со јасни фискални импликации. Откако ќе биде доставен и одобрен од надлежните тела, Владата ќе ги разгледа барањата“,
велат од Владата на РС Македонија.
Значи, иако премиерот и правосудството конечно се усогласија дека државата треба да го одврзе ќесето и за судовите и за обвинителствата, како што предвидуваат и законите, се појави нов проблем.
Во моментов, се чини, нема разбирање или нема законска основа или и двете – како да се побараат и добијат ресурсите кои недостасуваат.
Во меѓувреме, Собранието вчера го усвои буџетот за 2026 година без корекции за правосудството . Судска власт добива 46 милиони евра или два и пол пати помалку од законски предвидениот минимум, а јавното обвинителство – 14,4 милиони евра односно два пати помалку од законскиот минимум. Следната можност за промени ќе биде првиот ребаланс.
