Речиси секој втор граѓанин имаше проблем да се идентификува за гласање преку отпечаток од прст. Таква беше сликата околу 18 часот на избирачкото место бр. 2804 кое се наоѓа во Средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Општината Центар, Скопје.
Додека екипата на „360 степени“ беше присутна на ова гласачко место, на гласање дојдоа седум граѓани. Четворица се идентификуваа според новиот систем, но на другите тројца уредот не можеше да им ги препознае отпечатоците. Не може да се каже дека проблемите се карактеристични само за постарата популација, бидејќи од тројцата што мораа да гласаат „по старо“, само едно лице беше во повозрасни години. Другите две лица чии отпечатоци беа „нечитливи“ беа на возраст меѓу 30 и 40-годишна возраст.

Сите гласачи, на крај, го остварија правото на глас. Разликата, како што покажува видеото, е што избирачкиот одбор и гласачот губат многу повеќе време кога системот не го чита отпечатокот. Во тој случај, потребно е прво да се направи дополнителен обид за да се идентификува граѓанинот со отпечаток од прст. Ако тоа не успее, се користи „традиционална“ идентификација со лична карта, „обележување“ со спреј, но и новината, потпис и оставање отпечаток од прст како доказ дека граѓанинот гласал.
Сепак, барем во 18 часот, проблемите со препознавањето на отпечатоците на гласачите не предизвикаа и застој во гласањето. Во ниту еден момент не се направи редица.